Евровизија: Израел учествува, некои земји се повлекуваат
5 декември 2025
Изборот на песна на Евровизија (ЕСЦ) следната година во Виена најверојатно ќе се одржи со учество на Израел, но без голем број други земји. На седница на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) вчера (4.12) во Женева, учеството на Израел не беше ставено на гласање, со што патот за Израел остана отворен.
Шпанија, Ирска, Словенија и Холандија најавија бојкот
Германскиот радиодифузер АРД ја поддржа одлуката, додека радиодифузните куќи од Шпанија, Ирска, Словенија и Холандија веднаш најавија бојкот на ЕСЦ.
Причина за конфликтот е дејствувањето на Израел во Појасот Газа по нападот на радикално-исламистичката палестинска организација Хамас на 7 октомври 2023 година. Неколку радиодифузни куќи уште пред повеќе месеци се заканија со бојкот на ЕСЦ, кој треба да се одржи во мај 2026 во Виена. Но, имаше и земји кои своето учество го условија со учеството на Израел. Германската влада исто така се изјасни против исклучување на Израел.
Новите правила на ЕБУ за транспарентност и неутралност
За да се смири конфликтот, ЕБУ во ноември најави нови правила за натпреварот. Според нив, меѓу другото, професионални жирија би требало да гласаат уште во полуфиналето, а правилата за рекламни кампањи ќе бидат построги.
Радиодифузните куќи членки на ЕБУ на својата седница зад затворени врати вчера очигледно со мнозинство одлучија пакетот мерки да се смета за доволен и да не се гласа конкретно за учеството на Израел.
ЕБУ соопшти дека членките ја изразиле својата „јасна поддршка за реформите за зајакнување на довербата и заштита на неутралноста“. Ова им овозможува на сите членки кои ги прифаќаат правилата да учествуваат на натпреварот.
Германската АРД ја поздрави одлуката на ЕБУ „изречно“. Новите мерки, како што се вели, служат за „зацврстување на транспарентноста, неутралноста и правичноста во процесите на гласање и организација на ЕСЦ“.
„АРД се залага за создавање свест дека единството на сите радиодифузери е основа за силата и разновидноста на ЕСЦ“, се наведува во однос на заканите за бојкот.
Политиката повторно влијае врз Евровизија
Радиодифузните куќи од Шпанија, Холандија, Словенија и Ирска веднаш по гласањето во Женева најавија бојкот на ЕСЦ.
Под овие околности, учеството „не е компатибилно“ со неговите „основни општи вредности“, изјави холандскиот радиодифузер Авротрос.
Ирскиот радиодифузер РТЕ го оправда бојкотот со „ужасните човечки загуби во Појасот Газа“ и хуманитарната криза во палестинската област.
Претходно и исландскиот радиодифузер РУВ се закани со бојкот. Сега радиодифузната куќа изјави дека дирекцијата ќе одлучува за учеството на Исланд во среда.
Други земји како Белгија, Шведска и Финска исто така го разгледуваа тоа. Шведскиот радиодифузер СВТ ги повлече своите резерви по објавата за учеството на Израел. Слоганот на ЕСЦ „Обединети преку музика“ сепак се заканува да стане фарса.
Реакции од Израел
Претседателот на Израел, Исак Херцог, на платформата X напиша дека Израел заслужува да биде „претставен на секоја сцена во светот“. Тој им се заблагодари на „пријателите кои застанаа за правата на Израел“. ЕСЦ мора да продолжи да промовира не само музика, туку и „пријателство меѓу народите и прекугранична културна размена“.
ЕСЦ треба да биде неутрален и аполитичен натпревар. Сепак, светската политика постојано влијаела врз натпреварот. Така, Русија поради својот напад врз Украина веќе не смее да учествува на него.
Австрија жали поради бојкотот – ЕСЦ заедницата поделена
Австрија како домаќин на Евровизија 2026 се радува на учеството на Израел и покажува малку разбирање за најавите за бојкот од повеќе европски земји.
Градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, изјави дека генерално е „скептичен за бојкот на уметници – особено кога тоа се однесува на нивното потекло“.
Критички се изјасни и австрискиот јавен радиодифузер ОРФ, кој го организира ЕСЦ на 16 мај.