Многу дилеми - малку одговори за „милијардата“
29 мај 2024Академиците се воздржани околу најавениот заем од милијарда евра, којшто го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, станува збор за сериозна странска инвестиција, но тој не откри повеќе детали од најавената милијарда.
Поранешниот министер за финансии, академикот Таки Фити, вели дека прашањето за едната милијарда кренало голема врева меѓу економистите.
„Често ме прашуваат за мислење, јас им реков - немам коментар околу тоа, а не е ни многу коректно. Новинарите инсистираат, ги прашуваат професорите, бидејќи немаме никакви информации што и како е тоа. Не е коректно многу да се прашува и за самата влада зашто веднаш почнаа да го врзуваат луѓето со милијардата од Тајван, незнаејќи за што станува збор. Не знаеме тоа што е, но ќе видиме. Тоа не би го коментирал, но се разбира дека владата треба да продолжи со реформите“, вели Фити.
Препораки до Владата
Академикот Таки Фити вели дека не може да се одржи висока ценовна, макроекономска и финансиска стабилност без дисциплинирана фискална политика. Новата влада, според него, мора да води сметка за тоа.
Забрзување на економскиот раст и развој, продолжување на евроинтеграцискиот процес и борба против корупцијата, се трите клучни приоритети на кои треба да се фокусира новата влада, смета академикот.
„Тоа се основните приоритети и се сосема добро профилирани или ставени на маса високо во агендата на програмата на идната влада“, изјави Фити пред научната расправа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) за макроекономијата по рецесијата од 2007 - 2009 година.
Тој порача дека мора да продолжат и реформите, а треба, како што изјави, и да се отвори широк фронт на борба против сивата економија. Во однос на инфлацијата, монетарната и фискалната политика мора да се координираат.
„Ако има фискална недисциплина и ако буџетот троши многу нема централна банка што може да ја спречи инфлацијата. Ние тука имаме проблем - големи буџетски дефицити поради кризата, големи трошења, зголемување на просечната и минималната плата надвор од движењата на продуктивноста, голема увозна зависност и поголема инфлација во однос на земјите од регионот“, вели тој.
Буџетот е во тешка ситуација
Според Фити, земјата има висок долг и треба да се отвори широк фронт на борба против сивата економија. Негова препорака е Фискалниот совет да контролира како се трошат буџетските средства, дали и колку се почитуваат основните буџетски правила - долгот да не биде поголем од 60 отсто, буџетските дефицити да се сведат на два до три проценти, за пет-шест години да дојдеме до нормално ниво на задолженост.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како иден мандатар најави амбициозна економска стратегија и сериозна странска инвестиција, во делот на енергетиката, во првите 100 дена од владата. Станува збор за финансиски пакет во вредност од една милијарда евра. Овој заем би можел да пружи брза финансиска инјекција што ќе ја поттикне економската активност и ќе овозможи реализација на капитални проекти.
Од каде е заемот?
Експертите деновиве предупредија дека треба да се внимава со ваквите заеми. Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во изјава за МИА порача дека нема ништо неочекувано во тоа што новата влада најавува задолжување, бидејќи фискалната ситуација во земјата не е сјајна.
„Буџетскиот дефицит во првите три месеци изнесува околу девет проценти од БДП, и само во овие три месеци е потрошена скоро една половина од вкупниот проектиран дефицит за целата година. Сепак, малку е тажно што првата работа која ја најави новиот премиер на економски план е дека ќе се задолжи милијарда евра“, вели Јовановиќ.
Според него, проблематично е тоа што во јавноста проструила информација дека милијардата ќе биде земена од Унгарија која што „не е земја која плива во пари и во голема мера зависи од буџетските трансфери од ЕУ“.
„Ова отвора бројни прашања, како на пример – зошто Унгарија би ѝ дала пари на Македонија, што ќе бара за возврат, дали бегалецот Груевски е некако во игра, дали ова е можеби вовед во негово враќање во државата, дали Македонија тргнува по патот на Унгарија, која важи за една од најпроблематичните членки на ЕУ?“, прашува Јовановиќ.