Морската блокада на САД е пречка за преговорите со Иран
21 април 2026
Тензиите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран повторно влегуваат во чувствителна фаза. Двонеделното примирје наскоро завршува, а сѐ уште нема јасна потврда дали и кога ќе продолжат дипломатските разговори.
Сепак, според информации објавени во повеќе американски медиуми, американската делегација предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс би можела во најскоро време да отпатува кон Пакистан, каде се очекува евентуална нова рунда преговори.
Подготвеност за разговори, но без договор
„Њујорк тајмс“ и Си-Ен-Ен јавуваат дека делегацијата се очекува да тргне уште денес. Долгиот лет би им дал доволно време и на иранските власти да испратат своја делегација од Техеран, иако Техеран официјално сѐ уште не се согласил на втор круг разговори.
Американската администрација во јавноста демонстрира умерен оптимизам. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави за „Фокс њуз“ дека САД се „многу блиску до договор“ и дека се работи на „навистина добар аранжман“.
Поморската блокада – клучната пречка
Главната точка на судир останува американската поморска блокада на ирански бродови и пристаништа. Претседателот Доналд Трамп инсистира блокадата да остане во сила сѐ додека не се постигне договор. Иран, пак, според достапните информации, го условува своето учество во разговорите со укинување на таа блокада.
Во меѓувреме, од Техеран пристигнуваат остри пораки. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Калибаф, преку платформата Икс порача дека Иран нема да прифати преговори „под закани“. Тој нагласи дека по завршувањето на прекинот на огнот, Иран располага со нови воени капацитети.
Доколку САД и Иран не постигнат нов договор, предупредуваат двете страни, конфликтот може повторно да ескалира. И Вашингтон, во меѓувреме, не ја исклучува можноста за разорни воени удари.
Притисок врз Трамп и глобални последици
Американскиот претседател се соочува со зголемен притисок, особено поради нестабилната ситуација во Ормускиот Теснец, кој е од клучно значење за светската трговија со нафта. Поради тоа, цените на нафтата повторно забележаа значителен раст, а горивата во САД се на највисоко ниво во последните години.
Во изборна година, со меѓуизбори во ноември, темата е политички чувствителна за Трамп. Сепак, тој демонстрираше самодоверба, порачувајќи преку својата мрежа Трут Соушл дека не чувствува никаков притисок да постигне договор.
Кога точно истекува примирјето?
Трамп го објави двонеделното примирје по полноќ, по средноевропско време, на 8 април (среда). Поради тоа, како краен рок најчесто се спомнуваше ноќта меѓу вторник и среда. Сепак, американскиот претседател подоцна прецизираше дека примирјето истекува во среда навечер, според вашингтонско време.
Бидејќи Иран е седум и пол часа пред САД, тоа значи дека примирјето таму би завршило во раните утрински часови во четврток.