Новинарска етика „удавена“ во сензационализам
2 април 2026
Судскиот процес по трагедијата што се случи во скопско Тафталиџе, каде што мајка и дете го загубија живототскокајќи од балкон, наместо потрага по правда, се претвори во медиумска трка за кликови. Сензационалистички наслови, детално пренесување интимни сведоштва и навлегување во приватниот живот на починатите и нивното семејство ја доведоа во прашање новинарската етика.
Медиумите во средата (1 април) речиси на секој час известуваа за судењето што се води против Стојанче Јовановски, сопруг и татко на починатите Ивана и Катја, пред Основниот кривичен суд Скопје. Во извештаите се пренесуваа сведочења до најситни детали, вклучувајќи интимни аспекти од брачниот живот и тврдења за семејно насилство. Дел од овие информации не само што го нарушуваат достоинството на жртвите, туку придонесоа и за бран навреди и говор на омраза на социјалните мрежи.
Правни дилеми и повици за ограничување на јавноста
Дел од правната фела смета дека ваквиот сензационализам отвора сериозно прашање дали јавноста во вакви чувствителни случаи треба делумно или целосно да биде исклучена од судскиот процес.
„Во вакви околности, судот треба сериозно да размисли за исклучување на јавноста и медиумите. Објавувањето интимни детали не придонесува за правда, туку создава сензационализам и дополнителна болка за блиските“, вели адвокатката Маја Ристова.
Таа потсетува дека во меѓународната судска практика, во случаи како оние на Констанс Мартен, Андерс Брејвик и Габриел Фернандез, јавноста била ограничена со цел заштита на достоинството на жртвите и интегритетот на судската постапка.
Ставот на Кривичниот суд и Советот за етика
Во однос на тековното судење, кое е од висок јавен интерес, со реакција се огласи и Кривичниот суд Скопје. Оттаму потсетија дека иако судот обезбедува транспарентност во рамките на законските овластувања, нема механизми да влијае врз уредувачката политика на медиумите.
„Судот ги повикува медиумите, наместо сензационализам, да се придржуваат кон принципите на новинарската етика и професионализам, во согласност со препораките на Советот за етика на медиумите“, се наведува во соопштението.
Советот за етика предупредува дека известувањето за самоубиства и лични трагедии е една од најчувствителните области во новинарството и бара исклучителна професионална воздржаност.Се апелира да не се објавуваат детали за начинот на трагичниот чин, мотивите, семејните односи или непотврдени информации за насилство, ниту фотографии и видеа, дури и во замаглена форма.
Јавен интерес или сензационализам?
Новинарот Васко Маглешов, основач и поранешен претседател на Судско медиумскиот совет, за ДВ вели дека исклучувањето на јавноста во услови на голема недоверба во правосудството е меч со две острици.
„Може да создаде уште поголема недоверба. Јавноста во судските постапки е загарантирана со Уставот и таа го штити процесот од арбитрерност во постапувањето, па оттука не сметам дека решение е исклучување на јавноста“, вели тој.
Според него, она на што треба да се работи е на едукација на новинарите кои треба да бидат сензибилизирани за известување од судница. „Новинарите не се судски записничари и трансмитери на информации. Тие имаат одговорност да проценат што е важно за јавниот интерес и не се обврзани да ја пренесуваат секоја реченица од судењата. Клучно е да се прави разликата помеѓу јавен интерес или интерес на јавноста“, укажува Маглешов.
Со изнесувањето детали од приватноста на сведоците и оштетените, кои не се во функција на јавниот интерес, според соговорникот на ДВ, се создава атмосфера на социјален линч и говор на омраза.
Одговорноста на медиумите
Адвокатката Ристова е децидена дека овој случај не смее да се претвори во сензација.
„Изнесувањето на приватни и нерелевантни детали за жртвите не носи јавна корист, туку дополнително го нарушува нивното достоинство. Фокусот треба да биде на насилството, одговорноста на сторителот и на тоа како системот може подобро да ги заштити жртвите“, вели Ристова во изјава за ДВ.
Медиумите, според неа, имаат клучна улога во тоа да информираат, а не да судат или да создаваат сензационализам. Жртвите заслужуваат почит, а јавноста одговорно известување.