Нетфликс се откажува од борбата за преземање на Ворнер Брос
27 февруари 2026
„Нетфликс“ се повлекува од тешката борба за преземање на американскиот медиумски конгломерат „Ворнер Брос.Дискавери“. Стриминг-сервисот соопшти дека нема дополнително да ја зголеми својата понуда. Како што се вели, последната подобрена понуда од „Парамаунт“ не била веќе „финансиски атрактивна“.
Претходно, „Ворнер Брос.Дискавери“ (ВБД) формално ја оцени новата понуда од „Парамаунт“ како „супериорна“. Без противпонуда од „Нетфликс“, патот за преземање од страна на „Парамаунт“ веројатно е отворен.
„Парамаунт“ ја зголеми и онака огромната понуда за „Ворнер“
„Парамаунт“ сега нуди 31 долар по акција – претходно беа 30 долари. Вкупната понуда изнесува околу 110 милијарди долари. „Нетфликс“ последно понуди речиси 83 милијарди долари за филмското студио и стриминг-бизнисот. Телевизиските канали требаше да бидат издвоени во посебна компанија.
„Парамаунт“, пак, сака да ја преземе целата ВБД-група – вклучително и ТВ-каналите како Си-Ен-Ен. Дополнително, компанијата вети дека ќе ја преземе можната казнена клаузула од постојниот договор меѓу „Ворнер“ и „Нетфликс“.
„Нетфликс“: „Убаво да се има“, не „Мора да се има“
Ко-шефовите на „Нетфликс“, Тед Сарандос и Грег Питерс, истакнаа дека дејствувале дисциплинирано. За да се израмнат со последната понуда на „Парамаунт“, „Нетфликс“ би морал значително да наддава. „Оваа трансакција отсекогаш беше ‘убаво да се има’ по соодветна цена, а не ‘мора да се има’ по секоја цена“, објаснија тие.
„Нетфликс“ најави дека ќе продолжи да инвестира во сопствени филмови, серии и забава. Исто така ќе биде повторно активирана програмата за откуп на акции. Акцијата на „Нетфликс“ значително порасна по затворањето на берзата.
Политичка димензија околу Си-Ен-Ен
Договорот има и политичка компонента. „Парамаунт“ минатата година беше преземен од семејството на технолошкиот милијардер Лари Елисон, кој е познат како поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп.Редакцијата за вести на Си-Би-Ес – телевизиски канал во сопственост на „Парамаунт“ – по преземањето од Елисонови делумно зазеде попријателски тон кон администрацијата на Трамп.
Набљудувачите стравуваат дека преземањето на „Ворнер Брос.Дискавери“ би можело да влијае врз насоката на вести на Си-Ен-Ен, кој досега често критички известуваше за Доналд Трамп. Критичарите на Трамп во САД предупредуваат дека Си-Ен-Ен под капата на „Парамаунт“ би можел да ја загуби својата уредничка независност.