1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерц: Трансатлантското партнерство ми е особено при срце

ЖА/ агенции
30 април 2026

Трансатлантското партнерство е од посебно значење за Германија, порача канцеларот Фридрих Мерц, осврнувајќи се на конфликтот со Иран, односите со САД и безбедноста на морските патишта.

https://p.dw.com/p/5D5KG
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во посета на Бундесверот
Мерц: Трансатлантското партнерство е клучно за Германија, Берлин подготвен и за воен ангажманФотографија: Fabian Bimmer/REUTERS

Германскиот канцелар  Фридрих Мерц (ЦДУ) ја нагласи важноста на германско-американските односи во контекст на несогласувањата со американскиот претседател Доналд Трамп околу војната со Иран. Тој истакна дека „трансатлантското партнерство му е особено при срце“, говорејќи во четвртокот за време на посетата на германската армија во Минстер, во покраината Долна Саксонија.

Мерц додаде дека зголемените германски и европски трошоци за одбрана претставуваат „придонес за обновено трансатлантско партнерство“, нагласувајќи ја заедничката одговорност во рамките на НАТО и односите со  Соединетите Американски Држави.

Иран, Ормускиот Теснец и безбедноста на морските патишта

Осврнувајќи се на воениот конфликт со Иран, германскиот канцелар изјави дека иранската блокада на Ормускиот Теснец мора итно да биде прекината. „Доколку Ормускиот Теснец остане блокиран, тоа ќе предизвика масовни економски штети за сите нас“, предупреди Мерц.

Тој најави дека Германија е подготвена и за воен ангажман доколку бидат исполнети неопходните услови. „Ако се создадат соодветните предуслови,  Германија е подготвена и воено да се вклучи за да се гарантира слободата на поморските патишта“, истакна канцеларот.

Повик за преговори и цврста НАТО-ориентација

Мерц порача дека Иран мора да се врати на преговарачката маса и да престане да го држи „целиот регион, а во крајна линија и светот, како заложник“. Според него, воената нуклеарна програма на Иран мора да биде запрена, а нападите врз Израел и другите германски партнери во регионот да запрат.

САД Вашингтон 2026 | Германскиот канцелар Фридрих Мерц во посета на американскиот претседател Доналд Трамп
„Личниот однос меѓу американскиот претседател и мене – барем од моја перспектива – е и понатаму непроменет и добар“, тврди МерцФотографија: Guido Bergmann/BPA/dts Nachrichtenagentur/IMAGO

„За сите овие прашања сме во близок и доверлив контакт со нашите партнери, особено во Вашингтон“, нагласи Мерц. Тој додаде дека соработката се одвива „во заеднички трансатлантски интерес, со меѓусебна почит и правична распределба на товарот“.

Германија, како што истакна канцеларот, се води од јасен надворешнополитички компас – силна НАТО-алијанса и доверливо трансатлантско партнерство.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп најави  можна редукција на бројот на американски војници стационирани во Германија. Во средата, преку платформата Трут Соушл, Трамп соопшти дека САД моментално ја оценуваат можноста за намалување на присуството на трупи и дека одлука ќе биде донесена „наскоро“. Претходно,  критиките на Мерц  за  војната со Иран  предизвикаа  незадоволство кај американскиот претседател.