1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Општините потрошиле 770 илјади евра за борба со комарците

ДТЗ
9 август 2023

Најголем договор за уништување на комарците има Град Скопје, кој лани, за двегодишен третман против комарците од воздух и од земја, платил половина милион евра, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации

https://p.dw.com/p/4Uwr8
комарци
Општините потрошиле 770 илјади евра за борба со комарцитеФотографија: picture-alliance/dpa/Patrick Pleul

Македонските општини за борбата со комарците годинава платиле 770 илјади евра. Тендери за справување со комарците имале 39 општини и еден плански регион со 9 општини. Ова значи дека вкупно 48 општини годинава презеле мерки за уништување на комарците, покажува најновата анализа на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). 

Најголем договор за уништување на комарците има Град Скопје, кој лани, за двегодишен третман против комарците од воздух и од земја, платил половина милион евра. Од другите општини, повеќе пари за уништување на комарците платиле оние кои најмиле услуга за авионско прскање, и тоа Велес, Кавадарци, Кочани, Куманово и Штип.

Анализата покажува дека општина Велес издвоилa 32.464 евра, Општина Кавадарци платила речиси 26 илјади евра, а Кочани - 24.790 евра. Куманово и Штип платиле околу 20 илјади евра. 

Борба со комарците од земја и воздух

Увидот во тендерите за прскање против комарци за годинава покажува дека 35 општини со бореле со комарците од земја, односно имале тендери за т.н. терестичко прскање. Други 6 општини, пак, се справувале со комарците од воздух, односно имале тендери за т.н. авионско третирање. 7 општини имале и земјено и воздушно прскање.

Од вкупно 13 договори за јавна набавка за авионско прскање, 11 тендери добила кумановската фирма Бониер, додека останатите два, меѓу нив и највредниот, скопскиот, ги добил Аероклубот Скопје.

Кај договорите за уништување на комарците од земја, предничи кавадаречката фирма Лиса-Ком МС, со склучени 9 договори. Следен е Центарот за јавно здравје Скопје со 7 договори.

Различни цени

Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека цените што ги плаќаат општините за оваа услуга се многу различни и зависат од тоа дали прскањето е авионско или од земја, од опфатената површина, но и од бројот на третмани, бидејќи многу општини предвидуваат по неколку третирања во текот на годината. Сето ова ја отежнува и споредбата на цените.

Најевтино за еден хектар прскање плаќа Град Скопје, само по 11 денари за хектар прскање од земја. Авионските прскања чинат од 216 денари за хектар колку што плаќа Град Скопје, до 2.230 денари за хектар колку што платила Карбинци.

Кога станува збор за средството со кое се прска против комарци и ларви од комарци, општините не се многу прецизни во описот. Само две општини нагласуваат дека средството мора да биде еколошко, а други две општини наведуваат и какво средство или негов еквивалент би сакале. Сите општини наведуваат дека средството мора да има решение за промет и да биде одобрено од Министерството за здравство, велат од ЦГК.