1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Општините не инвестираат во проекти од интерес на граѓаните

ДТЗ
22 август 2023

Македонските општини инвестираат сѐ помалку во проекти од интерес на граѓаните, а притоа парите им ги даваат на мал број фирми, покажува анализа на Центарот за граѓански комуникации.

https://p.dw.com/p/4VR3h
Скопје
Анализата на ЦГК покажува големо намалување на вредноста на јавните набавки, пред се во Град Скопје, но има раст на концентрацијата на тендерите кај мал број фирми.Фотографија: DW/A. Feilcke

Пад на вредноста на јавните набавки на општините за една третира во 2022 година, а во Град Скопје дури за 68 проценти, покажува најновата анализа на Центарот на граѓански комуникации (ЦГК) на сите општински тендери минатата година. Вредноста на јавните набавки на 80-те општини и Градот Скопје во 2022 година е намалена за една третина, односно за 65 милиони евра во однос на 2021 година. Кон овој пад најмногу придонесува големото намалување на вредноста на јавните набавки на Град Скопје, чии набавки во 2022 година се намалени за дури 68 %, односно за 31 милион евра во однос на 2021 година.

Општините и Градот Скопје во 2022 година вкупно склучиле 3.508 договори за јавни набавки во вредност од 7,3  милијарди денари, односно 118 милиони евра. Ова значи дека помал дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот на граѓаните.

Единиците на локална самоуправа склучиле договори со 1.184 фирми, но четвртина од вкупната вредност на тендерите им припаднала само на осум фирми. На врвот според вкупната вредност на договорите е снабдувачот со електрична енергија Енерџи деливери солушнс, со вредност на договорите од 614 милиони денари, односно околу 10 милиони евра.

Овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2022 година, изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 3.508 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80-те општини. 

Пад на вредноста на набавките

Пад на вредноста на јавните набавки во 2022 година е забележан кај 54 општини и Градот Скопје. Притоа, на листата на единици на локалната самоуправа со најголеми падови на вредноста на јавните набавки, која ја предводи Градот Скопје со намалување на тендерите од 31 милион евра, се наоѓаат и скопските општини Центар и Гази Баба, со падови од по 5 милиони евра, потоа Гостивар, со пад од 4 милиони евра, и Тетово, со 3 милиони евра.  Останатите општини имаат намалување на вредноста на набавките под 3 милиони евра. 

Од друга страна, најголеми скокови во апсолутната вредност на тендерите во 2022 година имаат остварено општините Кисела Вода, со раст од 3,6 милиони евра, потоа Струмица, со 3,5 милиони евра, и Штип, со раст од 2,8 милиони евра. 

И покрај големиот пад, јавните набавки на Град Скопје се на врвот според вредноста и изнесуваат 916 милиони денари, односно околу 15 милиони евра. Но, за разлика од претходните години, кога уделот на јавните набавки на Градот Скопје изнесувал и до една четвртина од вкупните набавки на локалните власти, во 2022 година тој удел е намален на само 13 %. 

За падот на досегашната  доминација на скопските општини во однос на трошоците за јавни набавки говори и податокот дека во Градот Скопје и 10-те скопски општини се потрошени околу 40 милиони евра, што е половина од потрошеното во 2021 година во износ од 82 милиони евра. Поради овој пад, уделот на скопските општини и Градот Скопје во вкупните набавки е намален од 45 % во 2021 година на 33 % во 2022 година.  

тендери
Анализата на податоците укажува на раст на концентрацијата на тендерите кај мал број фирми.Фотографија: Colourbox/M. Chab

Вевчани и Лозово на дно на листата

Во првата десетка единици на локалната самоуправа со најголема  вредност на тендерите, зад Градот Скопје се Кисела Вода и Битола, со вредност од по речиси 7 милиони евра, потоа е Струмица, со 5,4 милиони, па Штип, со 4,8 милиони евра, Кавадарци, со 4,4 милиони евра,  Центар, со 4,2 милиони евра, Куманово, со 4,1 милион, Гостивар, со 4 милиони, и Гази Баба, со 3,4 милиони евра. За нерамномерноста меѓу општините говори податокот дека овие десет единици на локална самоуправа имаат вредност на набавките буквално колку 71 општина заедно. 

Над еден милион евра имаат 30 општини, следни се 21 општина, со вредност на јавните набавки помеѓу половина и еден милион евра, потоа 21 општина имаат договори за јавни набавки во вредност од 200 илјади до 500 илјади евра и на крајот се 9 општини чии јавни набавки се вредносно под 200 илјади евра. 

На дното од табелата, со убедливо најмала вредност на јавните набавки, е Општина Вевчани, со само 50 илјади евра. Веднаш пред неа е Општина Лозово, со јавни набавки од 53 илјади евра, потоа општините Центар Жупа, Шуто Оризари и Старо Нагоричане, со набавки од 113 до 129 илјади евра.  

На јавни набавки по жител се потрошени од 5 до 392 евра 

Просечно, на јавни набавки по жител во 2022 година се потрошени по 69 евра, што е за 15 евра, односно 18 %, помалку од 2021 година, кога просекот изнесуваше 84 евра по жител. На врвот во 2022 година e Општина Карбинци, со 392 евра вредност на јавните набавки по жител. Општината имала поголеми инфраструктурни проекти, како што се санација на мост на река Брегалница кај село Долни Балван, регулација и уредување на речно корито на Козјачка Река, како и реконструкција на улици. На второ место е Петровец, со 316 евра, потоа следуваат Општина Новаци, со 277 евра по жител, Општина Дојран, со 167 евро, и Општина Росоман, со 164 евра. Сите останати општини имаат вредност на јавните набавки помали од 150 евра по жител. 

На дното е Општина Шуто Оризари, со само 5 евра по жител, а пред неа Врапчиште, со 17, и Сарај, со 20 евра по жител.  

Концентрацијата на локалните тендери кај мал број фирми 

Во 2022 година локалните власти склучиле вкупно 3.508 договори за јавни набавки со 1.184 фирми, што укажува на мал пораст во поглед на бројот на фирми со кои биле склучени договорите во однос на 2021 година, кога договорите биле склучени со 1.157.

Анализата на податоците укажува на раст на  концентрацијата на тендерите кај мал број фирми. Првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 28 %, што е за 4 процентни поени повеќе од уделите на најголемите 10 добитници во 2021 и 2020 година. 

Општините Охрид и Тетово рекордери по задолженост

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема