1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамРусија

Русија: Мачење кое сите треба да го видат

АРД
27 март 2024

Односот на руските власти кон осомничените за учество во нападот во Москва отвора бројни прашања. Очигледно е дека тие биле подложени на брутални мачења, а тоа се чини е она што се сака да и` се прикаже на јавноста.

https://p.dw.com/p/4eBHv
Четвртиот приведен за атентатот во Москва, Мухамедсобир Фајсов Русија
Четвртиот приведен за атентатот во Москва, Мухамедсобир Фајсов, беше воведен во судницата во болничка пижама и на инвалидска количкаФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP/dpa/picture alliance

Руските безбедносни служби никогаш не биле познати по благо постапување со осомничените. Но, сликите на четворицата мажи кои наводно биле учесници во  терористичкиот напад на концертната сала Крокус во Москва, се необични дури и за руски стандарди.

Пред московскиот Окружен суд во Басмани во неделата вечерта беа претставени четворица мажи  кои очигледно биле изложени на тешки мачења. Еден од нив, чие име е наведено како Саидакрами Муродали Рачабалисода, имаше не само модрици на главата и окото, туку над неговото лево уво и завој, очигледно по апсењето му било исечено увото или дел од него. Според медиумски извештаи, видео снимката која покажува брутално постапување кон затворениците, наводно била објавена преку Телеграм, преку канал близок до групата Вагнер.

Мачење со електрошокови?

Уште еден од уапсените, Шамсидин Фаридуни, исто така се појави пред судот со видливи отоци на лицето. Сликите на Телеграм наводно покажуваат дека по апсењето е мачен со електрошокови во пределот на гениталиите.

Осомничените за нападот врз Крокус Сити Хол во Москва
На осомничените за нападот врз Крокус Сити Хол во Москва се видливи траги на мачењеФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP/dpa/picture alliance

Околу вратот на уапсениот Далерџон Мирсојев во судницата се гледаше пластична кеса – посматрачите заклучуваат дека со неа бил задушуван, а и тој имаше модрици на окото.

Четвртиот приведен, чие име е наведено како Мухамедсобир Фајсов, беше воведен во судницата во болничка пижама и на инвалидска количка. Набљудувачите напишаа дека во текот на сослушувањето изгубил свест. Тој очигледно останал без лево око.

Руските безбедносни служби не се потрудија пред судот да ја прикријат  состојбата на осомничените. Напротив, создаден е впечаток како на домашната и странската јавност целно да сакаат да и` покажат како се постапувало со осомничените.

Обвинувања со предисторија

Тоа што  руските безбедносни служби ги мачат осомничените, не е ништо ново: невладината организација за човекови права Хјуман рајт воч уште одамна ги обвинува за тоа руските власти. Руската невладина организација Команда против тортура на својата веб страница наведува повеќе од 3.700 случаи на мачење.

„Јасно демонстрираниот карактер на мачење“ сепак претставува нов квалитет, наведува лондонскиот весник „Гардијан“, цитирајќи ја Тања Локшина од Хјуман рајтс воч. Очигледно е дека глетките на мачени осомничени не се случајно објавени, туку како целно предупредување кон сите кои планираат напади во Русија:

„Таквите видео снимки го покажуваат нивото во кое насилството во последните две воени години во Русија стана нормалност. Порано постоеше широк спектар на обвинувања за систематско мачење од страна на безбедносните служби. Но, досега беше незамисливо тие гордо да објават видео докази за тоа.“

Рускиот политиколог и новинар Кирил Рогов оди уште подалеку и во овие настани препознава специјална техника на рускиот претседател Владимир Путин, со која тој реагира на кризата и откриените слабости.

Русија Москва атентат Крокус Сити Хол
Руските безбедносни сили намерно ја демонстрираат бруталноста кон осомничените терористи, велат експертиФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP/dpa/picture alliance

Порталот „Декодер“ го цитира Рогов: „Таа техника се состои во следното: кога некоја криза ги открие твоите слабости, бесот на одмаздата мора да биде насочен кон оној кој тие е на домет. Тоа по правило не е некој кој е одговорен за твојата слабост, но тоа не игра никаква улога. Зашто, првенствено жестината и ефектот на ударот имаат за цел да го отстранат впечатокот за твоја слабост, кој е настанат во текот на претходниот пораз. Тоа е смислата на таквата техника“.

Орден и смртна казна?

Некои од службениците кои учествувале во апсењето на осомничените, според медиумски извештаи, веќе добиле одликувања. Руската влада истовремено не покажа интерес за обвинувањата за мачење и одби да ги коментира.

Во тоа се истакна поранешниот руски претседател Дмитри Медведев, кој изјави дека сите кои имаат врска со нападот или само имаат симпатии кон напаѓачите, треба да бидат убиени.

Најдоцна од почетокот на инвазијата на Русија врз Украина, Медведев ја презеде улогата на радикален агитатор. Сепак, тој не е осамен, зашто во Русија по терористичкиот напад е покрената дебата за повторно воведување на смртна казна, која во 1999 година ја укина тогашниот претседател Борис Елцин.

Претседателот на парламентот, Вјечеслав Володин смета дека смртната казна може брзо повторно да биде воведена, зашто формално никогаш не е укината. За тоа, вели тој, потребна е само одлука на Уставниот суд.