1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦГК: Спортските клубови - миленици на општините

ДТЗ
20 декември 2023

Спортските клубови се миленици на општините. За разлика од нив, за здруженијата на граѓани и фондации има само трошки, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации

https://p.dw.com/p/4aNof
кошарка
Спортските клубови се миленици на општините - некои добиваат и по еден милион евра годишноФотографија: Fotolia/Jof

Спортските клубови се миленици на општините - некои од нив добиваат и по еден милион евра годишно од општинската каса. За разлика од нив, за здруженијата на граѓани и фондации има само трошки - тие не ја добиваат потребната финансиска поддршка од општинските буџети. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кое посочува дека општините преку буџетската ставка 463 – наречена „Трансфери до невладини организации“ во 2022 година доделиле 6,6 милиони евра.

Притоа, над 90 % од парите се доделени на спортските клубови, кои се миленици на локалните власти и во одредени општини добивале и по еден милион евра годишно, укажуваат од ЦГК. Во просек, општините во 2022 година доделиле за здруженијата на граѓани само 0,1 % од своите буџети.

Кој добил највеќе средства?

На врвот според вредноста на потрошени пари за трансфери до невладини организации е Општина Битола, која од оваа буџетска ставка исплатила износ од 74 милиони денари (1,2 милиони евра), што претставува 18,2 % од вкупните исплати од буџетската ставка 463 на сите единици на локалната самоуправа. Десетте општини кои ги имаат највисоките исплати од буџетската ставка 463 за 2022 година исплатиле 73,8 % од вкупните средства исплатени од оваа ставка во Република Северна Македонија.

Најниски исплати од оваа буџетска ставка имаат општините Зелениково и Зрновци, по 30 илјади денари (488 евра), додека, пак, општините Арачиново, Пласница, Желино, Лозово, Ранковце, Центар Жупа и Чучер Сандево немаат исплати.

Длабинското истражување открива дека над 90 % од парите од буџетската ставка 463, наречена Трансфери до невладини организации, се доделени на спортски клубови.  Во истражувањето се наведува дека миленици на локалните власти се професионалните спортски клубови, кои во одредени општини добивале и по 1 милион евра годишно.

денари
За здруженијата на граѓани и фондации има само трошки, покажува истражувањето на ЦГКФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Со исплатите на средства кон професионалните спортски клубови преку буџетската ставка 463 – Трансфери до невладини организации се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на граѓани на локално ниво е поголема од реалното, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Професионални клубови

Најголем дел од парите од општинските буџети завршуваат кај професионални клубови кои се натпреваруваат во лигите од највисок ранг во соодветните спортови, додека само мал дел завршува за рекреативниот и училишниот спорт. На врвот, според висината на добиената поддршка, се кошаркарскиот, фудбалскиот и ракометниот клуб Пелистер Битола, кои добиле 1 милион евра во 2022 година.

Општина Битола ги има направено трите највисоки исплати кон спортски клубови помеѓу осумте општини кои се предмет на истражувањето.

Според базата на податоци, општините поддржале 257 спортски клуба и 157 невладини организации. „Може да се дојде до заклучок дека просечната исплата кон спортските клубови изнесува 487.702 денари, или 7.930 евра, додека, пак, просечната исплата кон здруженијата на граѓани е шесткратно пониска и изнесува 75.500 денари, односно 1.227 евра. Највисоката исплата кон здружение на граѓани е финансиската поддршка на Општина Куманово кон здружението Регионален центар за лица со интелектуална попреченост „Порака-Наша“, во износ од 1,2 милиони денари, што е 18 пати помалку од највисоката исплата кон спортските клубови, која ја добил КК Пелистер АД, во износ од 26,1 милиони денари“, наведуваат од ЦГК.

Просечната вредност на доделените средства за здруженија на граѓани изнесува 75 илјади денари (1.227 евра), а за спортските клубови, просечно по 488 илјади денари (7.930 евра). Најголем дел од парите што се доделени исклучиво на здруженија на граѓани и фондации се за проекти од областа на социјалната заштита, по што следат проекти од областа од културата и на животната средина. „Речиси и да нема проекти од областа на доброто владеење, со што се оневозможува здруженијата на граѓани да дадат придонес во борбата против корупцијата и кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти“, се наведува во истражувањето.

Ризик од корупција

Истражувањето го потврдува различниот пристап на општините при доделувањето средства на здруженијата на граѓани. Ваквата состојба се оценува дека генерира ризик од корупција.

„Јавните повици за доделување финансиска поддршка за здруженијата на граѓани се објавуваат на веб-страниците на општините, но најчесто во нив не се наведени целите на повикот, висината на грантовите, ниту критериумите за избор на предлог-проектите. Во повиците најчесто се дадени општите области за кои се доделуваат средства и условите што треба да ги исполнат здруженијата на граѓани. На овој начин се отвора можност за нееднаков третман на здруженијата на граѓани и фаворизирање на одредени здруженија на граѓани“, наведуваа од ЦГК.

Тие забележуваат и дека повиците за доделување финансиска поддршка на спортските клубови кај повеќето општини содржат само информации кој може да аплицира, но не ги содржат и целите на поддршката или критериумите за изборот. На овој начин се зголемуваат можностите за субјективни влијанија.

Евидентиран е дури и случај на општина која објавила јавен повик за доделување средства, донела одлука за избор на проекти, но исплатата на средствата никогаш не ја реализирала. „Листата на организации кои добиле поддршка од општините, износот на добиените средства и нивната намена не се јавни кај поголем дел од општините. Ваквата нетранспарентност ги зголемува ризиците од корупција“, посочуваат од Центарот.