Крутихин: Саботажите на гасоводот се во интерес на Гаспром
29 септември 2022ДВ: Господине Крутихин што мислите, дали експлозиите на гасоводите се саботажа?
Михаил Крутихин: Да, дефинитивно. Се работи за саботажа затоа што експлозиите и уништувањето се случиле речиси симултано. Но проблемот е да се утврди кој е виновен. Доколку истражителите ги прегледаат деловите од гасоводот и утврдат дека дупките во цевките имаат рабови кои се насочени надолу кон внатрешноста на цевката, тогаш се работи за експлозија која дошла однадвор и тоа е веројатно сторено од група за саботажа или од подводна опрема. Или, доколку се утврди дека експлозиите се случиле внатре во цевките, тогаш тоа е дело на Гаспром. Гаспром можел со леснотија да испрати нешто, што техничарите го нарекуваат „свиња“. Тоа е робот кој се движи низ гасоводот и многу е лесно да се испрати во цевката до одредена точка и потоа да експлодира, затоа што Гаспром е дефинитивно компанија која профитира од експлозиите.
ДВ: Објаснете ни зошто е тоа така? Како може Гаспром да профитира од овие експлозии?
Крутихин: Гаспром се обидува да му покаже на надворешниот свет дека го намалува протокот на гас кон Европа поради некаков технички проблем, како несигурни турбини или потреба од поправки. Но, Сименс, компанијата која ги одржува гасоводите докажа дека тоа не е точно. И сега на Гаспром му е потребен изговор.
ДВ: Но зошто би му бил потребен изговор на Гаспром? Овие два гасоводи и онака не функционираат. Обата се затворени. Така што, ако се работи за Гаспром, за руската држава, зошто да се уништуваат два гасоводи кои и онака не работат?
Крутихин: Па, потребно им е некакво објаснување. Тие мораат да покажат дека некој ги уништил овие цевки и дека Гаспром не е виновен. Затоа што ако Гаспром му докаже на светот дека намалувањето или сопирањето на испораката на гас е предизвикано од виша сила, под некои околности кои се надвор од контрола на Гаспром, тогаш Гаспром не мора да плаќа казна за прекршување на договорите и неиспорачувањето на потребните количества гас.
ДВ: Колку ќе биде тешко тоа да се утврди... Можно ли е недржавен актер да биде инволвиран во ова?
Крутихин: Сѐ уште не знаеме, но тоа е многу решителен акт, без оглед дали доаѓа одвнатре или однадвор. Мислам дека истрагата тоа ќе го покаже. А проблемот е што за поправка на тие цевки ќе бидат потребни повеќе месеци.
Михаил Крутихин е аналитичар и консултант за нафтената и гасната индустрија и политиката во Русија. Тој е ко-основач и аналитичар во консултантската куќа RusEnergy во Москва.