1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

(Етапна) легализација на канабисот во Германија

Фолкер Витинг
13 април 2023

Германската влада сака да ја легализира марихуаната. Поседувањето 25 грама канабис треба да биде дозволено. Одгледувањето треба да биде возможно, но само во посебни задруги.

https://p.dw.com/p/4PzSj
На повидок легализација на рекреативната употреба на марихуана во Германија
На повидок легализација на рекреативната употреба на марихуана во ГерманијаФотографија: Aitor Carrera Port/Westend61/IMAGO

За многумина над министерството за здравство неделава се појави бел чад. Решението е најдено, модифициран камен темелник за легализација на канабисот во Германија е поставен и наскоро треба да биде и озаконет. Министерот за здравство Карл Лаутербах гордо неколку часа пред пресконференцијата преку Твитер објави дека „доаѓа легализацијата на канабисот”.

На пресконференцијата министерот за здравство делуваше оптимистички: „Се обидуваме да го решиме проблемот”, самоуверено најави Лаутербах. „Претходната политика во однос на канабисот пропадна”, вели тој.

Од 2011 година бројот на казниви дела поврзани со дрога во Германија е во пораст. Владата сака да го сопре таквиот тренд, да ја легализира марихуаната, да понуди чисти производи, да го сузбие црниот пазар и да ги заштити младите. За таа цел, како што рече министерот за здравство, неговото министерство развило модел во две фази.

Двофазен модел за канабисот во Германија 

Во првиот чекор, од казнивост треба да се изземе поседувањето максимално 25 грама канабис за лична употреба и тоа за лица над 21-годишна возраст. Дозволени се вкупно 50 грама месечно од овој опијат. Исто така треба да биде дозволено одгледувањето на три билки афион по лице во сопствениот двор или на балкон. Соодветниот нацрт закон според министерот за земјоделие Џем Оздемир, треба да биде претставен „уште овој месец”.

За дистрибуција на марихуана ќе се основаат т.н. канабис општествени клубови. Тоа, според замислата, треба да бидат задруги кои на своите членови ќе им обезбедуваат производи од канабис од сопствено производство. Според Лаутербах, еден клуб не смее да има повеќе од 500 членови.

Претставување на плановите за легализација на канабисот: Министрите за исхрана и земјоделство, Џем Оздемир и за здравство Карл Лаутербах
Претставување на плановите за легализација на канабисот: Министрите за исхрана и земјоделство, Џем Оздемир и за здравство Карл ЛаутербахФотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Регулирана треба да биде и продажбата на канабис. Ова е втората фаза од владиниот план. Првобитниот нацрт предвидува дека дистрибуцијата во голема мера ќе ја контролира државата како би се спречила криминализација на продажбата. За таа цел дури и аптеките треба да добијат дозвола да продаваат на лица постари од 18 години. Но, од плановите за ланци за снабдување под контрола на државата, од одгледување до продажба, властите мораа да се откажат, веројатно и под притисок од ЕК. Продажбата во лиценцираните продавници ќе биде достапна само во региони кои ќе послужат како модел.

Планот на владата е сѐопфатна легализација 

Сето ова укажува на фактот дека веќе не е прашање дали канабисот ќе се легализира, туку само како и кога. Лаутербах го спроведува она што СПД, Зелените и Либералите го ставија на хартија во заедничката владина програма „Легализирај!” Во неа стои дека „воведуваме контролирана продажба на канабис на возрасни лица за рекреативни цели во овластени продавници”.

Поседувањето канабис, хашиш или марихуана и натаму е казниво во Гаерманија. Тоа се смета за кршење на Законите за дрога и може да се гони кривично, исто како и поседувањето тешки наркотици од типот на хероин или  екстази. Реформата која владата сака да ја спроведе значајно би можела да ја растерети полицијата и јавните обвинителства. И тоа е една од целите на оваа реформа. Во правните кругови декриминализацијата на поседувањето канабис се смета за добра идеја. Претседателот на Сојузната полиција, Холгер Минх, неодамна се залагаше за тоа кривичните дела во врска со канабисот да се трансформираат во прекршочни.

Легализацијата на канабисот за полни државни каси 

Легализацијата на канабисот би можела дури и да прерасне во прифитабилна работа за државата, оценува економистот Јустус Хаукап од Диселдорф, кој со години се залага за легализација на канабисот од економски причини. Хаукап за ДВ неодамна рече дека во Германија живеат околу 4 милиони корисници на канабис.

„Се обидовме да процениме што тоа количински значи. Претпоставуваме дека пазарот тежи околу 400 тони, што се меѓу 4 и 5 милијарди евра", пресметува професорот по економија во однос на можните приходи од планираниот данок на канабис, како и заштедите во полицијата.

Бум на производството на медицинска марихуана

Во многу европски земји веќе има доста либерална политика во однос на дрогите. На пример во Холандија, Малта или Португалија каде марихуаната и слични лесни дроги се декриминализирани во голем стил. Во Шпанија користењето канабис се смета за прекршок. Конзумирањето е дозволено и во Канада, каде дури има и министер за канабис. Одгледувањето, тргувањето и дистрибуцијата се легални во Уругвај и во 19 сојузни држави на САД.

Она што останува нејасно е дали легализацијата во Германија ќе може навистина брзо да се спроведе. Двата дома, Бундестагот и Бундесратот, треба да дадат зелено светло. Ревидираниот нацрт (втора фаза) мора повторно да се испрати до ЕК на контрола.

Ервин Ридел од ЦДУ е скептичен и за ДВ вели дека сака да се „најде заеднички пат со ЕУ”. Но, министерот за здравство Лаутербах смета дека неговите планови се, како што вели, вистински „пример” за тоа каква треба да биде политиката на ЕУ во однос на наркотици. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи