1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Државата како Големиот брат – но не уште долго

21 септември 2022

Меморирањето лични податоци во Германија ги крши европските правни норми – пресуди Европскиот суд на правдата. Добро е што падна таква пресуда, смета Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/4H8UR
Протест на граѓаните против масовно меморирање и чување податоци, Берлин 2015 година
Протест на граѓаните против масовно меморирање и чување податоци, Берлин 2015 годинаФотографија: Gregor Fischer/dpa/picture alliance

Дигитален масовен надзор без повод и образложение и масовно чување и  меморирање информации  не е законска пракса, одлучи Европскиот суд на правдата. Браво! Тоа значи дека надгледувањето на вкупната електронска комуникација, што беше планирана и досега само одложувана, отсега е – илегална.

Сите кои се радуваат на тоа знаат и дека останува опасноста од тајно следење на телефонски разговори и електронски комуникации. Опасноста е само намалена. И натаму се препорачува внимателност, зашто безбедносните служби од земјата и странство никогаш нема да седат со скрстени раце.

Тоа никој и не го очекува од полицијата и тајните служби, но и тие мораат да се придржуваат на законите. Се очекува да штитат од терористички напади, да спречуваат трговија со дрога и сексуално насилство. Сето тоа е можно и без неконтролирано, масовно меморирање на приватни податоци. Во  мудрата и одмерена пресуда на Европскиот суд  пишува и како се постигнува тоа.

Според пресудата, државите-членки на Европската унија би можеле да создадат правни норми кои „предвидуваат целно зачувување податоци и/или моментално обезбедување податоци, како и општо меморирање на сите ИП-адреси.". ИП е кратенка за интернет-протокол и поедноставено кажано претставува адреса на компјутерот.

Марсел Фирстенау, автор на коментарот
Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW

Под генерален сомнеж? Не, благодарам!

Врз основа на такви електронски адреси, полицијата и тајните служби се обидуваат да идентификуваат сомнителни лица или да спречат злосторства. Во пресудата е наведено како се прави тоа на легален начин – тоа мора да се одвива „со стриктно почитување на принципот на пропорционалност.“ Населението на смее да биде изложено на генерално сомнение, мора да постои почетно сомнение против одредено лице. Дури кога судија ќе даде зелено светло, тогаш може да се меморираат сите податоци поврзани со осомничена личност.

Сега германската влада ќе мора да изработи нацрт закон, за да ги исполни сите наведени одредби од пресудата на Европскиот суд на правдата. Тоа на прв поглед нема да биде лесно, зашто Социјалдемократите на една и Либералите и Зелените на друга страна имаат различни сфаќања за оваа материја.

Социјалдемократите одамна не ги гарантираа човековите права

Социјалдемократската партија на Германија (СПД), во коалиција со демохристијаните на Ангела Меркел, лесно ги следеше неумерените барања на конзервативците во областа на безбедноста. По исламистичките терористички напади на Њујорк на 11 септември 2001 година и „глобалната војна против тероризмот“ која потоа ја прогласија САД,  човековите и граѓанските права беа драстично ограничени и во Германија.

Најниска точка до која се стигна беше реформата на законската регулатива за Сојузната разузнавачка служба (БНД), која ги легализираше надгледувањата и следењето на комуникациите на интернет ширум светот. Дотогаш тоа беше нелегална пракса, која БНД ја спроведуваше во соработка со американската Национална безбедносна агенција (НСА), а тоа го дознавме само затоа што самопожртвувано го откри  американскиот „свиркач“ Едвард Сноуден.  Тоа што тој ниту во Германија, ни во другите демократски земји не доби политички азил и со тоа заштита од правосуден прогон во САД, е јасен доказ за бедата на западниот свет. Затоа Сноуден мораше да побегне во Русија, во земјата на воениот подбуцнувач Владимир Путин.

Сноуден ќе се радува на пресудата

За среќа, како сега со Европскиот суд, човек може да се потпре и на германскиот Сојузен уставен суд кој го собори и неможниот закон за БНД. Ни новата влада нема да може само да ја препакува старата содржина во нова форма, зашто тоа нема да има шанса да помине.

Тоа би требало да го гарантираат Зелените и Либералите. И едната и другата партија отсекогаш застапуваат полиберална политика во областа на безбедноста. Додека беа во опозиција, не можеа да го спречат законот за БНД, но сега се заедно со СПД на власт.

Уште во коалицискиот договор, тројката на власт се обврза дека ќе пронајде правно решение и дека надзорот, чувањето и меморирањето лични податоци на граѓаните ќе го регулира така „што податоците ќе можат да бидат собирани и чувани во склад со законот, со повод и со судски налог.“ Тоа е јасно речено, а во светлина на пресудата на Европскиот суд, сега ќе мора брзо да се премине од зборови на дела.