1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Конфузија околу ревидирањето на границата во Балтичкото Море

ЕМФ / дпа
22 мај 2024

По веста дека Русија наводно планира промена на своите поморски граници на Балтичкото Море, соседите се во состојба на аларм.

https://p.dw.com/p/4g8tm
Бродови од различни нации на маневри во Балтичкиот регион
Бродови од различни нации на маневри во Балтичкиот регион (архивска фотографија)Фотографија: cc-by-U.S. Navy

Руски предлог закон за можно редефинирање на поморските граници во Балтичкото Море предизвика конфузија и голема возбуда меѓу соседните земји. „Ова е дополнителен доказ дека руската агресивна и ревизионистичка политика претставува закана за безбедноста на соседните земји и цела Европа“, соопшти денеска (22.05) литванското Министерство за надворешни работи.

Реакцијата следува откако вчеравечер во базата на податоци на руската влада беше објавена иницијатива на Министерството за одбрана за „дефинирање на географски координати“ за одредување на граничните линии во различни делови на Балтичкото Море. Иницијативата е образложена со тоа што старите координати воспоставени во советско време биле неточни и не дозволувале да се повлече континуирана гранична линија. Министерството за одбрана посебно се осврнуваа на поморската област јужно од руските острови во Финскиот залив и на деловите во близина на градовите Балтијск и Зеленоградск во регионот Калининград. Пристапот овозможува „соодветната морска област да се користи како руско внатрешно море“, се вели во документот.

Неколку руски агенции, повикувајќи се на извор во воено-дипломатските кругови, денеска објавија дека предложениот закон не се однесува на проширување на руската територија. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека проектот нема политичка позадина.

карта Скандинавија Русија

Во соседните држави е вклучен аларм. Акциите на Русија може да се сметаат за „намерна, насочена и ескалирачка провокација“ со цел да се заплашат соседните земји и нивните општества, соопшти литванското Министерство за надворешни работи. Поради тоа, на разговор е повикан рускиот пратеник, кој треба да даде детално објаснување. Литванија сака да го координира одговорот со своите партнери.

Проценките во Финска се нешто повнимателни. Тамошните власти прво сакаат да ги проверат информациите од руските медиуми. „Русија не контактирала со Финска за ова прашање. Финска делува како и секогаш: смирено и заснована на факти“, напиша претседателот Александар Стуб на платформата X.

Шефот на шведската армија Микаел Биден предупреди од опасноста на амбициите на Москва во Балтичко Море - особено во однос на шведскиот остров Готланд. „Сигурен сум дека Путин дури и двете очи ги има вперено кон Готланд“, изјави Биден за германската медиумска мрежа РНД. „Целта на Путин е да добие контрола над Балтичкото Море. (...) Балтичкото море е исто толку важно за Путин колку што нам ни е важно да остане отворено и безбедно“.