1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Фрапорт концесии за 14 грчки аеродроми

З. Јордановски/дпа/афп18 август 2015

Германското претпријатие Фрапорт ги доби концесиите и може да го преземе управувањето со 14 грчки регионални аеродроми за наредните 40 години. Решението на грчката влада беше еден од условите за новиот пакет за спас.

https://p.dw.com/p/1GHCA
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

По повеќемесечна неизвесност конечно претпријатието Фрапорт, кое управува со аеродромот во Франкфурт на Мајна, и официјално го доби правото да управува и со 14 регионални аеродроми во Грција. Грчката влада претпладнето во Службен весник го објави решението донесено во полза на Фрапорт. Вкупната цена на концесиите за управување со сите 14 регионални грчки аеродроми изнесува 1,234 милијарди евра.

Ова е една од најголемите приватизации во последните пет години, по избивањето на финансиската кризата во презадолжената Грција, велат од фондот за приватизација ТАИПЕД. Со продажба на грчки државен имот долгорочно се планира да бидат остварени приходи од 50 милијарди евра. Продажбата на концесиите на германското претпријатие беше еден од условите за новиот, трет пакет од 86 милијарди евра финансиска помош за Грција.

Со новите, Фрапорт ќе управува со вкупно 25 аеродроми

Фрапорт, кој настапи заеднички со грчкиот партнер Копелузос, всушност уште во ноември минатата година, по огорчена борба, победи на тендерот и доби концесии со важност до 2055 година. Но, откако дојде на власт, владата на премиерот Алексис Ципрас ја стави под прашање приватизацијата и подоцна побара промени во договорите. Со оглед на тие одолговлекувања, се чини дека не е реално Фрапорт веќе годинава да го преземе раководењето со регионалните аеродроми, дотолку повеќе што претстојат и натамошни разговори, па во Фрапорт ни не сметаат дека договорот ќе биде готов до крајот на 2015 година.

Меѓу аеродромите што треба да ги преземе Фрапорт, спаѓаат и воздухопловните пристаништа на џет-сет островите Миконос, Санторини и Скиатос, како и на туристичките острови Родос, Крф, Кос, Самос и во западниот дел на Крит кај Ханиа. Конзорциумот, мнозински предводен од Фрапорт, го презема и аеродромот во вториот по големина грчки град Солун. Сите тие 14 аеродроми заедно во 2013. година оствариле волумен од 19,1 милион патници.

Фрапорт во моментов управува со 11 аеродроми ширум светот: во Франкфурт и Хановер во Германија, а покрај другите, уште и во Анталија (Турција) и Лима (Перу).