1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците во Германија најзаинтересирани за изборите

ДТЗ
20 март 2024

Црна Гора е единствена на листата со 42 земји каде што нема ниту еден Македонец пријавен за гласање на изборите во земјава.

https://p.dw.com/p/4dvwk
избори
Македонците во Германија најзаинтересирани за гласање на изборитеФотографија: picture-alliance/AP Photo/B.Grdanoski

Македонците во Германија покажале најголем интерес за гласање на пролетните избори во Северна Македонија. Податоците на Државната изборна комисија покажуваат дека од вкупно 2.954 регистрирани гласачи, 681 се македонски државјани коишто се во Сојузна Република Германија. Од онлајн пријавите за гласање, прифатени се 594 пријави, додека 87 се одбиени. 

Најмногу прифатени барања за гласање има и на дијаспората во Словенија каде се пријавиле 338 гласачи, по што следат САД со 244 пријави, во Швајцарската конфедерација интерес покажале 19 гласачи, во Канада - 124, во Австрија - 119, во Италија - 104, во Австралија - 97, во Белгија - 93 и Хрватска - 88. Послаб е интересот во Бугарија, каде има 23 пријавени гласачи, 12-мина сакаат да гласаат од Кина и осумммина во Руската Федерација. 

Најмалку пријавени за гласање има во Казахстан, Бразил и Ирска - по двајца гласачи, Украина, Естонија и Луксембург по еден пријавен гласач, додека Црна Гора е единствена на листата на земји каде што нема ниту еден Македонец пријавен за гласање на изборите во земјава. 

Дијаспората ќе гласа само за претседател 

Поради слабиот интерес на дијаспората, гласање ќе се организира само за претседателските избори, бидејќи нема доволен број пријавени за избор на пратеници. 

За да се организира гласање за парламентарните избори потребно е да се пријават најмалку 5.355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство. Но во законскиот рок, кој истече на 19 март, само 2.954 иселеници се пријавиле за гласање во странство на претстојните претседателски и парламентарни избори 2024.

Од вкупниот број пријави, според податоците од веб-страната на Државната изборна комисија од синоќа, прифатени се 2.680, а одбиени 274. Оваа бројка би можела да се промени доколку Министерството за надворешни работи до ДИК најдоцна до 21 март, согласно Роковникот за избори, достави пријави од македонски државјани поднесени во дипломатско-конзуларните претставништва. 

Гласањето за претседател на 24 април и за втор круг на 8 мај треба да се организира во 24 земји. За да се организираат избори во некое од македонските дипломатски-конзуларни претставништва потребно е да се пријавени најмалку десет избирачи.