Новиот буџет на ЕУ: За што би можеле да се караат членките
2 мај 2026
Усвојувањето на повеќегодишната финансиска рамка (МФР) е едно од најчувствителните политички прашања во ЕУ. Преговорите полека навлегуваат во клучната фаза. Се работи за тоа колку ЕУ ќе ги чини земјите-членки во периодот од 2028 до 2035 година, но и што ќе добијат за возврат.
За институциите на ЕУ, тоа е и прашање на автономија кон надвор. „Во овие геополитички нестабилни времиња, буџетот ќе ѝ овозможи на Европа да ја земе судбината во свои раце и да ја обликува во согласност со нашите визии и идеали“, рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, при претставувањето на нејзиниот нацрт минатиот јули.
Во вторникот (28.04), пак, Европскиот парламент ги усвои своите предлози за буџетот на ЕУ. Сепак, последниот збор го имаат 27-те земји-членки, чии лидери се состанаа минатата недела на неформален самит во Кипар. Уште сега се гледаат првите знаци за спорни точки.
Колкав ќе биде буџетот?
Додека ЕК предлага зголемување на буџетот на околу 1,76 билиони евра, Европскиот парламент бара уште повеќе.
Земјите-членки се поделени по ова прашање. Германија и Холандија веќе се изјаснија против предлозите на Комисијата. „Во времиња кога речиси сите земји-членки преземаат најтешки напори за консолидација на домашниот буџет, масовно зголемување на буџетот на ЕУ, како што се предлага во Брисел, не соодветствува на моменталната ситуација“, оцени германскиот канцелар Фридрих Мерц по првичните дискусии.
Други земји пак сметаат дека со оглед на задачите што треба да бидат совладани, средствата се недоволни, вели за ДВ Јанис Емануилидис од тинк-тенкот Европски центар за политика. Тука се работи пред сѐ за земји кои се вбројуваат меѓу т.н. нето приматели, односно оние кои добиваат повеќе средства отколку што вложуваат. Според студија на Германскиот економски институт ИВ, во 2024 година тоа биле Грција, Полска, Романија, Шпанија и Унгарија.
Нето-плаќачите пак сакаат придонесите да им бидат што е можно помали. Најголеми нето-плаќачи - односно земјите што плаќаат повеќе отколку што примаат - се Германија, Франција, Италија, Холандија и Шведска.
За што се трошат парите?
Според плановите на ЕК, идниот буџет содржи помалку пари за земјоделски и регионален развој и исплатата на средствата ја третира пофлексибилно. Наместо тоа, ЕУ сака да инвестира повеќе во конкурентност и улогата на Европа во светот, на пример во одбрана и помош за Украина.
Нилс Редекер, ко-директор на Центарот Жак Делор, има задршки во однос на политичката изводливост на овој реформски предлог. Начелно, земјите-членки разбрале дека е потребно повеќе да се инвестира во одбраната, индустријата и економскиот развој, но, според Редекер, кога станува збор за исплата на помалку средства за земјоделците или за регионалниот развој, на некои земји-членки тешко им паѓа да го прифатат тоа.
И големите и малите земји-членки првенствено се прашуваат каква корист нивните граѓани ќе имаат од буџетот на ЕУ, објаснува политикологот Јанис Еманулидис. Прашањето како да се извлече најголемата заедничка корист од буџетот пак игра споредна улога, вели тој.
Нови извори на приходи за ЕУ и поголемо задолжување?
Буџетот не се состои само од придонесите од земјите-членки, туку и од сопствени извори на приходи на ЕУ, па ЕК предвидува создавање пет дополнителни извори на приходи како данок за големите корпорации, данок на тутун и приходи од Системот за тргување со емисии на ЕУ.
Европскиот парламент побара и данок за дигиталните концерни.
Договор за нови сопствени ресурси ќе биде политички тежок, предупредува економистот Редекер, според кого тоа може да се заклучи и од долгогодишната, неуспешна дебата за враќање на 750 милијарди евра помош за коронавирусот од нови сопствени ресурси. Некои земји стравуваат дека тоа би ги оптоварило нивните економии.
Спорови мошне веројатно ќе произлезат и околу тоа кога би требало да се врати долгот за фондот за коронавирусот. Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна брзата отплата ја оцени како „идиотска“ и наместо тоа се заложи за поголем заеднички европски долг во форма на еврообврзници. Германија, од друга страна, категорично отфрла секакво натамошно задолжување.
Тешки преговори под голем притисок
И аналитичарите и политичарите очекуваат дека преговорите ќе бидат тешки. ЕУ е и под внатрешен притисок бидејќи следната година во неколку големи земји-членки ќе се одржат избори, вклучително во Франција, Полска и Италија. Особено потенцијална победа на претседателските избори во Франција од страна на поизразено националистичка партија, ги става земјите-членки под притисок да ги завршат преговорите до крајот на 2026 година, смета Емануилидис.
Шефовите на држави или влади на ЕУ на нивниот следен состанок во јуни повторно ќе се занимаваат со темата буџет. Се очекува тогаш за првпат да бидат претставени и конкретни цифри.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик