1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Пактот“ на Шолц за модернизација на Германија

БГ /АРД
8 септември 2023

Германскиот канцелар Олаф Шолц сака да ја модернизира земјата. Неговиот „пакт за Германија“ е поздравен во здружението на работодавачи. Но опозицијата критикува. Од ЦДУ велат дека во тоа нема ништо ново.

https://p.dw.com/p/4W4N1
Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф ШолцФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Работодавачите со одобрување реагираа на повикот на германскиот канцелар Олаф Шолц да се преземат „национални напори“ за модернизација на земјата. И некои претседатели на покраински влади сигнализираа дека сакаат да соработуваа во „пактот за Германија“.

„Со 'Пактот за Германија' сојузната влада конечно се разбуди“, изјави претседателот на здружението на работодавачи Рајнер Дулгер за весникот Рајнише пост.
„Премногу долго ткн. „семафор коалиција“ (СПД, Зелени, Либерали) не водеа сметка за дигитализацијата и не се бореа против пречките кои бирократијата ги поставува пред стопанството и општеството“, критикува Дулгер.
„Владата сега мора, заедно со покраините, брзо да придвижи пакет мерки. Најавите и зборовите не се дела“, вели Дулгер.

Во средата на 6 септември, канцеларот Шолц во Бундестагот предложи план за модернизација и ги повика на соработка покраините, општините, но и опозицијата- сите освен Алтернатива за Германија (АфД). Како клучна точка, канцеларот го наведе забрзувањето на постапките за издавање дозволи, дигитализација на управата и поддршка за фирмите. Дополнително, треба да се зајакнат напорите за доселување на стручна работна сила од странство. 

ЦДУ: „Ништо ново од канцеларот“ 

Претседателот на опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) Фридрих Мерц изрази подготвеност за соработка. „Ние, опозицијата, секако сме подготвени да соработуваме за разумни предлози“, рече тој. Но, лидерот на опозицијата вели дека не е сигурен дека Шолц може да ги увери сопствените партнери во владејачката коалиција. „Канцеларот е во право, но тој мора најпрво да воведе ред во сопствената коалиција“, рече Мерц и праша: „Дали тој сега бара мнозинство вон сопствената коалиција?“ 

Колку е бавна Германија?

Раководството на ЦДУ со сомнеж гледа и на содржината на предлозите на Шолц и потсетува на дел од наведените барања на покраините кои веќе долго постојат. „Во кабинетот на канцеларот ништо ново“- така е насловено соопштението од штабот на Мерц.
„Предлогот содржи повеќе намери за забрзано планирање, поттикнување на раст, дигитализација и миграција. Ниту една од точките наведени во „пактот“ не е нова“, оценуваат во ЦДУ.
„Сите предлози се веќе изнесени. Сојузната влада со месеци одолговлекува со спроведување на многу од наведените предлози“. ЦДУ најавува дека веќе следната недела на парламентарната седница ќе предложи да се гласа за цела низа економски мерки. „Ќе предложиме да се гласа и за мерките во областа на миграциската политика, кои канцеларот веќе ги договорил со покраинските премиер, но сѐ уште не ги спровел“. 

Одобрување од покраините 

Премиерот на покраината Саксонија Михаел Кречмар (ЦДУ) вели дека сака да соработува на проектот на Шолц „за доброто на граѓаните“ без поставување дополнителни услови.
„Мислам дека првата тема е азилот, а втората е енергетската криза“, вели Кречмар. 
Првиот градоначалник на Берлин, Кај Вегнер (ЦДУ) исто така е подготвен за соработка во „пактот за Германија“, но предупредува дека за тоа е потребна сојузна влада „која е подготвена и способна да делува“. 
Премиерот на Северна Рајна-Вестфалија Хендрик Вист (ЦДУ) го оценува предлогот на Шолц како „маркетиншки трик“. Се работи за проекти кои се веќе планирани и кои покраините веќе одамна ги бараат, изјави Вист за весникот Рајнише Пост.
Поддршка за планот на Шолц дојде од премиерката на Рајнланд Фалц, Малу Дрејер (СПД), како и од нејзиниот колега од Баден-Виртемберг Винфрид Кречман (Зелени). 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема