1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиНигер

Пуч во Нигер: Каква е улогата на Русија?

Кејт Херсејн
12 август 2023

По воениот удар во Нигер, многумина шпекулираа за вмешаност на Русија. Бидејќи, по пучовите и прекинувањето на врските со Франција, соседните Мали и Буркина Фасо се свртеа кон Кремљ. Дали Москва стои зад пучот во Нигер?

https://p.dw.com/p/4V2zP
Поддржувач на пучот во Нигер со плакат на кој меѓу другото стои и „Да живее Русија“
Поддржувач на пучот во Нигер со плакат на кој меѓу другото стои и „Да живее Русија“Фотографија: Sam Mednick/AP/picture alliance

На демонстрациите за поддршка на пучот во Нигер, неколку луѓе вееја руски знамиња. Демонстрантите извикуваа „Да живее Путин“, како и „Долу Франција“, поранешната колонијална сила во Нигер. Ваквите знаци на проруско расположение и обвинувања од голем број украински официјални лица дека Русија стои зад воениот удар во Нигер поттикнаа шпекулации дека Москва го организирала пучот.

Но, ниту еден кредибилен коментатор не изјави дека Русија е директно одговорна за соборувањето на демократски избраниот претседател на Нигер, Мохамед Базум, на 26 јули. „Мислам дека она што се случи, и она што продолжува да се случува во Нигер, не е поттикнато од Русија или Вагнер“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен во изјава за Би-Би-Си.

Руската група Вагнер во Африка

Вагнер, озлогласената руска државно финансирана паравоена група е длабоко вмешана во случувањата во неколку африкански земји, првенствено во Централноафриканската Република, Судан, Мали и во Либија. Иако шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, го поздрави пучот во Нигер, групата не ја потврди својата вмешаност.

Експертката на Вагнер од Вашингтон, Елена Покалова, за ДВ потврдува дека „навистина нема многу докази дека Русија стои зад пучот“.

Наместо тоа, се чини дека поводот бил лична амбиција. Базум сакаше да го собори генералот Абдурахман Тијани, командантот на елитната претседателска гарда, а потоа Тијани се прогласи за шеф на новата воена хунта.

Генералот Абдурахман Чијани (десно) се прогласи за претседател по соборувањето од власт на Мохамед Базум на крајот на јули
Генералот Абдурахман Тијани (десно) се прогласи за претседател по соборувањето од власт на Мохамед Базум на крајот на јулиФотографија: REUTERS

Дали групата Вагнер е активна во Нигер?

Иако нема конкретни докази дека платениците на Вагнер се веќе во земјата, аналитичарката Покалова смета дека Нигер е „доволно важен“ за рускиот претседател Владимир Путин за Кремљ да поддржи испраќање борци таму.

„Мислам дека Пригожин нема да има проблем да собере од 1.000 до 2.000 луѓе“, вели Покалова. „Ова е токму таков вид победа што му е потребна на Путин во моментов, бидејќи тој не ги постигнува своите цели во Украина.“

Како и многу други аналитичари, Покалова предупредува дека ако Нигер постигне договор со Вагнер, земјата богата со ураниум може да се соочи со дополнителна нестабилност, кршење на човековите права, авторитарно владеење и задушување на демократските протести. 

Дали руските дезинформации помогнаа да се изврши пучот во Нигер?

Добро е познато дека Русија спроведува софистицирани кампањи за дигитално дезинформирање во Африка - вклучително и во Нигер, клучниот западен сојузник и дом на големите американски и француски бази (по пучот, водачите на хунтата ги поништија договорите за воена соработка со Франција). Овие кампањи обично се водат против Франција и САД, кои се обвинуваат за колонијализам. Се залагаат за поширока револуција во Сахел, појас со главно суво земјиште што се протега по должината на Африка, веднаш под пустината Сахара.

Според Африканскиот центар за стратешки студии, кој работи во рамките на Министерството за одбрана на САД, по државниот удар во Буркина Фасо во 2022 година, на проруските канали на Телеграм, Нигер е предлаган како идна цел.

Карта | Сите држави во појасот Сахел во Африка
Сите држави во појасот Сахел во АфрикаФотографија: DW

„Мрежите за дезинформации поврзани со групата Вагнер, исто така, двапати се обидоа да започнат гласини за државен удар во Нигер. Еден од нив делуваше како внимателно оркестрирана онлајн активност што се совпадна со патувањето на претседателот Базум во странство во февруари 2023 година“, наведува Африканскиот центар на американското Министерство.

Сепак, додека западните разузнавачки служби истражуваат дали Русија започнала насочени кампањи пред пучот, „засега за тоа не се пронајдени никакви докази“, пишува шпанскиот весник „Ел Паис“, повикувајќи се на разузнавач од една европска земја.

Историја на државни удари во Западна Африка

Во Западна Африка, од 2020 година беа извршени неколку воени удари: двапати во Буркина Фасо и во Мали и по еднаш во Чад и во Гвинеја. Нигер беше една од последните прозападни земји во Сахел.

Веќе подолго време во игра е претпоставката дека државните удари доаѓаат откако Москва повторно го започна проектот за руско-африкански односи, вели Овигве Егуегу, аналитичар во консултантската фирма „Дивелопмент Реимаџинд“. „Сепак, иако постојат докази за руски дезинформациски кампањи или за руски медиуми кои поттикнуваат антиколонијални чувства, мора да се каже дека овие антиколонијални чувства се веќе присутни во тие земји.“

Егуегу ги опишува односите меѓу Нигер и Русија како „многу тенки“, оценка што ја потврдува и Даниел Ајзенга од Африканскиот центар за стратешки студии. Тој го користи терминот „екстремно ограничени“ односи.

Врските меѓу двете земји се главно во областа на безбедноста. Во 2017 година тие потпишаа воен договор - еден од десетиците што Русија ги има со африканските земји, а кој подразбира и подобрување на соработката во борбата против тероризмот. Нигер во последниве години се соочуваше со чести напади од бунтовнички групи.

Но, таа соработка не се разви „на ниту еден суштински начин“, вели Егуегу, кој е специјализиран за односите меѓу Русија и Африка. 

Групата Вагнер е ангажирана во Централноафриканската Република, каде што нејзините оперативци го чуваат претседателот Фаустин-Арчанге Туадера
Групата Вагнер е ангажирана во Централноафриканската Република, каде што нејзините оперативци го чуваат претседателот Фаустин-Арчанге ТуадераФотографија: Leger Kokpakpa/REUTERS

Како би можеле понатаму да се развиваат врските меѓу Русија и Нигер?

Сепак, пучот отвори цела низа можности за Русија да ги прошири своите интереси во Сахел и потенцијално да добие поддршка во Генералното собрание на Обединетите нации. Повеќето земји членки на ОН повеќепати ја осудија Москва за нејзината војна против Украина.

Нигер ги поддржа трите резолуции на ОН со кои се осудува руската инвазија, додека Мали, Гвинеја и Буркина Фасо беа воздржани или не беа присутни за време на гласањето. Внесувањето на Нигер во сферата на интерес на Русија тоа може да го промени.

Продажбата на оружје на Нигер е уште еден начин Русија да ги зајакне односите.

„Истовремено, тоа оружје ќе ѝ овозможи на нигерската хунта да ги удвои своите напори во борбата против тероризмот и да ѝ помогне да ја зацврсти својата позиција како нови владетели“, вели Егуегу за ДВ.

Русија би можела да му помогне на новиот режим и „во областа на безбедноста“, што е еуфемизам за кој Нигер, една од најсиромашните земји во светот, би плаќал многу пари за услугите на Вагнер, евентуално подмирувајќи ги своите обврски со природни ресурси. како што тоа го прават Централноафриканската Република и Мали.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи