1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мировни трупи во Украина без САД?

Анчал Вохра
13 јануари 2026

Франција и Британија најавија распоредување мировни трупи во Украина по завршување на војната, но без американска поддршка планот е неизвесен.

https://p.dw.com/p/56gXJ
Знаме на униформата на ракавот на војник за време на обука спроведена од британските вооружени сили како дел од програмата Интерфлекс за украински војници, во јужниот дел на Англија, на 22 август 2024 година
Британски војници за време на обука на украински колеги во јужна Англија (2024)Фотографија: Justin Tallis/AFP/Getty Images

Кога европските сојузници се собраа во Париз за да ги зацврстат безбедносните гаранции за Украина, таму беа и пратениците на Доналд Трамп. Тоа накратко даде надеж дека гласот на ЕУ ќе се слушне во Вашингтон, и покрај жестоката контроверзност околу Гренланд.

„Во голема мера ги завршивме безбедносните протоколи“, изјави Стив Виткоф, еден од двајцата пратеници, стоејќи покрај лидерите на Франција, Германија,Обединетото Кралство и Украина во претседателската палата во Париз. „Ова е важно за кога ќе заврши оваа војна, да заврши засекогаш“, додаде тој.

Иако Франција и Британија потпишаа декларација за решеност да распоредат трупи во Украина во поствоен период, САД не понудија гаранција дека ќе им помогнат ако Русија ја загрози нивната безбедност.

Зеленски и Макрон на состанокот на „Коалицијата на волјата“ за Украина - 6 јануари 2026 година
Емануел Макрон и Володимир Зеленски во Париз, јануари 2026Фотографија: Yoan Valat/AP Photo/dpa/picture alliance

Како би изгледало распоредувањето?

Оваа недела Франција, Британија и Украина потпишаа декларација за намера да се формираат „мултинационални сили“ за поддршка на одбраната и обновата на Украина по завршување на војната. Експертите велат дека документот претставува формална гаранција за Киев.

На 6 јануари германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека Германија би можела да игра воена улога и да распореди „сили на територија на НАТО која се граничи со Украина“ по постигнување прекин на огнот. Првпат и шпанскиот премиер Педро Санчез изрази подготвеност да испрати трупи во рамки на мировна мисија, без да открие детали.

Јакоб Функ Киркегард, аналитичар од бриселскиот тинк-тенк „Бругел“, смета дека терминот „мултинационални“ намерно остава простор за приклучување и на други земји, како Австралија или Турција – голем играч на Црното Море.

Состанокот во Париз се одржа во рамки на „коалицијата на волните“, група од околу 30 земји кои ја поддржуваат Украина. САД не се меѓу нив. Во соопштението групата најави помош за изградба на „одбранбени утврдувања“ во Украина, можеби слични на оние во Финска – со мини и бодликава жица.

Лидерите исто така најавија учество во механизам за надзор на прекин на огнот што би го предводеле САД, со опрема и персонал за следење преку сензори, дронови и сателити. Украинците ќе останат „прва линија на одбрана“, додека европските трупи најверојатно ќе имаат улога на инструктори, а не борбена функција.

Станбена зграда е оштетена од рускиот напад врз Киев, Украина, во петок, 9 јануари 2026 година
Зграда во Киев погодена од руски напад на 9 јануариФотографија: Evgeniy Maloletka/AP Photo/picture alliance

Многу прашања, малку одговори

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција би можела да распореди „неколку илјади“ војници на украинска територија. Но, добивањето одобрение од парламентот е неизвесно, особено во услови на политичка и економска криза.

Во Британија потписот на премиерот Стармер предизвика критики – експертите предупредуваат дека армијата е намалена и нема доволно сили за распоредување. Стратегискиот преглед на одбраната покажува дека само мал дел од трупите е подготвен за брза акција.

Во Германија, предлогот на Мерц за распоредување трупи во НАТО земји до Украина исто така мора да помине во парламентот. Други членки на коалицијата остануваат нејасни и веројатно нема да изнесат конкретни планови пред да се воспостави мир.

„Дали сите партнери би реагирале ако Русија повторно нападне? Тешко прашање. Ги прашувам сите и сè уште немам јасен одговор“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски на 7 јануари.

Недостигот на американска поддршка – најголема пречка

Најголемата пречка за европско присуство во поствоена Украина е изостанокот на американска гаранција. Пратениците на Трамп не успеаја да разјаснат дали САД би помогнале ако Русија го прекрши мирот.

„Незамисливо е европските сили да воспостават големо присуство во Украина без американска поддршка и гаранција за интервенција во случај на напад“, предупредува Маркус Рајснер, австриски воен историчар. „Особено додека Русија ги смета западните војници во Украина за легитимни цели“.