1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Мицкоски: Украденото мора да се врати на народот

2 февруари 2026

Премиерот Христијан Мицкоски најави засилена конфискација на незаконски стекнат имот и нови мерки против корупцијата на седницата на Националниот совет.

https://p.dw.com/p/57w0L
Nordmazedonien | PK Antonio Costa und Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Нема селективна правда, нема заштитени и нема недопирливи. Украденото мора да се врати кај народот“, порача премиерот Христијан Мицкоски на конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот. Тој истакна дека борбата против корупцијата не завршува со покренување обвинение, туку со целосна конфискација на незаконски стекнатиот имот.

Според Мицкоски, во тек се повеќе од 50 предмети за висока корупција, за кои вели дека со години се премолчувало или свесно се игнорирале. Премиерот најави и отворање нови случаи што ќе бидат предмет на темелна истрага со цел обновување на довербата во институциите.

Тој потенцираше дека успех во борбата против корупцијата е можен само со јакнење на судството и обвинителството – институционално, кадровски и функционално. „Само силно и независно судство може да обезбеди правдата да биде ефикасна и правична“, додаде Мицкоски.

Илустрација за правда 15.07.2014
Успехот во борбата против корупцијата е можен само со јакнење на судството и обвинителството Фотографија: Volker Hartmann/dpa/picture alliance

Три клучни приоритети во Стратегијата 2025–2028

Премиерот нагласи дека конфискацијата е сложен процес кој вклучува повеќе институции и поврзани фази. Новата Стратегија за 2025–2028 ги утврдува следните приоритетни области:

1. Пронаоѓање и следење на незаконски стекнат имот

2. Привремено обезбедување и конфискација и

3. Управување и реупотреба на конфискуваниот имот

Одземениот криминален имот треба да добие нова социјална и општествено корисна вредност и да се врати во служба на граѓаните.

Димитриеска‑Кочоска: „Финансиските истраги носат конкретни резултати“

Министерката за финансии Гордана Димитриеска‑Кочоска изнесе податок дека Управата за финансиска полиција значително ја зголемила продуктивноста: Па така, ако во 2022 година имало девет финансиски истраги, во 2023 година - нивната бројка е зголемена на 17. Во 2024 година имало 10, а во 2025 година - 58 истраги, во кои се опфатени околу 400 физички и 95 правни лица. Од нив, 33 истраги се веќе завршени.

Таа дополни дека, по иницијатива на јавните обвинителства, е обезбедена судска мерка за имот вреден над 33 милиони денари, што покажува дека истрагите водат до реална конфискација и заштита на јавниот интерес.

Тошкоски: „Системот мора да биде отпорен, транспарентен и ефикасен“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски оцени дека државата се наоѓа во клучен момент за обновување на довербата во институциите. Според него, во 2025 година е забележан раст на бројот на поведени финансиски истраги и подобрување на практиките за замрзнување имот стекнат од кривични дела.

Тошкоски најави јакнење на човечките ресурси во МВР и развивање функционален механизам за социјална реупотреба на конфискуваниот имот

Тој изјави дека само во 2025 година, преку акцискиот план, имало 452 милиони денари директни приливи во буџетот од конфискација. „Конфискацијата не е казна, туку средство за враќање на правдата“, додаде министерот.

Рокас: „Следењето на парите е најсилното оружје против криминалот“

Евроамбасадорот Михалис Рокас го нагласи значењето на финансиските истраги и конфискацијата во борбата против сериозниот криминал, перењето пари, корупцијата и финансирањето тероризам. Тој потсети дека во 2025 година ЕУ донела нова стратегија за безбедност, во која клучен принцип е следењето на финансиските текови.

Рокас посебно ја потенцира важноста на Европската директива за поврат на имот и конфискација, која дополнително ја зајакнува европската рамка за борба против транснационалните криминални мрежи.