1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се трошат нашите пари во општините?

Тони Поповски
25 септември 2021

Само половина од општините, поредовно водат регистри на финансиски ризици, додека делумно воспоставената практика за водење на регистри на ризици од корупција, од година во година, постепено замира. Пишува Тони Поповски.

https://p.dw.com/p/40gjq
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Во продолжение на претходната колумна, каде изнесов погенерално мислење за начинот на кој се спроведува фискалната децентрализација и се обезбедуваат приходите, сега со кус осврт на неколку клучни внатрешни предизвици во управувањето со јавните средства на локално ниво.

Поголема транспарентност за поголема доверба

Јавноста покрај Владата, има сосема оправдано очекување, секоја општина при користење на средства од државниот буџет, но и на сопствените приходи, да ги прифати правилата за фискална транспарентност, ставајќи ги на увид сите трошоци преку системот на „Отворени финансии" и други достапни електронски платформи. Притоа, од особено значење е да се споделува навремена и точна информација за превземени, а недоспеани обврски, како и доспеани, а неплатени обврски. Претпоставка е дека на тој начин ќе се зајакне одговорноста на општините при располагање со јавни средства, но и довербата на јавноста и корисниците на услугите, дека нивните средства наменски и правилно се трошат. 

По однос на фискалната транспарентност и отчетност, треба да се одбележи еден сериозен исчекор во објавување на клучните финансиски податоци од страна на 34 општини и тоа на еден современ и разбирлив начин, преку т.н dashboard (контролна табла) со пристап преку нивните веб страници. 24 од нив беа корисници на проект спроведуван од УНДП и финансиран од Швајцарската Влада, а 10 општини проактивно ја превземале апликацијата која е достапна за сите, без надомест. Оваа апликација, во чија подготовка земав учество како водач на еден поширок мултидисциплинарен тим, со учество на Асоцијацијата на финансиски работници како и службеници од министерствата за локална самоуправа и финансии, неодамна го обезбеди највисокото признание од страна на иницијативата за „Отворено владино партнерство", како најдобра практика кај нас, и ќе се најде во натпревар за најдобра глобална практика. 

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Логична и неопходна надградба на овој механизам во насока на поголема транспарентност и отчетност на општините, е да се обезбеди колку е можно посеопфатно учество на јавноста во процесот на подготовка на општинските буџети. И повторно, најсоодветна практика, тестирана преку проекти финансирани од швајцарската Влада,  е реализирањето на буџетски форуми во септември и октомври, секоја година, од страна на се поголем број на општини. Покрај овие добри практики сепак има и потфрлања, особено во примената на електронски анкетни алатки за собирање на мислења и предлози од граѓаните, кои не бараат било какви финансиски вложувања, туку минимум инвентивност и проактивност од страна на локалните власти.

Слушајте ги помалку партиските водства

За жал, во најголем дел од нашите општини, внатрешната ревизија и контрола претставуваат само формалност. Недостасува суштинско спроведување на овие функции, а притоа последиците се видливи преку нараснатите долгови на општините, судските спорови, блокираните сметки и застоите во набавки и други постапки кои претходат на конечната испорака на локалните услуги.

Друга колумна од авторот: Поуките од трагедијата во Тетово

Мора да влеземе во период во кој внатрешната ревизија и контрола ќе бидат најсуштинската, и притоа независна функција во локалната самоуправа. Ревизорите мора системски да ги заштитиме за да можат доследно да ги извршуваат обврските, но и да има мерлив ефект од нивниот ангажман. Начин тоа да го сториме е преку поблиско поврзување на овие службеници со Државниот завод за ревизија и Државната комисија за борба против корупцијата. Прв практичен чекор е да се ажурираат правилниците и прирачниците за внатрешна контрола и ревизија и да се пристапи кон засебен процес на развој на локалните капацитети. Според последните достапни податоци од 2018 година, само половина од општините, поредовно воделе регистри на финансиски ризици, додека делумно воспоставената практика за водење на регистри на ризици од корупција, од година во година, постепено замира. Токму водењето на овие регистри е клучна оперативна алатка да се намали корупцијата и да се унапреди управувањето со јавните средства. За (не) примена на оваа алатка, одговорни се општинските раководства но и државата, бидејќи недоволно ги поттикнува.

Kommunalwahlen in Mazedonien
На 17 октомври македонските општини со наталожени проблеми, ќе добијат нови раководства Фотографија: MIA

Општинските долгови и недомаќинското трошење 

Настанатите долгови, но и блокираните сметки (сепак на помал дел од општините) се наша тажна реалност веќе подолг период. Еднократно покривање на барем дел од долговите од Буџетот на државата е нужност, но не е системски издржано решение, ниту пак е фер кон оние општини кои оствариле позитивни финансиски резултати во работењето. Последната интервенција со покривањето на долговите на општините беше проследена со воведување на фискално правило, за планирање на сопствените приходи со пораст од најмногу 10% од просечно остварените приходи во последните три години. Нецела година подоцна , од „политички причини“ ова правило беше разводнето, преку дозволување да се буџетира до 30% повеќе (неизвесен) приход, со свесно преземање на ризик дека дел од општините поради релаксираната фискална дисциплина, ќе продолжат да создаваат долгови. Очигледно, политичката претстава мора да се одигра, но одлуки кои обезбедуваат повисока финансиска дисциплина се токму тие кои ја враќаат нарушената доверба во институциите. 

Друга колумна од авторот:Попишани, незапишани и доброволно отпишани

Од друга страна, имајќи предвид дека во просек, 60% од приходите се од трансфери и донации, нивното планирање на локално ниво е многу отежнато и ризично поради невоведена обврска за повеќегодишно буџетирање (барем тригодишно, за почеток), иако на оваа суштинска промена на двете нивоа на власт, повеќе од една декада инсистира ЕУ. Последицата е немање квалитетен инпут за планирање на локалните капитални инвестиции и следствено создавање долгови. Настрана и сите предизвици кои настануваат поради фрагментираните капитални трансфери и инвестициските програми од Централниот буџет без притоа да се групираат во една, повеќе или помалку обусловена алокација, која би се распределувала согласно начелата за финансиско изедначување и рамномерен регионален развој. 

Имајќи ги предвид сите овие континуирани предизвици, се обидувам, но не можам да разберам од која причина, до овој момент, Министерството за локална самоуправа и општините – претставувани од ЗЕЛС, но и Асоцијацијата на финансиски работници, не членуваат во Советот за управување со јавните финансии. Нивното отсуство е бариера за подиректно влијание врз приоритетите поврзани со една од клучните реформи во државата.