ЕУ предлага: Низ цела Европа со еден билет за воз
13 мај 2026
Еден единствен билет за патувања низ цела Европа: Европската комисија има намера да ги направи долгите железнички патувања поедноставни и поатрактивни како алтернатива на авионскиот превоз.
Комисијата претстави законски предлог според кој оператори како „Дојче Бан“ ќе треба да продаваат и билети од железнички компании од други земји. Тоа, од една страна, треба да го направи патувањето попрактично, а од друга страна директно ќе влијае и врз правата на патниците. Во случај на пропуштени врски, патниците на ниво на цела Европа би добиле право на обештетување.
Досега честопати без право на надомест
Во моментов, меѓународните железнички патувања често се комплицирани, бидејќи се потребни билети од повеќе различни оператори. Доколку воз доцни и патниците поради тоа ја пропуштат својата врска во странство, честопати остануваат без какви било права. Причината е што при повеќе билети од различни компании, никој не е одговорен да организира следен воз, хотел за ноќевање или да исплати обештетување.
За да се промени оваа ситуација, според плановите на Европската комисија, големите железнички компании ќе треба да ги споделуваат своите возни редови, информации за доцнења и цени со други оператори. Така, и големите железнички компании и независните платформи би можеле да понудат патувања низ Европа со еден единствен билет. Во случај на доцнења, ќе биде одговорна онаа компанија која ја предизвикала пречката.
Железничките оператори се критични
Европската комисија веќе неколкупати ги предупреди големите компании како „Дојче Бан“ и шпанската „РЕНФЕ“ да ги отворат своите податоци со цел да се зголеми конкуренцијата. Сепак, железничките оператори покажуваат отпор.
„Не постои друг случај каде некој е обврзан да го продава производот на конкуренцијата“, изјави за новинската агенција АФП директорот на Здружението на европски железнички оператори, Алберто Маѕола.
Потребна е согласност од парламентот и државите
Неколку железнички компании веќе постигнаа договор, под одредени услови, да ги превезуваат патниците и при доцнење на првиот воз без дополнителни трошоци. Меѓу нив се „Дојче Бан“, австриските железници ЕББ, француската СНЦФ и линиите на „Еуростар“.
Сепак, овој договор не е правно обврзувачки според законите на ЕУ. За новите предлози на Комисијата да стапат во сила, потребна е согласност од земјите членки и Европскиот парламент.
Расте побарувачката за меѓународни патувања
Во Германија постојат многу можности за патување со воз во странство. Од Келн и Франкфурт може да се патува до Брисел и Париз, додека од Берлин има директни линии кон Копенхаген, Прага и Будимпешта. Бројни германски градови се поврзани со Швајцарија, Австрија и Холандија. Од Франкфурт и Минхен сообраќаат и поединечни линии кон северна Италија.
„Дојче Бан“ најави дека ќе ја прошири понудата во наредните години. Планирана е директна линија од Берлин до норвешката престолнина Осло, како и засилување на неколку постојни релации.
Побарувачката за меѓународни железнички патувања постојано расте, велат од „Дојче Бан“. Според податоците на европската статистичка служба Евростат, во 2024 година околу 150 милиони патници патувале со воз на меѓународни релации.