Договорени се нови правила за Северна Ирска
28 февруари 2023Пробивот е направен, на британскиот премиер Риши Сунак му олесна. Британската влада и Европската комисија веќе една година преговараат за прилагодување на правилата за Северна Ирскa, иако, три години по Брегзит, односите меѓу Лондон и Брисел го допреа дното.
„Имавме разлики во минатото, но ние сме сојузници, трговски партнери и пријатели. Сега започнува ново поглавје“, рече Сунак во Виндзор во близина на Лондон.
Риши Сунак е четвртиот премиер на Обединетото Кралство кој се обидува да ги доведе Брегзит-правилата за Северна Ирска со Европската унија во заемно остварлива форма.
Неговиот претходник Борис Џонсон првично го одобри таканаречениот Северноирски протокол во договорот за излез од ЕУ. Меѓутоа, кога во Северна Ирска се зголеми отпорот против трговските правила, Џонсон воведе закон што требаше еднострано да ги промени правилата.
ЕУ реагираше луто на ова прекршување на законот и се закани со последици. Борис Џонсон мораше да ја напушти функцијата пред да биде усвоен законот. Оттогаш неговиот закон е под мраз.
Што е суштинскиот проблем?
По Брегзит во 2020 година, Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство и се граничи со членката на ЕУ, Ирска, остана во единствениот пазар на ЕУ. Ова требаше да се обезбеди непречено движење на стоки меѓу Ирска и Северна Ирска. На чувствителната граница во никој случај не требаше да има контроли на лица или царински проверки. Се стравуваше од обновување на конфликтот меѓу протестантските унионисти, кои сакаат да ѝ припаѓаат на Британија, и католичките националисти, кои сакаат повторно обединување со Република Ирска.
Конфликтот, кој прерасна во еден вид граѓанска војна, беше решен пред 25 години со „Договорот од Велики петок“. Оттогаш, Северна Ирска е заеднички управувана од влада на унионистите и националистите.
Со излегувањето на Обединетото Кралство од ЕУ одеднаш се создаде граница за стоки од Велика Британија увезени во Северна Ирска, значи во економската област на ЕУ. Оваа имагинарна царинска граница во Ирското Море бара многу бирократија и контроли во пристаништата и аеродромите во Северна Ирска.
„Кога се зборува за гранични контроли, меѓу Велика Британија и Северна Ирска или меѓу Ирска и Северна Ирска, веднаш се навлегува во сферата на поделбите што постојат во Северна Ирска“, вели Лиза Клер Витен, политиколог од Кралскиот универзитетот во Белфаст, главниот град на Северна Ирска. „Договорот за Брегзит беше товар за политиката и владините структури. Тој ја продлабочи поделбата меѓу унионистите и националистите.“
Што регулира реформираниот Северноирски протокол?
Трговските ограничувања сега треба да се отстранат. ЕУ се согласува дека стоките што во иднина ќе се извезуваат од Велика Британија во Северна Ирска и кои ќе останат таму, значи нема преку Ирска да завршат во ЕУ, ќе бидат предмет на многу помалку контроли. Само стоките што од Велика Британија преку Северна Ирска ќе се транспортираат понатаму во ЕУ ќе треба да поминат низ дополнително царинење и контроли.
„Укинавме секаква привидна граница во Ирското Море“, рече радосно британскиот премиер. „Сирењето и компирите се вратија“, вели Риши Сунак. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, увери дека на полиците на супермаркетите во Велика Британија и Северна Ирска треба да се најде истата стока како и пред Брегзит.
Сепак, над трговските прашања надзор сѐ уште има Европскиот суд на правдата во Луксембург. Правото на збор на регионалната влада на Северна Ирска останува сериозно ограничен. Правилата се направени во Брисел.
Многу северноирски политичари на ова гледаат како на недостаток на демократија. Но, владата во Белфаст треба да добие „итна кочница“ што може да се искористи за одложување на спроведувањето на новите трговски правила. Оваа итна сопирачка би можела повторно да биде укината од британската централна влада во Лондон.
Дали проблемот сега е решен?
ЕУ ѝ излезе во пресрет на британската влада за многу работи. Премиерот Риши Сунак сега овој успех мора да им го продаде на тврдокорните поддржувачи на Брегзит во својата конзервативна партија.
Премиерот треба да ја убеди и северноирската унионистичка партија ДУП. ДУП ја издигна имагинарната граница во Ирското Море на ниво на прашање на идентитет и затоа одбива да формира влада со националистичката проирска партија Шин Фејн.
Блокиран е и парламентот на Северна Ирска. Од ДУП најавија дека прво мора внимателно да го разгледаат компромисот меѓу Европската комисија и премиерот. Риши Сунак сака „во догледно време“ да го стави новиот протокол за Северна Ирска на гласање во Долниот дом на парламентот во Лондон.
„Неговата партија нема интерес за прагматични решенија, туку претпочита чиста Брегзит-идеологија. Овој Брегзит-апетит би можел повторно да се разгори. А Борис Џонсон веќе чека во кулисите“, напиша Сидни Неш во весникот „Гардијан“. Неш порано и самиот работеше за владата на договорот за Брегзит. Тој верува дека би можел да се ниша дури и столот на Риши Сунак.
Кои се ефектите од новиот договор?
Односите меѓу Велика Британија и ЕУ во Брисел би можеле да се вратат во нормала. Обединетото Кралство, на пример, ќе има шанса повторно да се приклучи на програмата за наука на ЕУ - Хоризонт, нешто што го бараа британските универзитети.
Премиерот Сунак, поранешен банкар на Голдман Сакс, се надева дека со договорот ќе се подобри и климата за странските инвеститори, давајќи им конечно правна сигурност. Освен тоа, треба да станат порелаксирани и односите со големиот сојузник, САД. Владата на САД придава големо значење на една мирна Северна Ирска.
Американскиот претседател Бил Клинтон пред 25 години посредуваше за постигнување на „Договорот од Велики петок“. На 10 април се одбележува годишнина од договорот. Премиерот Сунак сака дотогаш ова прашање да се тргне од дневен ред. Ако биде така, американскиот претседател Џо Бајден би можел да дојде во Лондон, во официјална посета во април.
Односите меѓу Лондон и Париз исто така би можеле да се подобрат. Велика Британија и Франција по Брегзит се во несогласувања околу риболовот и бегалците во Ла Манш.Риши Сунак сака во март да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон за да ги реши и овие прашања.