Ковачевски: Пропуштивме да шутнеме пенал во Брисел
18 декември 2023По Самитот во Брисел - заострена реторика и обвинувања меѓу партиите во Северна Македонија за уставните измени и пропуштената шанса за забрзано членство во ЕУ. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека земјата поради ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја пропуштила шанса да „шутне чист пенал“, додека од опозицијата, пак, обвинуваат дека „криминалот на Ковачевски и Ахмети ја чини Македонија нова блокада“.
„Ако минатата година беше тешка година на носење тешки одлуки, во делот на преговарање и прифаќање на францускиот предлог, на последниот Самит, спортски кажано, имавме празен гол и чист пенал, што заради ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Демократски сојуз не го шутиравме“, порача премиерот Димитар Ковачевски на панел-дискусијата „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт - канцеларија Скопје и ПолитикУм - Институт за одржливи и иновативни политики.
Подотворена врата
Според учесниците на дебатата, геополитичките поместувања во Европа ја подотворија вратата за проширување и тоа е шанса што Северна Македонија треба да ја искористи, но нема да трае предолго. Тезата дека нема потреба од брзање, според нив, е погрешна, нереална и многу опасна за земјата.
„Делот за Северна Македонија траеше многу кратко. Ние никогаш не сме имале појасен заклучок на Европскиот совет од сега. Заклучокот беше еден параграф, во кој стоеше дека Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг и останува да ја заврши својата обврска за изгласување на уставните амандмани и без одлагање и дополнителна одлука, Европскиот совет ја закажува втората меѓувладина конференција на која се отвораат сите поглавја“, рече Ковачевски.
Политички профит
Но, според него, проблемот е што некој, „заради личен политички профит и лична политичка агенда, сакаше да ја повтори и ја повтори 2008 година“.
„Не може постојано да бараме изговори, дали ќе правиме реформи или ќе носиме одлуки. Во 2005 станавме земја кандидат за ЕУ заедно со Хрватска. Проекцијата беше 2012 заедно да влеземе, но 2008 година Северна Македонија реши да се антиквизира и наместо 100 години напред, отидовме 1.200 години назад, ама никој не може да се амнестира од тоа. Тоа беше една хипокризија“, вели Ковачевски.
Претседателката на ПолитикУм и потпретседателка на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) Радмила Шекеринска, вели дека проширувањето на ЕУ се повеќе станува геополитички проект и секое поголемо проширување на ЕУ во историјата било и ќе остане геополитичко. Првиот заклучок на групата за изминатата година, бил дека геополитичките поместувања во Европа ќе ја подотворат вратата за проширување и тоа е шанса што Северна Македонија треба да ја искористи. Но, оваа врата нема да трае предолго и не е гарант дека ќе биде одржлива на долг рок.
Критики
Но, од ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека „СДСМ и ДУИ ја претвориле надворешната политика во политички театар, измислувајќи потези кои за Македонија значат изгубени 7 години кои не можат да се вратат никако“.
„СДС и ДУИ ако малку покажеа државнички капацитет, да ги искористеа сите механизми кои велеа дека ги имаат, да ги замолеа пријателите со кои се фалеа да ја убедат Бугарија да ја напушти салата на кратко, ќе се изградеше подобра позиција за Македонија и сега нашата држава, заедно со Украина ќе ги започнеше преговорите со ЕУ“, порача Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.