1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамСоединети Американски Држави

Како Трамп би можел да извлече корист од нападот

Штефани Хепнер
28 април 2026

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се спаси од обид за атентат. Нападот би можел да му биде политички од полза – ќе успее ли да ја извлече?

https://p.dw.com/p/5CukS
САД Вашингтон 2026 | Трамп во Белата куќа по пукањето на вечерата на дописниците
Подготвен веднаш да зборува: Трамп по пукањето - повторно во Белата куќаФотографија: Tom Brenner/AP Photo/picture alliance

Кога беше објавена веста за најновиот обид за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп, не мина многу време и тој лично даде коментар. Само околу 30-тина минути по истрелите, тој - сè уште облечен во смокинг и со вратоврска пеперутка - побара вечерата да се заврши. „Нека продолжи шоуто“, побарал Трамп, кој според новинските агенции притоа звучел нагласено бестрашен.

Во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес, Трамп нагласи дека одел исправено кога обезбедувањето го спровело во безбедена просторија. На прес-конференција одржана истата вечер, Трамп со државнички тон рече: „Со оглед на вечерашните настани, ги повикувам сите Американци сесрдно да се залагаат за тоа мирно да ги решаваме нашите разлики“.

На традиционалната гала-вечера со дописниците од Белата куќа изминатиот викенд, тешко вооружен маж проби безбедносен контролен пункт и беше совладан од безбедносните сили. Имаше истрели, а претседателот беше однесен на безбедно. Според наводи од истрагата, осомничениот напаѓач имал намера да го убие Трамп и неколку членови на американската влада. И Трамп го повтори таквото тврдење, нарекувајќи го напаѓачот „многу пореметен човек“.

САД Вашингтон 2026 | Придружба го изнесува претседателот Доналд Трамп надвор од салата по пукањето во Вашингтон
Придружба го изнесува претседателот Доналд Трамп надвор од салата по пукањето во ВашингтонФотографија: Bo Erickson/REUTERS

Трамп – повеќе пати мета на атентатори

Трамп во минатото неколку пати беше мета на атентатори. Во јули 2024 година, тој беше погоден на предизборен митинг во Пенсилванија, при што куршум му го закачи увото. Едно од присутните лица загина, двајца беа повредени, а напаѓачот застрелан.

Во тоа време Трамп го искористи инцидентот во своја полза, му префрлаат критичарите. Опкружен од припадници на Тајната служба и со крваво лице, Трамп ја крена тупаницата во воздух, гест што неговите поддржувачи го сметаат како вреден за паметење. Сликата го обиколи светот и често беше споредувана со познатата фотографија од Втората светска војна на која се крева знамето. Во изборната кампања со демократот Џо Бајден, рејтингот на Трамп значително се зголеми, што аналитичарите делумно го припишуваат и на начинот на кој Трамп се однесуваше во таквата ситуација.

САД - Трамп во Батлер - крената тупаница по обид за атентат
Слика што го обиколи светот - Трамп веднаш по нападот во 2024 годинаФотографија: Evan Vucci/AP/dpa/picture alliance

Трамп како бренд – и во време на криза

Овојпат, немаше слики што Трамп би можел да ги употреби во своја корист. Наместо тоа, американскиот претседател можеше да демонстрира дека ја има ситуацијата под контрола во секое време и се претстави како нагласено бестрашен. „Што и да мисли човек за политиките на овој претседател, неговата жилавост во справувањето со закана е за пример“, пишува британскиот весник „Телеграф“. „Политичкиот одговор бара смиреност. Трамп барем за почеток има помирувачки тон“, стои во шпанскиот весник „Ел Мундо“.

Според експертите, ова тешко дека е случајност. „Трамп е бренд“, вели за ДВ Томас Јегер, претседател на катедрата за меѓународна и надворешна политика на Универзитетот Келн. Тоа подразбира и користење на секаква прилика за да се презентира како бренд.

„По пукањето на вечерата, презентацијата опфати: силен претседател, жртва, балска сала. Трамп, како силен претседател, е среде истрели, повторно за малку ќе беше жртва и затоа му е потребна балската сала“, вели Јегер. „Налик на 2024 година, брзо беа направени слики што на Трамп му даваат контрола врз медиумското известување“, вели Јегер. Тоа што непосредно по нападот излезе пред новинарите, укажува дека тој сака да ја задржи контролата врз наративот на настаните.

Трамп сака балска сала по секоја цена

Балската сала што Трамп, и покрај протестите од критичарите, сака да ја изгради на место на Источното крило на Белата куќа, се чини дека и покрај сите домашни политички проблеми, е главниот фокус во неговата аргументација по обидот за атентат. Со новата, воено строго тајна балска сала, нападот никогаш немало да се случи, изјави тој по инцидентот.

САД Вашингтон 2026 | Трамп зборува на вечерата со дописниците од Белата куќа по пукањето
„Нека продолжи шоуто“: Трамп се прикажа непоколеблив по инцидентотФотографија: Mandel Ngan/AFP

Активисти за заштита на спомениците во моментов преземаат правни мерки против изградбата на салата. Во неделата (26.04), Министерството за правда ги повика тужителите да ја повлечат тужбата и тоа го образложува со пукањето од претходната вечер. „Едноставно кажано: Вашата тужба ги става животите на претседателот, неговото семејство и неговиот персонал во голема опасност“, наведуваат од Министерството.

Потенцијалната стратегија на Трамп има лимит

„Границите на оваа стратегија лежат во подготвеноста на неговото движење МАГА да се води по истата“, вели Јегер во разговор со ДВ. „Сѐ додека тие го поддржуваат, тој ќе си го постигне она што го сака. Многуте теории на заговор - вклучително и оние од неговото движење - сугерираат дека ќе биде многу потешко отколку по нападот во Батлер од 2024 година“, вели Јегер.

Веќе некое време кружат теории на заговор, дури и од неговата база, кои ја ставаат под прашање интерпретацијата на минатите обиди за атентат. Особено контроверзната поранешна конгресменка Марџори Тејлор Грин неодамна на платформата Х изрази сомнеж за веродостојноста на нападот во Батлер, Пенсилванија во 2024 година.

Авторот Дејвид Фрум од американското списание „Атлантик“ потсетува на тоа колку различна беше реакцијата есента 2025 година, кога убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк беше искористено од сојузниците на Трамп за да се пресметаат со медиумите, невладините организации и критичарите. Овојпат таква ескалација нема. Претседателот Трамп наводниот сторител го опиша како напаѓач кој дејствувал сам и се воздржа од тоа инцидентот да го стави во поширока слика на заговор или профил на непријател.

Во меѓувреме, бројни политичари се придружија на барањето на Трамп за завршување на балската сала. „МОРА да ја направиме за да го заштитиме претседателот на САД и неговите гости“, напиша на пример поранешната државна обвинителка на САД, Пем Бонди, која Трамп пред неколку недели ја отповика од функцијата.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик