1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој планирал атентат врз Бујар Османи и Вадим Красноселски?!

15 март 2023

Транснистрија обвинува за украински план, Киев ги отфрла обвинувањата и предупредува на „сценарио на Кремљ“. Кишињев исклучува вмешаност на Украина.

https://p.dw.com/p/4OhEg
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, актуелен претседавач со ОБСЕФотографија: NMazedonien MFA

Со автомобил-бомба на 14-ти февруари бил планиран атентат врз министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој како претставник на Северна Македонија - земја претседавач со ОБСЕ, тогаш беше во посета на Молдавија, објави молдавскиот портал „Реалитатеа“. Чинот наводно требало да биде извршен за време на посетата на Османи на Транснистрија (Приднестровје) област сепарирана од Молдавија, која три децении не е под контрола на молдавските власти и функционира како самопрогласена држава, меѓународно непризнена. Во Транснистрија живеат Руси, Украинци и Молдавци, владеат сили лојални на Москва, а во областа се стационирани околу 2.000 руски војници.

Сепаратистичките авторитети од Тираспол, административниот центар на Транснистрија, за планот за атентат го обвинуваат Киев. Тврдат дека автомобилoт во кој бил поставен експлозив, требало да биде паркиран во близина на тврдината Тигина (Бендер), каде поминувала колона возила со повеќе од 20 лица, меѓу кои претставниците на ОБСЕ и лидерите од Тираспол. Откако намерата била спречена, наводно имало резервен план делегацијата на ОБСЕ да биде крената во воздух на пат кон молдавскиот главен град Кишињев, но извршителот се откажал од идејата.

Истражните органи во Тираспол презентирале и видео снимка од моментот кога агентот наводно ја следел делегацијата на ОБСЕ предводена од Османи, на патот кон тврдината Тигина. Но, снимката не покажува ништо особено, освен внатрешност на тролејбус, кој чека на крстосница додека да помине колоната возила со делегацијата на ОБСЕ, а потоа продолжува по својот пат. Наводно, откако полицајците ја пронашле таа снимка во телефонот на осомничениот, тој почнал да зборува за планираниот напад.

Лидерот на Транснистрија, Вадим Красноселски
Лидерот на Транснистрија, Вадим КрасноселскиФотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

И атентат врз Красноселски

Освен наводите за планиран атентат врз Османи, на 9-ти март Тираспол објави и други информации. Откако пропаднал обидот за атентат врз делегацијата на ОБСЕ, постоел и втор план - да се предизвика експлозија во центарот на Тираспол и да се изврши атентат врз лидерот на Транснистрија, Вадим Красноселски, но и врз дел од цивилното население, чин кој исто така бил спречен.

За двата плана за напади, властите во Тираспол жестоко го обвинуваат Киев, односно Службата за безбедност на Украина, со тврдење дека било планирано нападите да ги изврши едно исто лице: украински агент роден во Тираспол, а подоцна преселен во Одеса. Транснистриските безбедносни структури објавиле и видео на кое наводниот планер признава дека украинската тајна служба му наредила да го изврши атентатот и дека му се заканувале со смрт доколку не ја изврши наредбата. Наводно, тој по нападот требало да се сокрие во Молдавија, а потоа повторно да се врати во Тираспол за да ликвидира и други членови од политичкото раководство на Транснистрија.

Од Канцеларијата за реинтеграција во Кишињев за „Реалитатеа“ изјавиле дека уставните власти се обратиле до Тираспол за да побараат докази, бидејќи презентираната верзија „има шпекулативен карактер и не ги одразува истрагите или потврдните податоци разјаснети од властите на Република Молдавија“.

Молдавија, Кишињев
Кишињев: Молдавија ја мачи неизвесност околу иднинатаФотографија: VXimages/IMAGO

Киев и Кишињев ги отфрлат тврдењата

Красноселски најавил дека за инцидентот ќе бидат информирани Советот за безбедност на ОН, ОБСЕ и партнерите од преговарачкиот формат „5+2“. Киев, пак, категорично ги отфрли обвинувањата на Тираспол, со предупредување за „сценарио на Кремљ“. И проевропската влада во молдавскиот главен град Кишињев ги отфрли како „неосновани“ обвинувањата упатени на адреса на Киев

„Сигурни сме дека Украина не стои зад наводниот напад чија цел би биле членовите на делегацијата на ОБСЕ“, изјавил вицепремиерот за реинтеграција, Олег Серебријан во дебата на „Rlive TV“, запрашан за обвинувањата на Тираспол за украинско сценарио за напад врз делегацијата на ОБСЕ и врз лидерот на Транснистрија, Вадим Красноселски.

„Оние кои сакаат да го нарушат имиџот на Украина инсистираат на таканаречената украинска верзија. Побаравме повеќе информации од Тираспол. Го добивме тој видео материјал кој не дава многу објаснување“, рекол Серебријан за „доказите“ на Тираспол.

Според него, се претпоставува дека целта на тие тврдења е да се ограничи присуството на дипломати на ОБСЕ во регионот на Придњестровје и да има се помалку дипломати кои ќе сакаат да го посетат тој регион.

Република Молдавија се наоѓа помеѓу Украина и северозападна Романија и земјата подолго време стравува дека ќе стане следна жртва на агресивната политика на Русија. Од почетокот на рускиот напад врз Украина, Транснистрија доби многу поголемо стратешко значење, бидејќи оттаму Русија може да отвори западен фронт во Украина или да предизвика поголеми внатрешни потреси во Република Молдавија.

Посета во сложени околности

Посетата на Османи на Молдавија 13 -ти и 14-ти февруари, се случи во време на сложени внатрешно-политички состојби во земјата. Три дена претходно падна прозападната влада на премиерката Наталија Гаврилица, која поднесе оставка по низа проблеми со енергетската криза, неконтролираната инфлација, но и инциденти со „залутани“ ракети над воздушниот простор на земјата. 

Бујар Османи Киев Украина
Министерот Бујар Османи при посета на Киев, Украина, јануари 2023 годинаФотографија: N. Macedonian Min. of Foreign Aff./Anadolu Agency/picture alliance

Османи пред посетата на Молдавија најави која е главната цел.

„Главна цел е да се поттикне процесот на посуштински преговори помеѓу Владата на Молдавија и авторитетите на Транснистрија за реализирање на договорената рамка од 8 области, но и да се даде целосна поддршка на работата на Мисијата на ОБСЕ во Молдавија која има клучна улога во одржувањето на политичкиот дијалог воден од страна на ОБСЕ во формат 5+2, како и за проектите кои се доменот на интеграцијата на државата и социо- економското заздравување на Молдавија“, најави Османи .

Таму тој се сретна со претседателката на Молдавија, Маја Санду, со вицепремиерот и министер за надворешни работи и европска интеграција Нику Попеску и со вицепремиерот и министер за реинтеграција Олег Серебријан.

„Како претседавач, ние имаме за цел мирно, сеопфатно и одржливо решавање на конфликтот во Транснистрија. Секоја резолуција во иднина треба да се заснова на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Молдавија во рамките на нејзините меѓународно признати граници и специјален статус за Транснистрија", изјави Османи во Кишињев.

Во рамките на посетата, Османи се сретна и со лидерот на Транснистрија, Вадим Красноселски, и нивниот главен политички преговарач Виталиј Игнатиев.

„Во фокусот на дискусијата на овие средби беше иницијативата на ОБСЕ да се поттикнат посуштински преговори помеѓу Владата на Молдавија и авторитетите на Транснистрија. Османи истакна дека за ОБСЕ од голема важност е што страните одбрале мирен пат да ги решаваат предизвиците, имајќи предвид дека врз сето тоа големо влијание има воената агресија на Руската Федерација врз Украина“, соопшти македонското МНР по средбата.

Десет дена подоцна, на 24-ти февруари, на годишнината од почетокот на руската војна во Украина, рускиот претседател Владимир Путин го анулираше декретот од 2012 година, со кој Кремљ го гарантира суверенитетот и интегритетот на Република Молдавија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи