1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Грција: Во Пирејското пристаниште, шеф е Кина

5 ноември 2022

Кинеската бродска компанија Коско од 2016 година е мнозински сопственик на Пирејското пристаниште. Иако на тој начин странска сила го контролира тоа важно пристаниште, во Грција нема јавни дебати околу ризиците.

https://p.dw.com/p/4Imka
Грција пристаниште Пиреј
Терминалот во грчкото Пирејско пристаништеФотографија: Lefteris Partsalis/Xinhua/picture alliance

Во Грција нема големо разбирање за бурната расправа, која се води моментално во Германија, околу влез на кинеската државна бродска компанија Коско во сопственичката структура на пристаништето во Хамбург. Имено, по 2011 година грчката држава под притисок на т.н. Тројка, поради должничката криза, им ги продаде на странци речиси сите свои важни пристаништа и аеродроми. Во 2016 година Атина потпиша договор со Коско, според кој кинеското претпријатие стана двотретински сопственик на пристаништето Пиреј. 

Грчката влада досега беше прилично задоволна од работењето на Коско во најголемото грчко пристаниште. „Кинеската инвестиција во Пиреја има предности за двете земји“, изјави премиерот Киријакос Мицотакис на првиот состанок на врвот на Кина и 17 земји од централна и источна Европа во февруари минатата година. Кинескиот претседател Ши Џинпинг пак таа инвестиција ја опиша како „беспримерен проект“. Тој го смета Пиреја за „важен јазол за брза копнена и поморска врска меѓу Кина и Европа и поврзница меѓу Азија и Европа.“

Кинезите го модернизираа Пиреја, во меѓувреме тоа е најголемото пристаниште во источно Средоземје и седмо по големина во Европа. Работните места се сигурни, условите за работа не се ни подобри, ниту полоши од други места во Грција. Коско се движи во рамките на грчкото работно право и е подложен, барем теоретски, на контроли на надлежни тела, кои за волја на вистината – ретко се извршуваат.

Без оглед на тоа, синдикатите во Пиреја постојано се жалат на условите за работа и бараат построги сигурносни мерки откако лани смртно настрада еден пристанишен работник. Но, очигледно е дека Коско, како и секој голем работодавач во Грција, не чувствува баш преголем притисок од страна на надлежните контролни органи.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг во посета на Пирејското пристаниште во 2019 година
Кинескиот претседател Ши Џинпинг во посета на Пирејското пристаниште во 2019 годинаФотографија: Li Xueren/Xinhua/picture alliance

Претоварно пристаниште за кинески производи

Откако Коско го презеде Пиреја, неговите бродови носат сѐ повеќе кинески производи во пристаништето, кое стана едно од најважните места за претовар во Средоземјето. За другите грчки пристаништа тоа не претставува проблем, бидејќи не конкурираат со Пиреја. Но, тоа негативно се одрази на други пристаништа за претовар на стока во југоисточно Средоземно Море: тие загубија на значење и губат зделки.

Значи, дали е кинеското вложување во Пиреја  успешна приказна? Да, но само толку долго додека нема сопствена визија и пари за сопствена национална политика во пристаништата, вели Костас Хломудис, професор на Универзитетот во Пиреја. Во разговор со Дојче веле, тој објаснува дека во другите европски земји, важечките модели за учество на странски капитал во пристаништата немаат ништо заедничко со грчката пракса. Во ЕУ едно пристаниште се изнајмува на приватно претпријатие на одреден број години, а често постои поголем број конкурентски фирми кои си делат еден контејнерски терминал. Во Грција ситуацијата е сосема поинаква.

Пиреја не е Хамбург

Во пристаништето Пиреја на Коско му е продаден мнозински удел - тој прво имаше 51 процент, а сега има 67 проценти. Така, Коско може сам да одлучува за судбината на пристаништето.  „Продажбата на Пирејското пристаниште на Коско,  со оглед на начинот на кој беше изведена, е трагична грешка“, смета Хломудис. Зашто, објаснува тој, Пиреја сега, за разлика од Хамбург, навистина е зависен од една трета држава, имено – Кина.

А допрва претстои  приватизација на важното пристаниште Александруполи,  во северна Грција. Таму веројатно новиот сопственик ќе биде од САД. Тоа пристаниште веќе сега е главно место за претовар на американски испораки на оружје. Со тоа таа инфраструктура со  големо геостратешко значење за ЕУ,  ќе биде во рацете на трета земја, предупредува Хломудис.

Пристаништето Александруполи во Грција
Пристаништето Александруполи во ГрцијаФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Потребни се заеднички европски правила

За овој професор е јасно: потребни се јасни правила и треба да се реши кои услови мораат да бидат составен дел од договорите за концесија, за да не се загрозува националната и европската безбедност. Затоа тој смета дека во ЕУ се нужни единствени правила за важната инфраструктура од геостратешка важност. И дека исти правила треба да важат за пристаништата во Ротердам, Хамбург и Пиреја. 

„Ни треба заедничка европска политика. Европската комисија би требало овој проблем, кој се појави во Германија, да го искористи како шанса за создавање заеднички правила за зачувување на европските интереси кон трети земји“, вели Хломудис.

Пристаништето Александруполи во Грција
Пристаништето Александруполи во ГрцијаФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Рецепт за приватизација

Да потсетиме: на почетокот на векот во Европа постоеше еден волшебен рецепт за решавање на економските проблеми:  приватизација на инфраструктурата.  Се сакаше сѐ да се распродаде: пристаништа, аеродроми, фирми за снабдување со вода и струја. Така беше и во Грција.

Кинезите беа први кои се интересираа  за пристаништата во Пиреја и во Солун. Но, тогаш вработените во тие пристаништа успешно се спротивставија на кинеско преземање. Дури во 2009. година владата на тогашниот конзервативен премиер Костас Караманлис на Коско му го изнајми пристаништето во Пиреја.

А потоа дојде 2010-тата и грчката должничка криза. Еден од условите на Тројката, составена од претставници на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд за спас на грчкото стопанство беше – распродажба на државната сопственост. Така Коско го доби целото пристаниште во Пиреја, бидејќи Кинезите тогаш беа единствени кои сакаа таму да инвестираат.

Притисокот на Тројката доведе и до продажба на 14 грчки аеродроми на германски Фрапорт. Оваа фирма сега може да одлучува во кој аеродром ќе инвестира најмногу, а во кој не. Грчката држава веќе нема право на глас. Но, Фрапорт, за разлика од кинески или американски вложувачи, е германска, фирма од ЕУ, а не компанија од која се заканува геополитичка опасност.  

 

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки