1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Италија враќа пари за застој на автопат

ЖА / дпа
1 јуни 2026

Италија воведува враќање патарина при застој поради градежни работи на автопат. Возачите ќе добиваат делумна или целосна рефундација ако времето на патување значително се зголеми.

https://p.dw.com/p/5EdR8
Санирање на автопат
Во Италија автопатите се скапи, но отсега ќе се враќаат пари доколку возачите заглават во сообраќаен метеж предизвикан од градежни работиФотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Во Италија од сега ќе се враќаат средства доколку на автопат, за кој се наплаќа, дојде до долг застој поради градежни работи. Новата регулатива стапи во сила овој понеделник, непосредно пред почетокот на големиот летен туристички бран. Доколку вообичаеното време на патување значително се надмине, операторите на автопатите се обврзани делумно или целосно да ја вратат патарината на своите корисници.

Надоместокот може да се побара преку апликација во која се обединети сите оператори на  приватни автопати во Италија.  Возачите имаат право на рефундација доколку патувањето на делница од околу 100 километри трае најмалку десет минути подолго од вообичаеното. За подолги релации потребно е доцнењето да биде поголемо. Ако доцнењето надмине два часа, според насоките на транспортните власти, обично се враќа целата патарина.

За странците процедурата е покомплицирана

Регулативата во принцип важи и за возачите од странство. Меѓутоа, за регистрација во апликацијата е потребен италијански даночен број. Иако и неиталијанци можат да го добијат, постапката е сложена.

Исплатата се врши само ако износот за враќање е поголем од едно евро. Автопатската компанија „Autostrade per l’Italia“ наведува дека се враќаат 75 проценти од патарината ако возачот на делница од 90 километри патува 40 минути подолго од вообичаеното. При доцнење од еден час, се враќа целата сума. Меѓутоа, нема враќање пари ако станува збор за итни работи, сообраќајни несреќи или временски нарушувања. Системот треба целосно да биде оперативен до декември.

Сомнежи кај здруженијата за заштита на потрошувачите

Новата мерка беше иницирана од десничарската влада во Рим. Министерот за транспорт Матео Салвини ја оцени одлуката како „пресвртница“ во спроведувањето на правата на возачите. Сепак, италијанските здруженија за заштита на потрошувачите се сомневаат во нејзината ефикасност. Според нив, „очигледно е дека со години нема да има вистински санкции за оние кои на корисниците им обезбедуваат лоша услуга“. Дополнително, тие предупредуваат дека операторите може да ги покриваат трошоците за рефундации преку зголемување на патарините.

Во  Италија постојат околу 7.000 километри автопати. За разлика од Германија, каде нивното користење е бесплатно, во Италија за речиси целата мрежа се плаќа патарина. На европско ниво, Италија и Франција се меѓу земјите со највисоки такси: според здруженијата за заштита на потрошувачи, просечната цена изнесува меѓу седум и девет центи по километар. Други земји, како Австрија и Швајцарија, применуваат систем на вињети – временски пропусници за одреден период, до една година.

Италија се гордее со најстариот автопат во светот

Италија тврди дека го има и најстариот автопат во светот: делницата долга 50 километри меѓу Милано и градот Варезе, кој се наоѓа 50 километри северно, беше пуштена во употреба во 1924 година.