1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалРусија

Руски гувернер повреден во напад со нож

ЖА
5 април 2024

Напаѓач, кој во меѓувреме е уапсен, извршил атентат врз гувернерот на областа Мурманск, Андреј Чибис, прободувајќи го со нож во стомакот.

https://p.dw.com/p/4eRzD
Пристаништето во Мурманск, Русија
Пристаништето во Мурманск, РусијаФотографија: AP

Во северозападна Русија со нож е нападнат гувернерот на областа Мурманск, Андреј Чибис од владејачката партија Единствена Русија и со тешки повреди е примен во болница. 45-годишниот политичар бил итно опериран и неговата здравствена состојба е критична, изјавил надлежен лекар од болницата.

Осомничениот напаѓач е повреден при апсењето од страна на полицијата и исто така е пренесен во болница заради укажување медицинска помош, соопшти синоќа истражниот комитет.

Во Русија инаку ретко се случуваат атентати врз претставници на државниот апарат.

Според истрагата, Чибис пристигнал во градот Апатити на полуостровот Кола на разговор со граѓаните, по што бил нападнат со нож од еден од жителите. Мотивите на напаѓачот не се познати, се испрашуваат очевидци и истрагата е во тек.

Локалните медиуми објавиле дека напаѓачот е 42-годишен вработен во железницата, кој тврдел дека внатрешен глас му наредил да го нападне гувернерот.

Портпаролка на гувернерот за руската државна телевизија изјавила дека Чибис по атентатот самиот успеал да влезе во својот автомобил и да отиде во болница.