1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неприфатливо инсталирање на туѓ проблем на македонско тло

27 февруари 2023

Како една важна точка од разговорите меѓу Белград и Приштина се претвори во „македонска тема“?

https://p.dw.com/p/4O0nj
Графит во Приштина: „Не за Заедницата (на српски општини во Косово)“ (архивска фотографија)
Графит во Приштина: „Не за Заедницата (на српски општини во Косово)“ (архивска фотографија)Фотографија: DW/I. Đerković

„Главните партии во Македонија се против формирање Заедница на албански општини“, „Македонците рекоа ‘не‘: И власта и опозицијата против Заедница на албански општини“...

Апсурдно, но вистинито: вакви наслови доаѓаат од Србија и Косово, двата соседа чии политички лидери денеска во Брисел треба да разговараат за европскиот предлог за решавање на односите меѓу двете страни, кој вклучува и формирање на Заедница на српски општини (ЗСО) во Косово.

Како една важна точка од разговорите меѓу Белград и Приштина се претвори во „македонска тема“?

Инволвирањето на РСМ во (не)решавање на прашања што ги тангираат исклучиво односите меѓу Белград и Приштина, јавно почна уште пред две недели, кога Елвис Хоџа, советник на косовскиот премиер Албин Курти, предупреди дека ако меѓународниот фактор инсистира на формирање на Заедница на српските општини во Косово, тоа по принципот на домино-ефект ќе поттикне слични барања и Македонија.

Запрашан за ваквите предупредувања, првиот вицепремиер Артан Груби, минатата недела ваквите идеи ги отфрли ако неосновани.

„Ние тоа го имаме согласно со законот за територијална поделба. Имаме регионализација, имаме соработка помеѓу општините. Тоа веќе го имаме етаблирано уште од 2004 година во нашата држава“, изјави Груби.

Нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина денеска (27.02.2023) во Брисел : Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти
Нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина денеска (27.02.2023) во Брисел : Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин КуртиФотографија: Milos Miskov/AA/picture alliance | Erkin Keci/AA/picture alliance

Иако тезите на Хоџа уште во старт беа отфрлени како нерелвантни од домашни и косовски аналитичари, ним се обиде да им даде живот Алтернатива, и тоа - по заминувањето во опозиција.

„Во време кога Косово се наоѓа пред финалниот договор за нормализација на односите со Србија и кога секој западен дипломат кој доаѓа во Приштина го повторува рефренот ’да се формира Заедницата на српските општини во Косово‘, прашањето што треба да се постави е - зошто партиите на Албанците во Северна Македонија, тие кои имаат општини (ДУИ, АА и Беса), не покренуваат иницијатива за основање на ‘Заедница на албанските општини во Северна Македонија’ со истите надлежности со кои се бара да ги има Заедницата на српските општини во Косово. Ништо повеќе. Само толку“, беше наведено завчера во соопштение од Алтернатива.

„Само толку?“

Ваквите наводи предизвикаа бројни реакции во текот на викендот, а иницијативата на Алтернатива јавно доби поддршка единствено од Изет Меџити, потпретседател на ДУИ и пратеник кој е дел од незадоволната, „Огнена група“ во партијата.

„Заедницата во Косово ќе има домино-ефект во регионот бидејќи граѓаните патуваат и споделуваат, нашите семејства се поврзани и половина се во Косово, а половина овде. Па, ако може Србите со 4 отсто да имаат Заедница и да имаат видливи права, тогаш очигледно дека тоа ќе има ефект и врз Албанците коишто се најмалку 30 отсто во Македонија и претендираат за истите права“, изјави Меџити.

За разлика од ставот на Меџити, ДУИ енергично го отфрли предлогот на Алтернатива, а истото го направија и СДСМ, АА, ЛДП.

„Патетично, антиамериканско и антиевропско, и оди на штета на конечното решение на косовското прашање. Неуспешен обид за опстанок на политичката сцена по доживеаното фијаско и целосно погрешно и деструктивно распоредување“, потенцираа од ДУИ.

Во одговор на новинарско прашање, пратеничката на  СДСМ, Санела Шкријељ, оцени дека „на никој начин не може да се преслика состојбата во нашата држава со состојбата во Косово“.

„Согласно со Законот за локална самоуправа, Законот за меѓуопштинска соработка, соработката меѓу општините во нашата држава е апсолутно овозможена. Така што, секоја општина може да соработува во која било форма кога ќе си го најде интересот за одредена тема“, рече Шкриељ, додавајќи дека барањето е неприфатливо и не треба да се користи за добивање политички поени.

ДУИ енергично го отфрли предлогот на Алтернатива за покренување иницијатива за основање на ‘Заедница на албанските општини во Северна Македонија
ДУИ енергично го отфрли предлогот на Алтернатива за покренување иницијатива за основање на ‘Заедница на албанските општини во Северна МакедонијаФотографија: DW/S. Toevski

Од Алијанса за Албанците посочија дека во РСМ Албанците живеат во територијален континуитет, а не во енклави.

„Албанците во Македонија се една третина од вкупното население, а не малцинство. Решенијата за заштита на малцинствата кои се размислуваат за други реалности не можат да се применат во контекст на нашето мултиетничко општество и консоцијативна демократија“, порачаа од  Алијанса за Албанците.

Според ЛДП, во време на европски интеграции таква иницијатива води кон создавање на нови поделби во општеството, а не кон заедништво и се коси со вредностите за либерално-демократско и европско општество кон кое се стремиме.

„Северна Македонија е мултикултурно општество, во кое освен Албанци, живеат и Турци, Бошњаци, Власи, Срби, Роми и останати заедници. Аспирациите на “големи држави“ одамна се минато и не носат ништо освен партиски поени“, оценија либералдемократите.

Осуда од опозициските партии

Предлогот на Алтернатива наиде на осуда и во опозицискиот блок. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при завчерашната посета на Велес, ги повика политичарите на зрело, државотворно и одговорно однесување.

„Рамковниот договор е дел од Уставот. Рамковниот договор го гарантира унитарниот карактер на Македонија. Ако има политички партии во Македонија кои што сакаат да го напуштат Рамковниот договор, тогаш треба да кажат јасно пред целата македонска јавност дека тие не го признаваат Рамковниот договор, зад кој како гарант стои меѓународната заедница, и дека тие утре нема да го почитуваат тој договор. Јас ги предупредувам политичарите во Македонија, да внимаваат, да не ги разгоруваат меѓуетничките тензии, бидејќи Македонија е мултиетничка држава и со ваков тип на неодговорно однесување може само да ги распламтат тие тензии и да донесат голем број проблеми за сите граѓани“, предупреди Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со предупредување да не се разгоруваат меѓуетничките тензии
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со предупредување да не се разгоруваат меѓуетничките тензииФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од Демократски сојуз оценија дека националистичката реторика претставува сериозна закана за меѓуетничките односи, прикривање на криминалот и директно ги загрозува евроинтеграциските перспективи на земјата.

„Дестабилизацијата на Македонија ќе значи и дестабилизација на Балканот, што е главна стратегија и цел на Русија, како и на националистите во Бугарија. Компарацијата со Косово е апсолутно неточна и нема никакви сличности“, соопшти ДС.

Социјалистичката партија на Македонија потсети дека прашањето за соработка меѓу општините е затворено со Рамковниот договор и со Законот за локалната самоуправа. Според СПМ, Алтернатива доцни со тој предлог 21 година, затоа што Законот за локална самоуправа кој го регулира ова прашање е донесен во 2002 година.

Домашни аналитичари оценија дека „заплашувања“ со формирање Заедница на албански општини, е класично политиканство од страна на структури кои преку ваква идеја сакаат подобро да се позиционираат во политиката. Но, и дека истите откриваат оти воопшто не го познаваат ни значењето и духот на Охридскиот договор, ни Договорот помеѓу Косово и Србија.

Во пресрет на денешното продолжување на дијалогот меѓу Белград и Pриштина во Брисел, вчера во Косово се одржа протест против формирањето Заедница на српски општини (ЗСО), организиран од поранешниот градоначалник на Јужна Митровица, Агим Бахтири.