1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пржинската влада да оди во историјата, но по следните избори

22 април 2026

Предлагачот на измените оценува дека техничката влада со текот на времето се покажала како нефункционална и финансиски неоправдана. СДСМ обвинува за „шверцерски измени“.

https://p.dw.com/p/5Ccm1
Северна Македонија зградата на Владата на РСМ
На денешната седница на Собранието на дневен ред е предлог техничката (т.н. пржинска влада) по следните парламентарни избори да замине во историјатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Техничката (т.н. пржинска влада) која првпат беше формирана за изборите во 2016 година, по следните парламентарни избори да замине во историјата. Тоа е предвидено во текстот на Предлогот на закон за изменување на Законот за Владата, по скратена постапка, каде како предлагач стои Владата, а е на дневен ред на денешната собраниска седница.

Овој  модел на техничка влада  беше производ на Договорот од Пржино од јуни 2015 година, за излез од тогашната политичка криза во земјата. Според Договорот, сто дена пред избори се избира  технички премиер и техничка влада  задолжена за спроведување на изборите, во која опозицијата добива и министри во два ресора - за внатрешни работи, и за труд и социјална политика, како и заменици министри во три ресори - во земјоделие, финансии и во администрација и информатичко општество. Иако овој модел беше предвиден како преоден концепт само за изборите во 2016 година, неговиот живот беше продолжен преку решение во Изборниот законик и во Законот за Владата летото 2018 година.

СДСМ: Тоа е последна линија на одбрана

Отакако предлогот се најде на дневен ред за денешната собраниска седница,СДСМ обвини дека власта шверцерски протнува измени на Законот за Влада. 

„Ваквите закони во времето на СДСМ се носеа со консензус а не шверцерски како што тоа се обидува да го направи владата на ВМРО. Зошто сега турка без согласност на СДСМ? СДСМ предупредува - секој обид за  укинување на техничката влада  во вакви услови е директен напад врз демократијата и слободните избори и ние ќе се спротивставиме. Техничката влада мора да остане затоа што е последна институционална линија на одбрана од злоупотреба на изборниот процес и единствен обид за фер и демократски избори“, реагираат од  СДСМ.

Конгрес на СДСМ 09.06.2024
Техничката влада е последна институционална линија на одбрана од злоупотреба на изборниот процес, реагираат од  СДСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

Оттаму велат дека предлогот е резултат на недостиг од владини решенија за стандардот на граѓаните и заради пад на довербата во  ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓаните се соочуваат со сè повисоки цени и сè потежок живот, а Владата на Мицкоски нема решенија. Нема зголемување на платите, нема мерки за подобар стандард, економијата тоне. Снемува пари. А кога ќе снема пари во буџетот… ете ни избори (...) Ова доаѓа по силниот пад на довербата на граѓаните во ВМРО-ОКГ од над 150.000 гласови“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Не се менува преку ноќ

Во средината на јануари годинава, премиерот  Христијан Мицкоски  свика  лидерска средба на која, меѓу другите теми на дискусија, беше и укинување на техничката влада. По средбата, на која не присуствуваше единствено претседателот на СДСМ,  Венко Филипче, премиерот изјави дека генерално сите се согласиле дека техничката влада треба да се укине, а наведе дека ќе треба да се направат измени во Законот за Влада, зашто има промена во имињата на ресорите.

„Генерално, сите се согласивме дека  техничката влада треба да замине во минатото. Мислам дека треба да покажеме одговорност дека сами можеме да носиме зрели одлуки. (...) Денеска дека една коалиција отсуствуваше. Доколку таа коалиција не го прифати ова носење на измени во Законот за Влада, со што би се избришала техничката влада за следните парламентарни избори, мојот предлог беше да не го правиме тоа на сила, без нивна согласност, туку да донесеме измени на Законот - по следните избори да не важи техничката влада. Ако тие толку инсистираат техничката влада да важи за следните избори, еве измените да не ги опфатат следните парламентарните избори, туку тие што ќе следат потоа“, рече Мицкоски.

Примена на одредбите и за следните избори

Тоа денеска е на дневен ред во Собранието. За фактот дека тој ќе се применува и на следните парламентарни избори говори и предложенот член 16.

„Одредбите од членовите 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 од овој закон ќе се применуваат до денот на објавувањето на конечните резултати и распределбата на мандатите по изборни единици од страна на Државната изборна комисија, за првите по ред избори за пратеници во Собранието спроведени по денот на влегувањето во сила на овој закон“, се вели во текстот.

Нова одредба предвидува бришење на сегашниот член 4, според кој моделот на пржинската влада ќе се применува сè до влезот на Македонија во ЕУ.

„Во Законот за изменување и дополнување на Законот за  Владата на Република Македонија,  во членот 4 запирката и зборовите ‘а ќе се применува до влегувањето на Република Македонија во Европската Унија’ се бришат“, се вели во предложениот член 14.

Се покажа како нефункционална

Во целиот период откако функционира моделот на техничка влада, функционерите во неа од опонентските партии се жалеа на опструкции. И покрај обврската за „врзан потпис“, нивниот конфликт беше видлив и јавен, функционираа „како рогови во вреќа“ и со постојани обвинувања едни кон други.

Предлагачот на измените образложува дека преодната влада во конкретен историски контекст имала одредена стабилизирачка улога, но нејзината континуирана примена со текот на времето се покажа како нефункционална и финансиски неоправдана.

„Формирањето на ваков тип на влада подразбира проширување на извршната власт преку дополнителни министри и заменици министри, дуплирање на надлежности и сложени процедури за одлучување, што директно влијае врз ефикасноста, одговорноста и континуитетот во управувањето“, се посочува во воведот на предлогот.

Притоа се наведува дека заради доследно применување на законските одредби што ја уредуваат таа област, значителни буџетски средства се издвојувале за плати, надоместоци, административна и логистичка поддршка, а без соодветен јавен ефект што би ја оправдал таа финансиска оптовареност.

„Во услови кога политичките партии се насочени кон унапредување на изборната правна рамка, преку јакнење на надзорот на изборниот процес, независните институции и воспоставување јасни и ефикасни механизми за контрола и санкционирање на евентуални злоупотреби за време на изборниот процес, се создаваат услови за елиминирање на објективните причини поради кои беше воспоставен моделот на преодна влада“, наведува предлагачот.