1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судир: Петре Шилегов пред исклучување од СДСМ

17 март 2026

СДСМ покрена постапка за исклучување на Петре Шилегов по неговите критики за партиските политики и најавената иницијатива за промени во раководството.

https://p.dw.com/p/5AWte
Петре Шилегов, 18.06.2018
Петре Шилегов пред исклучување од СДСМФотографија: The City of Skopje

Судирот меѓу раководството на СДСМ и поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, ескалираше и резултираше со иницирање постапка за негово исклучување од партијата. Одлуката на Извршниот одбор доаѓа по серијата јавни критики што Шилегов ги упати кон актуелното раководство и најавите за внатрепартиски промени.

Одлуката доаѓа по гостувањето на Шилегов во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, каде што тој изјави дека СДСМ кадровски се испразнил и најави дека поголема група социјалдемократи наскоро ќе побараат оставка од актуелното раководство.

Во соопштение, СДСМ обвини дека „Шилегов е уценет и одработува за ВМРО-ДПМНЕ“, додавајќи дека партијата на Христијан Мицкоски се обидува да го „руши СДСМ однатре“.

Од партијата тврдат дека „најавената платформа на Шилегов има цел да го ослабне СДСМ“ и дека владејачката партија „паднала толку ниско што единствената опција ѝ е да предизвика раздор во редовите на опозицијата“.

Шилегов негира дека одработува за ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот градоначалник на Скопје во понеделникот (16.03) не ја коментираше одлуката, поради почит кон денот кога се одбележа годишината од трагедијата во Кочани. 

Во интервју за ТВ Сител, тој ги отфрли обвинувањата дека работи за владејачката партија, истакнувајќи: „Не може да се случи да работам за ВМРО-ДПМНЕ. Ако нешто правам, тоа ќе биде за СДСМ“.

Седиштето на СДСМ, 09.06.2024
СДСМ иницирање постапка за исклучување на петре Шилегов од партијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Шилегов нагласи дека процесот за промени во партијата е активен и дека многу членови не се согласуваат со начинот на кој актуелното раководство го води СДСМ.

„Ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат партијата да не го прават тоа повеќе. Да дојдат други луѓе“, изјави тој. Шилегов додаде дека јавноста ќе биде вклучена во процесот и дека наскоро ќе биде претставена платформа која ќе бара сериозни реформи во СДСМ.

Критики за слабеењето на партијата

Шилегов посочи дека Македонија е „држава без опозиција“, што оди во полза на Левица, бидејќи „критички настроените граѓани сега ја бараат опозицијата токму таму“.

Тој предупреди дека СДСМ изгубил поддршка на локално ниво и дека станал петта партија во Скопје, трета во Битола, Прилеп, Велес и Штип. „Жално е тоа што му се случува на СДСМ. Кадровски сериозно е испразнет. Луѓето што можеа да помогнат не се пожелни“, рече тој.

Петре Шилегов беше градоначалник на Скопје, пратеник на СДСМ, како и потпретседател и член на Извршниот одбор на партијата.