1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГрција

Грција: Најголем пожар во историјата на ЕУ

30 август 2023

Големите пожари во северна Грција оставија пустош зад себе. Настрадаа природни резервати, уништени се човечки егзистенции. Многу Грци ги обвинуваат бегалците за подметнување оган.

https://p.dw.com/p/4VjVA
Грција шумски пожари
Шумските пожари уништија голем дел од националниот парк Дадиjа во ГрцијаФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Валиа Келидоу уште не може да поверува. Нејзиното семејство во предградие на Александрупол имало повеќе од 12.000 маслинови дрвја, а тогаш стигнал огнот. Сега од бројни стебла се останати само црни остатоци, а тлото на маслинарникот е покриено со бел пепел. Настрадале повеќе од илјада маслинови дрвја. „Тука создадовме фирма која извезуваше во цел свет. А сега стоиш тука, гледаш како огнот се приближува и сето она што си го создал, едноставно исчезнува во пламенот“, раскажува Келидоу.

На ритчестото шумско подрачје покрај пограничната река Марица пожарите не се реткост.Но, изминатите години нивниот интензитет порасна. Во меѓувреме е јасно: никогаш досега во историјата на ЕУ немало толку страшни пожари и не е уништена толкава површина како изминатите денови по течението на Марица. Тоа го констатирале соработници на програмата на Европската унија за наљудување на Земјата, Коперникус, откако ги анализирале сателитските снимки.

Грција шумски пожари
Валиа Келидоу покрај своите изгорени маслинови дрвја кај АлександруполФотографија: Florian Schmitz/DW

Во североисточниот дел од земјата, на границата со Турција, настрада подрачје со големина од 770 квадратни километри. Универзитетската болница на градот Александрупол, која се наоѓа недалеку од маслинарникот на Валиа Келидоу, морала да биде евакуирана. Во пожарот настрадаа училишта и станбени згради, бројни спасувачи се повредени.

„Евакуацијата не е решение“

„За среќа не гореше во стариот малинарник, кој е еден од најстарите во регионот на Средоземно Море. Таму се наоѓаат повеќе од 200 стебла постари од стотина години“, вели Келидоу со олеснување. Нејзината фирма веќе и претходно имала проблеми поради климатската криза и инфлацијата, а сега таа и другите одгледувачи на маслинки мораат да садат нови дрвја. Ним ќе им требаат барем 20 години за да донесуваат нормални количини плодови, напоменува Валиа. Овој регион на границата со Турција и онака е лошо економски развиен, а пожарите уште повеќе ја влошија ситуацијата.

Грција шумски пожари
Во пожарите во Грција само за неколку дена настрада подрачје со големина од 770 квадратни километриФотографија: Florian Schmitz/DW

Келидоу е лута – на локалните власти, но пред сѐ на политичарите. „Евакуацијата не може да биде единствено решение“, вели и истакнува дека сака подобра превенција. „Јас не сум пожарникар и не сум стручњак за пожари, но ако секаде низ земјата гори, тогаш мора да се прават подобри превентивни планови како да се дејствува“, смета Келидоу.

Смрт во национален парк

Во северна Грција гореше истовремено на повеќе места. Локациите беа толку блиску една до друга, што пожарникарите стравуваа дека пожарите ќе се спојат. Освен кај Александрупол, пожари беснееја и во шумите на Родопите и во националниот парк Дадиjа, уникатен европски природен резерват.

За согледување на целата штета потребно е уште време, вели Силвија Закак, биолог и заменик директор на управата на националниот парк, додавајќи дека уште сега е јасно дека настрада голем дел од паркот.Моментално е важно да се пружи краткорочна помош, објаснува таа: „Сега на дивите животни им ставаме на располагање храна и вода за да не го напуштат тоа подрачје.“

Но, пожарите не ја уништија само природата и егзистенцијата на жителите, туку повторно покренаа нова жестока дебата. Подрачјето по течението на реката Марица веќе со децении е мигрантска рута од Турција во ЕУ. Поради илегални пушбекови кои ги споведуваат грчката и турската полиција, многу мигранти ја напуштаат познатата рута и се кријат низ шумите.

Грција шумски пожари
Во оваа куќичка беа пронајдени телата на 18 мигранти настрадани во шумски пожар во ГрцијаФотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

За 18 мигранти, чии изгорени посмртни останки се откриени на 22 август годинава во националниот парк Дадиjа, тоа шумско засолниште станало смртоносна стапица. Но, мнозинството грчки жители нивната судбина не ги трогна посебно. Бегалците овде се поврзуваат со шверц на цигари или алкохол. А сега ги обвинуваат и за подметнување на пожари.

Граѓански стражи во лов на мигранти

Пред неколку дена е уапсен маж кој во камп-куќичка затворил 13 мигранти, тврдејќи дека тие ја запалиле шумата. Во видео кое се ширеше низ социјалните медиуми тој гордо ја подотвора вратата на камп-куќичката, светлината паѓа на еден преплашен маж, а зад него се наѕираат и други заробени мажи. Во коментарите под видеото можеше да се прочита и вакво нешто: „Не собирајте ги. Изгорете ги!“

Портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис го осуди овој чин. Тој истакна дека полицијата и правосудството ја вршат својата работа и ќе биде гонет секој кој не ги почитува законите.

Грција мигранти
Грчки граничари во патрола покрај границата со ТурцијаФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Но ова не беше осамен случај. Експертката за миграција Лена Караманиду израснала покрај реката Марица и веќе со години во својата татковина забележува сѐ поголема омраза кон бегалците. Таа се присетува дека уште во кризата во февруари и март 2020 година, кога исто така илјадници мигранти беа блокирани меѓу турската и грчката граница, биле организирани граѓански стражи кои ги ловеле тие луѓе и притоа често употребувале сила.

„Тогаш државните институции ги оправдуваа тие акции како легитимна одбрана на регионот, на границата и нацијата против ‘хибридната закана од Турција'“, вели Караманиду за Дојче веле. Според нејзино мислење, тој менталитет уште постои: „Државата навистина ги осудува најновите насилни инциденти, но истовремено го поттикнува насилството.“