1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приведувањето на новинар ја зовре политичката сцена

ДТЗ
8 април 2024

Фуркан Салиу во неделата навечер ја напушти полициската станица каде беше задржан, но остануваат бројни дилеми и прашања околу мотивите за неговото приведување.

https://p.dw.com/p/4eWwS
новинари
Приведувањето на новинар ја зовре политичката сцена Фотографија: Fotolia/THPStock

Приведувањето на новинарот на порталот „Икс“, Фуркан Салиу, по инцидент на фудбалски натревар во неделата (7.04) доведе до дополнителни тензии и меѓусебни обвинувања меѓу партиите во пресрет на пролетните двојни избори во Северна Македонија. Медиумските здруженија го осудија инцидентот и побараа негова брза разрешница. Тие бараат случајот да не се користи за политички цели и во функција на изборната кампања. Фуркан Салиу во неделата навечер ја напушти полициската станица каде беше задржан, но според партиите остануваат бројни дилеми и прашања околу мотивите за неговото приведување.

Висок ризик

Салиу беше приведен на фудбалскиот натпревар меѓу ФК „БВК Коњаре” и ФК „Куманово”, во селото Средно Коњари. Полицијата соопшти дека тој е задржан поради напад врз полициски службеници.

По излегувањето од полициска станица Салиу рече дека на натпреварот настанал тотален хаос, а полицијата била без координација и почнала да тепа недолжно момче. Бидејќи станувало збор за натпревар од висок ризик, Салиу сметал дека ќе има инциденти, поради што и одлучил да го следи натпреварот. Додава дека снимал како полицијата тепа момче кое воопшто не учествувало во нередите, по што го уапсиле и него. Но, негираше дека нападнал полициски службеници, како што подоцна соопшти полицијата.

„Ме товарат дека сум нападнал полицаец. Нека го докажат тоа, од утре не ме гледате на екран. Ќе се извинам и ќе се тргнам. Нека докажат дека сум чепнал еден полицаец. Имаше таму полицајци кои снимаат, имаше камери од страна, нека докажат дека јас сум удрил полицаец“, рече Салиу. Тој вели дека е ослободен само затоа што работи како новинар - во спротивно би завршил во притвор.

„Да не се прави притисок врз полицијата“

Техничкиот министер Панче Тошковски повика да не се прави притисок врз полицијата, зашто таа исто постапувала при секој напад. Вели дека ја разбира реакцијата на новинарскиот еснаф, но тврди дека полицијата еднакво реагира при секој напад на полициски службеник.

Дoполнителен проблем е и пиштолот којшто бил пронајден во автомобилот на Салиу при полицискиот претрес. Новинарот вели дека имал дозвола за пиштолот и го чувал расклопен. „Претресувањето на возилото би требало да биде во мое присуство. Јас знам дека тоа е направено во обид да се избришат снимките од телефоните на моите сниматели, од кои побарав да се снима насилството врз мене. Ме информираа дека некои снимки се избришани, ама се надевам дека ќе ги вратиме и целата вистина ќе излезе на виделина“, вели Салиу. 

Настанот го осудија новинарските здруженија. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара полицијата да внимава да не се повредат правата на новинарот Фуркан Салиу, а политичките партии да не го користат неговото апсење во своите дневно-политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.

Панче Тошковски
Техничкиот министер Панче Тошковски повика да не се прави притисок врз полицијата, зашто таа еднакво постапувала при секој нападФотографија: Petr Stojanovski

„Враќање на мрачните времиња“

СДСМ на вонредна прес-конференција пред полициската станица во Гази Баба апсењето го оквалификува како брутален и недемократски чин и побара ослободување на новинарот. Според нив, апсењето на Салиу е доказ дека 'ВМРО-ДПМНЕ го вратиле ВМРО-МВРО на најбезобразен начин'. 

Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. Ја прашаа владејачката партија зошто е толку засегната за овој случај.

„Оливер Спасовски од СДС, во ситуација кога беше нападнат од навивачи полициски началник, изјави: ‘нападот кон полицаец, е напад кон државата’. Оттука прашањето до СДС, зошто за СДС нападот врз полицаец, за кој се сомничи Фуркан Салиу, не е напад врз државата? Што е различно во овој случај? Наместо да води лицемерна политика, СДС одговорите нека ги побараат во признанието на самиот Фуркан Салиу кој призна дека поседувал оружје и дека со своето однесување придонел кон ескалација на настаните. Зошто СДС е засегната партија во овој случај? Дали СДС заговара непочитување на законите?“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот Стево Пендаровски на граѓанската трибина во Охрид, одговарајќи на прашања од граѓаните, за инцидентот со апсењето на новинарот Фуркан Салиу, рече дека се надева оти тоа не е знак за враќање на мрачните времиња на Груевски.

„Успеав да видам само кратка видео снимка од апсењето на новинарот Салиу, детали за случајот немам. Очекувам и официјалните органи и МВР да кажат и да ја чуеме и другата страна, на новинарот. Но, кога ја видов снимката на која специјалци апсат новинар и тоа повеќемина врз еден, ме врати на старите мрачни времиња на Груевски, кога новинари заглавуваа во затвор и беа тепани и замолкнувани“, рече Пендаровски.

Инцидентот се случува во период кога новинарот Салиу почна да објавува документи за коишто тврди дека се доказ за постоење на оперативен план, изготвен од ВМРО-ДПМНЕ, за пласирање на лажни вести и анкети за рејтинзите на политичарите и партиите коишто биле објавувани во емисијата „Објектив“ на Македонската радио-телевизија (МРТ). Опозициската партија стои на ставот дека станува збор за фалсификувани документи.