Коалиции: Компатибилни партнери или рогови во вреќа?
26 март 2024Кои се партнерите на ДУИ, со кои Али Ахмети вчера (25.03) потпиша договор за коалицирање во европскиот фронт? Настрана од епитетите „маргинални“ или „човек-партија“, кои стигнаа од претставници на опонентите, потписниците на договорот - Мендух Тачи од ДПА и Арјанит Хоџа од Европската демократска партија, не се од вчера на политичката сцена. Но, токму нивниот минат труд ги стави под лупа - дали се компатибилни партнери со ДУИ или коалициски „рогови во вреќа“?
Мендух Тачи од ДПА вчера го повтори наративот на ДУИ, нагласувајќи дека изборната битка не е меѓу европскиот фронт и опозицијата, туку меѓу патот кон ЕУ и спречувањето на руското влијание.
„Лидерите на еден народ, особено оние кои имаат искуство, треба оддалеку да ја забележат опасноста и да го предупредат својот народ, да не ја избегнуваат таа опасност, туку да се подготват да се соочат со таа опасност. Опасноста што им се заканува на Македонија и на Балканот е руската агресија во Украина и врз цивилизираниот свет“ рече Тачи.
Корисна амнезија
Во опозицискиот блок велат дека имаат разбирање за овој наратив, бидејќи, ако не е тој, партнерите ќе треба да се потсетат на историјатот на односите меѓу ДУИ и ДПА, на периодот од изборната „касапаана“ (израз на Тачи), на тешките изборни инциденти во периодот 2008-2010 година, на тешките зборови од Тачи кон ДУИ, на фактот дека тој е на црната листа на САД и дека членови на ВМРО-ДПМНЕ во еден период го ословуваа Тачи со „војводо“.
Висар Ганиу, градоначалник на општина Чаир кој ја напушти ДУИ и денес е во Демократското движење на Изет Меџити, на ТВ Алсат коментира дека Ахмети само ја официјализирал соработката со Тачи, кој е на „црната листа“ на САД, и сега се покажува зошто предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки бил блокиран во парламентот додека Талат Џафери сѐ уште бил претседател на Собранието.
„Ова покажува зошто овој закон беше блокиран, за да се направи оваа соработка која е многу неопходна и проевропска за ДУИ“, оценува Ганиу.
Според него, повикот на Ахмети против Русија и Кина е само декларативен. Како пример посочува дека на денот кога бил потпишан договорот за коалицирање на ДУИ со Народното движење на Скендер Реџепи - Зејд, еден од првите луѓе на таа партија (го посочи со име и презиме) следниот ден бил на ифтар со амбасадорот на Кина, што значи дека едно зборуваат, а друго прават.
Кој ја загрозува демократијата?
Претседателот на Европската демократска партија, Арјанит Хоџа, вчера изрази задоволство од потпишувањето на договорот со двајца луѓе како Ахмети и Тачи, кои на нивниот политички пат носат важни процеси за државата.
„Овие наши повици денес се исти како оние за приклучување во ОНА во 2001. Тогаш командантот на ОНА, Али Ахмети создаде услови за еднаквост и за вклучување на Албанците во сите институции. Денес, преку овој фронт, ние треба да го браниме тоа и да ги спречиме антиевропските влијанија во земјата“, рече Хоџа.
Пред три години, Хоџа имаше поинаков став, а токму потезите на ДУИ беа причина тој на 12-ти ноември 2021 година да си поднесе оставка од функцијата (заедно со двајца заменици министри од Беса). Тогаш пред медиумите изјави дека оставката ја дава „поради нарушување на демократијата на локалните избори со манипулативни методи од страна на ДУИ“. Нездоволството беше предизвикано од приговорите на ДУИ за Желино, каде победи кандидатот на Беса.
„Во државата е загрозена демократијата. А демократијата е загрозена од страна на ДУИ. ДУИ реално треба да се реформира. Реформирањето на ДУИ реално почнува од опозиција, ако се тие спремни да го почнат. Гледајте најреално што се случува. Моментот кога тие гледаат дека ќе паднат од власт, се спојуваат сите групи што меѓусебе цела година се препукуваат. Тоа кажува јасно дека единствениот идеал што ги држи заедно е само власта (...) Ако во 2016 беше соборен режим, другиот дел од тој режим не беше соборен, туку доби шанса да се реформира, а денес после пет години, се докажа дека - не само што не се реформирале, туку ги усовршиле своите методи на класичен режим“, рече Хоџа пред медиумите.
Влези - излези
Хоџа лани го напушти Движењето Беса каде беше заменик претседател и ја формираше новата Европска демократска партија. Скендер Реџепи - Зејд, во јуни 2022 година ја напушти матичната партија Алтернатива, а во септември 2023 година го формираше Народното движење. Од опозицискиот блок критикуваа дека со одредени заминувања се откриваат сателитите кои ДУИ претходно ги инсталирала во партии на Албанците.
Извори од европскиот фронт предводен од ДУИ пак велат дека Коалицијата „Вреди“ нема простор да зборува за „принципи“, со оглед дека сите партнери кои денес ја сочинуваат оваа коалиција во различни периоди влегувале во владата и не им пречело да коалицираат со ДУИ.
„Беше ли Алијанса за Албанците во владата на Заев заедно со ДУИ? Беше. Беше ли и Беса во Владата? Беше. Беше ли и Алтернатива? И таа беше. Дали и во владата на Ковачевски влезе Алијанса за Албанците? Влезе. А заради тоа Алтернатива мораше да излезе. И сите тие денес се во еден блок, и говорат против ДУИ, како што претходно говореа едни против други, од позиција на власт или опозиција“, вели соговорник од европскиот фронт.
Според него, овие избори покрај политичкиот натпревар меѓу партиите имаат еден многу поважен аспект - борба против антизападните и руските влијанија во регионот, и само тој што не го разбира тоа се занимава со споредни аспекти.