1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалКосово

Фудбалот ги поврзува народите на Косово

Вјоса Ќеркини
18 февруари 2023

Благодарение на проект на ОН, српски и албански девојки заедно играат фудбал на Косово. Со помош на спортот исчезнуваат границите, кои инаку изгледаат непремостливи.

https://p.dw.com/p/4NeQi
Kosovo | serbische und albanische Fussballspielerinnin
Фотографија: Vjosa Çerkini/DW

На Брезовица, планинско место на југот на Косово, е студено и магливо. Но, пред спортската сала е живо. Многу млади девојки со спортски торби доаѓаат на фудбалски тренинг. Веќе и самото тоа е необично, бидејќи фудбалот на Косово е машка работа. Но, најнеобично од сѐ е тоа што тука заедно тренираат косовски девојки од српски и од албански семејства.

Аурора Цаколи има 14 години и на Брезовица дошла со автобус со својот клуб КФВ Приштина, од 80 километри одалечениот главен град на Косово. Тука сака да тренира, а потоа да игра против екипата на ФК Брезовица, во соеден Штрбац. На Брезовица и во Штрбац се некои од ретките поголеми српски заедници на југот на Косово, кој главно е населен со луѓе од албанско потекло. Во локалните училишта се зборува српски, додека Аурора учи на албански во Приштина.

Аурора Цаколи, фудбалерка на КФВ Приштина
Аурора Цаколи, фудбалерка на КФВ ПриштинаФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Но, за младите фудбалерки тоа не е проблем, бидејќи тие меѓу себе зборуваат на англиски. Пречки во нивниот контакт нема, ги поврзува страста кон фудбалот и љубопитноста, бидејќи косовските девојки немаат многу можности да играат фудбал. „Тешко е да се биде фудбалерка на Косово“, потврдува Аурора. „Дури почнав да тренирам и со машкиот тим, додека не дознав за КФВ Приштина.“

Зајакнување преку фудбалот

За разлика од мажите, можност за натпреварување во лигата на Фудбалскиот сојуз на Косово се нуди само на девојките и на жените постари од 17 години. Обединетите нации затоа започнаа проект за на младите девојки да им се овозможи пристап до фудбалот. Целта на проектот е на девојките на Косово да им се пружат повеќе развојни можности и истовремено да се надминат етничките граници меѓу населението.

„Девојките помлади од 17 години само низ овој проект имаат шанса да играат фудбал“, вели Арменда Филипај, основачка на КФВ Приштина. „Зајакнувањето низ фудбалот во нашата земја е многу важно, особено кога девојки од сите етнички групи се во тие екипи“. Благодарејќи на проектот на ОН досега се основани пет клуба, 2 албански, 2 српски и еден горански. Горанците се словенско-исламско малцинство од југозападниот дел на Косово.

Арменда Филипај, основачка на КФВ Приштина
Арменда Филипај, основачка на КФВ ПриштинаФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Од добиените пари, во висина од 24.000 долари, купени се дресови за фудбалерките и се покриени трошоците за тренери, судии и за превоз. Понекогаш се патува подолго, бидејќи на Косово нема многу добри терени со вештачка трева, а покрај тоа нив ги користат и машките екипи. Сепак, Арменда Филипај секогаш пронаоѓа начини нејзините девојки да можат да тренираат и да играат.

Меѓународни натпревари

„Го сакам фудбалот и се радувам на добри тренинзи и можности за играње“, вели 14-годишната Јана Симановиќ, една од фубалерките на ФК Брезовица, пред натпреварот против КФВ Приштина. Двата тима на дресовите го имаат логото на ОН. Косовско-српскиот тим е во жолти, а косовско-албанскиот во сини дресови.

Јана Симановиќ, фубалерка на ФК Брезовица
Јана Симановиќ, фубалерка на ФК БрезовицаФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Во проектот се активни над 170 девојки. Кулминација е кога играат едни против други. Овие мечеви се  и своевидни меѓународни натпревари. Фудбалерките догаѓаат од иста земја, но од различни култури и етничнки групи. Секако, двете екипи сакаат да победат, како и тренерите кои за време на натпреварот постојано делат совети. Но, веќе при поздравувањето на почетокот на натпреварот станува јасно колку се важни контактите и средбите. Веќе се има родено и понекое пријателство.

Фудбал, ништо друго

„Денешниот тренинг и пријателскиот натпревар со нашето пријателско училиште за фудбал 'Приштина' е нешто посебно, затоа што знаеме каде живееме и каква е моменталната ситуација тука“, вели Звонко Сталетовиќ, тренер на ФК Брезовица. „Нам ни е важен само фудбалот, ништо друго“.

Подготовка за тренинг на младите фудбалерки
Подготовка за тренинг на младите фудбалеркиФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Уште една особеност на проектот на ОН е ублажувањето на границите, кои се инаку цврсти и строги. Во останатиот дел на Косово, ниту еден Србин не може да биде член на некој косовски тим или на локално спортско друштво. Спортот на Косово го организираат исклучиво Албанци. „Постоеја иницијативи да се ангажираат фудбалери од српското малцинство“, вели за ДВ Таулант Ходај, генерален секретар на Фудбалскиот сојуз на Косово (ФСК). „Имаше Срби кои сакаа да играат за Косово, но, за жал, постоеше голем политички притисок од Србија, кој ги спречи спортистите и спортистките да учествуваат на натпревари кои ги организира ФСК“.

Заеднички тренинг на девојките од фудбалските клубови од Приштина и Штрбац
Заеднички тренинг на девојките од фудбалските клубови од Приштина и ШтрбацФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Вето од Србија

Косово од мај 2016 година е член на ФИФА и на УЕФА и има свој национален фудбалски сојуз. Србија тогаш протестираше поради членството и поднесе жалба до највисокиот спортски суд- КАС во Швајцарија. Судот целата работа ја оцени како аполитична и го потврди членството. Иако Косово е дел од меѓународните спортски сојузи, неговиот политички статус е спорна точка. Косовскиот парламент пред 15 години на 17 февруари 2008 година прогласи независност. Оттогаш 115 земји го признаа Косово, вклучувајќи ја и Германија. Србија, Русија, Кина, но и 5 членки на ЕУ не ја признаа незвисноста на Косово. Србија и натаму го смета Косово за своја отцепена покраина.

Двете екипи одиграа возбудлив меч
Двете екипи одиграа возбудлив мечФотографија: Vjosa Çerkini/DW

ФИФА беше свесна дека со приемот на Косово, политичките тензии и конфликти би можеле да се пренесат и на спортските терени. ФИФА затоа одлучи на меѓународните натпреварувања, како Европското првенство, квалификациите за Светско првенство или Лигата на нации на УЕФА, на косовскиот тим од политички причини нема да не му биде дозволено да игра против Србија или БиХ.

Позитивни искуства со долгорочни ефекти

Од таквите поделби девојките во Штрбац се далеку. За нив е важна можноста да ја остварат својата страст кон фудбалот, а се покажа дека освен фудбалот, тие всушност имаат исти интереси и склоности.

„Би било убаво секој ден заедно да играме фудбал и заедно да уживаме во денот“, вели Јана Симановиќ. Таа сонува да стане навистина успешна во фудбалот и еден ден да учествува на меѓународни натпреварувања.

Фудбалот ги поврзува девојките од Приштина и Штрбац
Фудбалот ги поврзува девојките од Приштина и ШтрбацФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Затоа има надеж дека нејзиниот пример и примерите на другите девојки ќе бидат важни. Колку повеќе позитивни искуства име во размената на српски и албански деца и млади, толку е подобро за целокупниот заеднички однос и нормализирање на политичката ситуација. Бидејќи, без тоа ни фудбалскиот свет меѓу Србија и Косово нема да биде нормален.

 

Вјоса Ќеркини
Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот