1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Канабис во Германија: Што е сега дозволено, а што не?

23 февруари 2024

Бундестагот одлучи да даде внимателна дозвола за канабис за приватна употреба. Против тоа се опозицијата и многу експерти. Што е сега дозволено, а што останува забрането?

https://p.dw.com/p/4cnKR
Канабис Германија
Од 1 април употребата и одгледувањето на канабис во Германија ќе биде легалноФотографија: Jb Le Quere/Maxppp/dpa/picture alliance

За приврзаниците тоа е долгоочекуван крај на криминализацијата, за противниците тоа значи зголемување на опасноста младите сега да се свртат кон потешки дроги уште повеќе од порано: Со гласовите на владината коалиција на СПД, Зелените и либералната ФДП, Бундестагот се согласи да даде делумна дозвола за консумирање канабис во Германија. „За“ гласаа и пратениците од Левица. Тоа конкретно значи: Од 1 април на полнолетните лица во Германија ќе им биде дозволено да носат со себе 25 грама канабис. Оваа количина би требало да биде доволна за околу 50 до 100 цигари со канабис (џоинти). Фановите на хашиш сега во сопствените четири ѕида може да одгледуваат три растенија канабис и да складираат до 50 грама сушен канабис.

Консументите, но и многу политичари и здравствени експерти, долго време бараат да се дозволи употребата на канабис во мали количества и со тоа да се стави крај на тргувањето од страна на дилерите. Во коалицискиот договор од 2021 година, трите владини партии постигнаа начелна согласност за тоа и во списокот со планови за владата напишаа: „Воведуваме контролирано снабдување со канабис за возрасни во лиценцирани продавници, со цел за рекреативна употреба.“

Карл Лаутербах министер за здравство легализација на канабис
Сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах го претстави својот закон за внимателна легализација во август 2023 годинаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Приватни клубови наместо јавни бизниси

Меѓутоа, во законот на сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах сега веќе не се спомнуваат такви лиценцирани продавници. Барем не засега. Владата сака пред сѐ да дозволи и да ја регулира приватната потрошувачка, како и да ги растовари полицијата и судството. Освен тоа, од 1 јули, на приватни клубови со најмногу 500 членови ќе им биде дозволено заеднички да одгледуваат канабис и да ја дистрибуираат жетвата на своите членови. Засега нема да има комерцијални продавници, како на пример во некои сојузни држави во САД - иако за тоа се размислуваше на почетокот. Доколку потрошувачите во иднина сакаат да го консумираат својот канабис без да бидат казнувани, тогаш тоа нема да смеат да го прават во близина на училишта, градинки, игралишта и јавни спортски објекти. А тоа нема да биде дозволено и во пешачки зони во периодот од 7 до 20 часот. Можноста да се продава канабис во специјални продавници и да се дозволи консумирање во такви продавници, засега е одложена.

Планот на Зоран Заев за легализација на марихуаната

Два непомирливи става

Дискусијата за можната дозвола за консумирање канабис отсекогаш била во знакот на две непомирливи позиции: лекарите и другите здравствени експерти предупредуваа да не се банализира канабисот. На пример, неврологот Еуфросине Гузулис-Мајфранк, идна претседателка на Германското друштво за психијатрија и психотерапија (ДГППН), вели: „Возраста е клучната точка во оваа дискусија. Се плашам дека со планираниот закон против едно зло ќе се бориме со друго зло“. Мозокот на младите продолжува континуирано да се развива до 25-годишна возраст, а канабисот може да предизвика сериозни оштетувања, особено од психолошка природа, предупредува неврологот. И други критичари предупредуваат од опасноста преку прилично безопасната дрога канабис да се премине на посилни супстанции.

Поддржувачите, како што е пратеникот во Бундестагот, Јанош Дамен, од партијата на Зелените, кој и самиот е лекар, зборуваат поинаку. Дамен за ДВ вели: „Зголемените бројки за потрошувачката на канабис покажуваат дека политиката на забрана од последниве години не води кон тоа што помалку луѓе да консумираат канабис - напротив, потрошувачката, особено кај младите, продолжува да се зголемува“. И додава: „Затоа, целта на Законот за канабис е потрошувачката и пристапот до канабис да се направат побезбедни за информираните возрасни лица со тоа што ќе се спречи дистрибуција на контаминирани супстанции во канабисот и ќе се ограничи пазарот на црно“. 

Демонстрации во Берлин за легализација на канабисот
Демонстрации во Берлин за легализација на канабисот (12.08.2023)Фотографија: TOBIAS SCHWARZ/AFP/Getty Images

Потрошувачката во последно време навистина е зголемена, особено кај лицата на возраст меѓу 18 и 25 години. Според бројките на „Сојузната централа за здравствена едукација“, во 2021 година половина од младите луѓе веќе имале искуство со консумирање канабис. Последен пат бројката беше толку висока пред повеќе од 50 години. И покрај забраната.

Амнестијата му создава проблеми на судството

И експертите за правда предупредуваат од натамошни регулативи околу дозволата за канабис. Владата имено сака да воведе и амнестија за случаи кои досега беа предмет на кривичен прогон, а во иднина веќе нема да бидат тоа. Раководителот на германскиот Сојуз на судии, Свен Ребен за медиумската мрежа РНД изјави: „Судството на сојузно ниво очекува до 100.000 акти што ќе треба повторно да се проверат“. Тешко остварливо, вели Ребен. Значи, темата за канабисот во Германија останува актуелна и по направениот прв чекор кон слободно консумирање.

Бум на производството на медицинска марихуана

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема