1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Кара-Мурза – пример за односот на Москва кон опозиционерите

Стефани Хепнер
18 април 2023

Осудата на критичарот на Кремљ, Кара-Мурза, на затворска казна од 25 години, што е највисока досега за некој опозиционер во Русија, е најнов пример за тешката ситуација на опозиционерите.

https://p.dw.com/p/4QEKn
 Russischer Oppositionspolitiker Wladimir Kara-Mursa
Кара-Мурза осуден на 25 години затворФотографија: Juri Rescheto/DW

Досега најдолгата затворска казна која во Русија му е досудена на еден опозиционер, 25 години, на Владимир Кара-Мурза му е изречена поради наводно „предавство“ и „ширење на лажни информации“ за руската војска. Пресудата е „апсолутно скандалозна“, коментира адвокатот Вадим Прохоров во изјава за Дојче веле.

Историчарот и поранешен новинар Кара-Мурза одамна му е омразен на режимот на Путин. Во 2015 и во 2017 година заврши во болница со симптоми на труење, а во меѓувреме страда од нервно заболување, што според неговиот адвокат, е последица на двата обида за труење. Неговите поддржувачи зборуваат за атентати врз него, додека Кремљ отфрла секакво учество.

„Во основа, ова е смрта казна“

„Болеста се влоши поради условите во истражните затвори во Москва. Имајќи ја предвид неговата здравствена положба, јасно е дека ова е рамно на смртна казна“, истакнува Прохоров. „Дури и две до три години во затвор во неговата сегашна здравствена ситуација би биле смртоносни."

Кара-Мурза беше уапсен во април 2022 година, по неговите остри критики на руската инвазија врз Украина. Во интервју за Си-Ен-Ен постапката на Русија тој ја нарече агресија, а руската државна власт – режим на убијци.

Алексеј Навални во затвор по нападот

Освен Кара-Мурза, во минатото и други опозиционери мораа да одат во затвор или беа жртви на веројатни труења.Еден од најпознатите критичари на Кремљ е Алексеј Навални,кој во 2020 година преживеа напад со нервниот отров Новичок, од кого се опорави во Германија. Во 2021 година Навални се врати во Москва, беше уапсен на аеродром и кратко потоа осуден на повеќегодишна казна во затворски логор поради наводна измама. 

Алексеј Навални Берлин Русија
Протест за поддршка на Алексеј Навални пред руската амбасада во БерлинФотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Условите за затворениците во тие установи се сметаат за исклучително тешки. Здравствената состојба на критичарот на Кремљ, како што пренесува неговиот адвокат Вадим Кобсев, се влошува од ден во ден, не исклучувајќи ја можноста Навални повторно да е намерно изнемоштуван. Адвокатот инсистира да се извршат токсиколошки и радиолошки прегледи на неговиот мандант. Навални самиот за поранешниот атентат врз него го обвини лично рускиот претседател Владимир Путин, а Кремљ ги негираше обвинувањата.

Евгени Роисман – „странски агент“

Опозиционерот и поранешен градоначалник на Екатеринбург, Евгени Роисман се сметаше за последен познат критичар на Путин кој уште е на слобода. Во ноември Министерството за правда, според агенцијата Интерфакс, го стави во категоријата на т.н. странски агенти.

Во средината на март тој беше осуден на 14 години затвор поради наводно ширење на екстремистички симболи. Роисман на социјалната мрежа ВКонтакти наводно споделил видео сника од пресудата против критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, на кое се гледа амблем на во Русија забранетиот Фонд за сузбивање на корупцијата (ФБК). Самиот Роисман ги негира обвинувањата, во тек е постапка против него.

Иља Јашин Русија
Опозициониот активист Иља Јашин исто така на удар на руската властФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP Photo/picture alliance

Иља Јашин критики и по апсењето

Иља Јашин е исто така еден од погласните критичари кои се сѐ уште останати во Русија. И неговото апсење не го запре во жестоката критика на властите и на воената интервенција на Русија во Украина. Московјанин по потекло, тој важи за близок соработник на Навални, како и на опозициониот политичар Борис Немцов, кој беше убиен во близина на Кремљ во 2015 година.

Во декември ланската година на Јашин му беше изречена казна од осум ипол години затворски логор поради дискриминација на руската војска. Јашин беше уапсен во јуни откако преку видео го осуди убивањето цивили во украинскиот град Буча. Москва демантира било какви напади во местото во близина на Киев.

Пјотр Версилов отруен поради истражувања?

Еден натамошен пример е Пјотр Версилов. Основачот на онлајн магазинот „Медиазона“ и член на панк групата Пуси Рајот во есента 2018 година одеднаш се почувствувал многу болен. Лекарите во болницата Шарите во Берлин констатирале труење, но не можеле да го идентификуваат отровот. Тој верува дека зад неговото труење стојат руската тајна служба или руските разузнавачи од ГРУ, во врска со негови истражувања за убиството на тројца руски новинари, како што изјави Версилов за германските медиуми. 

Борис Немцов застрелан на улица

Борис Немцов своевремно бил инспирација за Кара-Мурза, се запознале во 1999 година при едно интервју, а една година подоцна Кара-Мурза станал советник на Немцов. Критичарот на Кремљ и поранешен заменик премиер беше убиен во 2015 година на мост во близина на Кремљ. на враќање дома.

За убиството на Немцов беа осудени петмина Чеченци, но оние кои го нарачале убиството не се никогаш најдени. Кремљ и во овој случај отфрли своја вина. Немцов, харизматичен говорник, ја осуди руската анексија на украински Крим во 2014 година и редовно учествуваше на антивладините протести на опозицијата.

 Ана Политковскаја Русија
Убиството на Ана Политковскаја не е целосно разјаснетоФотографија: picture-alliance/dpa/TASS/A. Demianchuk

Ана Политковскаја смрт во лифт

И руско-американската репортерка на „Новаја Газета“, Ана Политковскаја беше застрелана, на 7 октомври 2006 година во лифтот во зградата каде живеела. Злосторството никогаш не беше целосно разјаснето. Таа известуваше за Чеченската војна и ја критикуваше руската влада. Три години пред нејзината смрт, Политковскаја беше затруена на 2 септември 2004 година на летот од Москва кон Беслан, каде патуваше за да известува за заложничката драма предизвикана од терористи во едно училиште.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи