1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Јавната обвинителка Ленче Ристоска поднесе оставка

2 април 2026

Јавната обвинителка Ленче Ристоска поднесе оставка по одлуките на Советот на јавни обвинители и новиот државен обвинител за одземање на двата предмети „Талир“.

https://p.dw.com/p/5BZee
Јавната обвинителка Ленче Ристоска
Јавната обвинителка Ленче Ристоска поднесе оставка по одлуките на Советот на јавни обвинители и новиот државен обвинител за одземање на двата предмети „Талир“.Фотографија: Privat

Јавната обвинителка Ленче Ристоска поднесе оставка откако ја изгуби битката на два фронта – Советот на јавни обвинители ја отфрли претставката за напад врз нејзиниот професионален интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител Ненад Савески донесе одлука за повлекување на овластувањата за нејзино постапување по клучни предмети кои се во завршна фаза.

„Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и создаваат конкретни ризици за исходот на предметите што таргетираат висока корупција и организиран криминал. Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам – обвинителство што работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и доследно го брани јавниот интерес“, наведува Ристоска во објава на социјалните мрежи.

Таа додава дека, поради тоа што не гледа простор ниту перспектива за работа во согласност со своите принципи, донела одлука да поднесе оставка од функцијата јавен обвинител.

„Јавнообвинителската функција секогаш сум ја поимала како повик и можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и, пред сè, животот на граѓаните. Особен предизвик за мене беа случаите што најдиректно придонесуваат кон дерогирањето на општествените вредности и принципи“, пишува Ристоска.

Јавно обвинителство во Македонија
Не гледам простор ниту перспектива за работа во Обвинителството, вели Ленче РистоскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Високопрофилни предмети и институционални опструкции

Според неа, работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели кои ги користат своите моќ, влијание и политички конекции за да избегнат одговорност.

„Тоа вклучуваше институционални и лични опструкции – притисоци врз сведоци, менување законски решенија, чување предмети во фиока и дозволување нивно застарување. Сето тоа не ме поколеба да останам доследна и јавно да ги критикувам состојбите во правосудството“, наведува таа.

Обвинителката Ленче Ристоска неодамна не го помина ниту последниот филтер за избор на нов државен обвинител, откако Владата ја исклучи од понатамошната селекција.

Таа посочува дека своите напори сакала да ги заокружи преку кандидатурата за државен јавен обвинител, со јасна визија за институција чиј приоритет ќе биде борбата против корупцијата, криминалот и заштитата на правата на граѓаните.

Савески: Бев известен преку СМС порака

Новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески изрази жалење за одлуката на Ристоска. За нејзиниот чекор, вели дека бил известен преку СМС порака по поднесувањето на оставката, додека причините ги дознал од медиумите.

„Јавното обвинителство останува без јавен обвинител од кој очекував, со своето повеќегодишно и значајно искуство, да даде силен придонес во зајакнувањето на институционалните капацитети, особено преку нејзината улога како обвинител за врски со Европравда“, наведува тој во изјавата. 

Савески е дециден дека одлуката за отповикување на овластувањата дадени од страна на неговите претходници не била персонална и во ниту еден сегмент не била насочена кон работата или професионалниот интегритет на обвинителката Ристоска. Таа одлука, според него, е исклучиво од организациска природа и има за цел подобрување на ефикасноста и функционалноста во постапувањето на Јавното обвинителство.

Државниот обвинител ги повикува колегите да не дозволат никакви надворешни или внатрешни влијанија да го нарушат нивниот професионален интегритет и секојдневната работа. „Упатувам повик и до сите општествено влијателни субјекти да придонесат кон создавање амбиент во кој угледот на обвинителството нема да биде доведен во прашање“, порачува тој, додавајќи дека сите одлуки што ги донел, како и оние што ќе следат, се водени исклучиво од целта да се гарантира независноста и самостојноста во работата на Јавното обвинителство.

Одземени предметите „Талир“

Ристоска во последниот период беше под силни критики и политички напади. Таа поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ за тврдењата дека земала бонуси во СЈО, оценувајќи ги соопштенијата како форма на притисок, особено затоа што ги застапува предметите „Талир 1“ и „Талир 2“.

Токму, деновиве таа остана без овие предмети кои се однесуваат на поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и на партијата како правно лице. Во предметите се истражува незаконско финансирање,а побарана е и конфискација на партиски имот.