1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев: Македонија треба само да ги впише Бугарите во Уставот

БГ
5 јуни 2026

Во изјава за ДВ од самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, бугарскиот премиер Румен Радев рече дека неговата земја е подготвена да им помогне на „браќата од Северна Македонија“.

https://p.dw.com/p/5EuAV
Бугарскиот премиер Румен Радев
Бугарскиот премиер Румен Радев вели дека неговата земја го поддржува проширувањето на ЕУФотографија: Valentina Petrova/AP Photo/picture alliance

Единственото нешто што треба да го направи Северна Македонија е да ги впише Бугарите во Уставот, за да почне преговори со ЕУ, изјави бугарскиот премиер Румен Радев пред почетокот на самитот ЕУ- Западен Балкан кој се одржува во црногорскиот град Тиват. 
„Подготвени сме да помогнеме на секоја земја што аплицира за членство, особено на нашите браќа од Северна Македонија. Чекаме тие конечно да ја исполнат преговарачката рамка. Имаме консензус од јули 2024 година и чекаме тие конечно да го изменат Уставот и да ги вклучат Бугарите во него. Многу е едноставно. Потребно е да го направат само овој чекор за да се отвори вратата за преговарачкиот процес“, рече Радев. 

Критики од Мерц за ЕУ 

Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати критики кон процесот на проширување на Европската Унија.
„Ако веќе 13 години не сме примиле нови членки, тоа покажува дека пропустите не се само кај кандидатите, туку и на страната на Европската Унија“, изјави Мерц пред средбата во Тиват. 

„Европската Унија мора да покаже дека е способна и подготвена за проширување“, додаде тој. Мерц нагласи дека е „охрабрен од разговорите утринава“, но истовремено предупреди дека „пред нас е уште голем дел од патот“. Сепак, оцени дека задачата е „изводлива“. Според него, некои земји членки „веќе се подготвени“, особено земјата домаќин Црна Гора.  

Германскиот канцелар Фридрих Мерц во Тиват. јуни 2026
Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати критики кон процесот на проширување на Европската Унија.Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Нов француско-германски предлог за проширување 

Франција и Германија, еден ден пред самитот во Тиват, пласираа документ во кој повикаа на „нов импулс“ за процесот на проширување на ЕУ. Со цел да се постигне „вистински европска унија“, потребно е да се обезбедат „дополнителни поттикнувачи во рамките на процес на постепена интеграција базирана на заслуги“, се наведува во документот.

Како конкретна мерка се предлага земјите кандидати, уште пред формалното членство, под одредени услови да добијат целосен пристап до европскиот внатрешен пазар.

Од владини кругови се посочува дека целта е да се поедностави „претерано формализираната и бирократска процедура“ и да се забрза процесот на пристапни преговори. Во суштина, предлогот предвидува „пристап базиран на заслуги и постепена интеграција“.