1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пишман-политики за Изборниот законик

1 јули 2026

Записниците откриваат кој што барал. Наше единствено барање е да се овозможи од следните претседателски избори дијаспората да гласа по електронски пат, рече премиерот Мицкоски.

https://p.dw.com/p/5GMWb
Северна Македонија | Собраниска седница
Нема консензус за предлозите за новиот Изборен законикФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ако СДСМ поднесат амандмани, тие ќе бидат прифатени, а единствено барање на ВМРО-ДПМНЕ е гласањето на дијаспората во ера на вештачка интелигенција да биде по електронски пат. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, по копјата што се кршат околу предлозите за новиот Изборен законик. Тој посочи дека СДСМ и Левица непринципиелно се однесуваат во процесот за носење на овој законик, бидејќи првично се согласиле и бил постигнат консензус, за во последен момент да се пишманат и да калкулираат.

„СДСМ три работи вели. Прва работа е начинот на гласање. Да не се заокружувала бројката, да се заокружувало името. Во ред. Нека поднесат амандман, веднаш ќе им го прифатиме, ако тоа е проблемот. Прво, тоа не е наше барање, така што ние не подготвуваме изборен грабеж, има записници од состаноците, можат да прочитаат од записниците чие барање е тоа. Во делот на жалбата - постизборна од страна на набљудувачите и овластените претставници - нека поднесат амандман, утре ќе им го прифатиме. И тоа не е наше барање, нека ги отворат записниците да видат чие е тоа барање. Наше единствено барање е да може да се овозможи од следните претседателски избори дијаспората да гласа по електронски пат", изјави Мицкоски на ТВ Телма.

Во ера на вештачка интелигенција...

Целта на ова брање е да се намалат огромните трошоци за испраќање претставници во Дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) насекаде низ светот.

„Многу чини кога праќаме од Македонија во ДКП-ата низ светот претставници коишто треба да бидат некаква изборна комисија и нашата цел беше да ги намалиме тие трошоци, да ѝ овозможиме на дијаспората електронски да гласа во ера на вештачка интелигенција, во ера кога имаме десетици такви примери во демократските земји ширум светот", посочи Премиерот.

Високите трошоци за гласањето во дијаспората со години наназад се мета на јавни критики, поради малиот број на македонски државјани кои гласаат во странство. Причина за тоа не е недостигот на интерес за гласање, туку што не постојат услови за поголема излезеност. Имено, македонските ДКП-а не им се близу на сите гласачи: многу од нив живеат стотици километри подалеку од ДКП-ата, што им ја отежнува можноста за остварување на гласачкото право.

Иако се чинеше оти постои општ консензус дека треба да се олеснат условите за гласање во дијаспората, од Левица ова го сместија меѓу прашањата за кои немало консензус.

„За работите за кои се дискутираше и за кои немаше консензус сега се појавуваат - како гласање на дијаспората, кое треба да се проблематизира, како работа која е ставена таму без консензус“, изјави за ТВ Алсат пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ.

Северна Македонија, Скопје | Амар Мециновиќ
Мециновиќ: За работите за кои се дискутираше и за кои немаше консензус сега се појавуваат - како гласање на дијаспората, кое треба да се проблематизираФотографија: Petr Stojanovski/DW

Колкави се трошоците за гласањето во странство?

Во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) - „Изборите и јавни набавки“ од 2024 година, се констатира дека за претседателските избори „гласањето на дијаспората чинело повеќе отколку печатењето на ливчињата за сите гласачи".

„Вредносно најголем склучен договор за изборите 2024 година е за ‘транспорт и сместување на членови на изборните органи (ИО) во дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) за избори', во вредност од 50 милиони денари (813 илјади евра).“

Договорот опфаќал транспорт и сместување на по најмногу 8 лица на 31 дестинација во светот, но проценетата вредноста на тендерот била за 9 милиони денари повисока од вредноста на склучениот договор.

„Договорот за транспорт и сместување на членовите на изборните органи во дипломатско конзуларните претставништва е повисок дури и од договорот за изработка и печатење на доверливиот изборен материјал што изнесува 46 милиони денари (748 илјади евра)“, се вели во истражувањето на ЦГК.

За тие избори во странство заминаа вкупно 191 член на избирачките одбори за дијаспората, што значи дека за толку луѓе треба да се платат трошоците за транспорт и сместување.

Северна Македонија Државна изборна комисија
Договорот за транспорт и сместување на членовите на изборните органи во дипломатско конзуларните претставништва е повисок дури и од договорот за изработка и печатење на доверливиот изборен материјал, се вели во истражување на ЦГКФотографија: DW/P. Stojanovski

Ако може за попис, зошто не и за избори?

Потешкиот одговор доаѓа на прашањето - за колку гласачи беа направени толкави трошоци? За илустрација - во Париз за гласање беа пријавени 44 македонски државјани, а на гласачките места се појавиле само 11 од нив (25%), додека 33 одлучиле да не гласаат иако се пријавиле. Во далечниот Пекинг за гласање биле пријавени само 12 македонски државјани, а правото на глас го искористиле 9.

ДИК не организира и финансиски не покрива престој на членовите на избирачките одбори во периодот меѓу двата круга на претседателските избори: ангажираните лица се враќаат дома по завршување на изборниот ден, а повторно патуваат пред гласањето за вториот круг. За потсетување, вкупната излезност од гласањето за претседателските избори во странство во 2024 година изнесувала 25,38%, односно гласале само 652 од пријавените 2.569 гласачи.

По ваквиот биланс повторно беше поставено прашањето - „Зошто граѓаните во дијаспората да не гласаат по електронски пат?“ Особено, што и низа претходни изборни циклуси сведочат дека гласањето во дијаспората завршува со многу слаб одѕив, поради непостоење на услови за поголема излезеност. Кога во 2021 година беше спроведен попис во С. Македонија, за дијаспората беше понудена апликација преку која граѓаните се попишуваа по електронски пат. И тогаш ова прашање беше акцентирано - ако можело за попис, зошто не и за избори?