1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брачна двојка од Македонија заглавена во Појасот Газа

ДТЗ
12 октомври 2023

Се прави план за евакуација на 90 македонски државјани кои се наоѓаат во Израел. Можно е да се изнајми авион за нивно безбедно извлекување од Израел. Одлуката денеска треба да ја донесе Владата.

https://p.dw.com/p/4XQxF
Бујар Османи
Се прави план за евакуација на 90 македонски државјани од ИзраелФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Брачна двојка од Македонија е заглавена во Појасот Газа и се преземаат мерки за нивно извлекување од кризната зона. 

„Знаете дека територијата е изолирана од Израел. Единствен излез беше преминот преку Египет, но во моментот кога стигнале таму, граничниот премин се затворил и тие сега се заглавени. Нашата амбасада во Каиро е во постојана комуникација со брачниот пар. Тие се безбедни и не се во никаков ризик“, информираше на прес-конференција шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи. Тој најави дека се прават интензивни планови за  извлекување на македонските државјани од Израел. Со оглед на тоа дека земјата нема соодветен владин авион, се размислува да се изнајми, за македонските граѓани што побезбедно и побрзо да бидат вратени дома. Одлуката треба ја соопшти Владата во текот на денот. 

Досега се контактирани 150 македонски граѓани - во текот на денот бројката на евакуирани ќе се искачи на 60 лица, додека останува да бидат извлечени уште 90 македонски граѓани. 

Приоритет - извлекување на граѓаните од Газа

Според Османи, приоритет е извлекувањето на граѓаните во и околу Појасот Газа, каде што ситуацијата е најризична, по ракетните напади на Хамас коишто започнаа во саботата (07.10).

Таму се лоцирани  22. македонски државјани, за коишто евакуацијата е во тек. Османи вели дека тие се веќе на пат кон Атина, по што се очекува да пристигнат во земјата.

„Нашиот фокус беше да ги донесеме на аеродромот во Тел Авив и оттаму да ги извлечеме. Ноќеска петмина стигнаа во Атина, нашата амбасада им обезбеди места во комуникација со грчките власти. Ги пречека нашата амбасада во Атина, а оттаму преку Солун стигнаа во земјава. Утринава уште 17 пристигнаа во Атина“, информираше Османи.

Газа
Брачна двојка од Македонија е заглавена во Појасот Газа и се преземаат мерки за нивно извлекување од кризната зонаФотографија: Ibraheem Abu Mustafa/REUTERS

Што е преземено досега? 

На новинарското прашање, зошто се чекало досега за да се направи план за евакуација на македонските граѓани, Османи беше дециден дека уште од првиот ден биле идентификувани македонските граѓани коишто се во Израел и започнал контактот со нив. 

„Фокусирани бевме на оние граѓани коишто беа во загрозените делови. Во Тел Авив се живее побезбедно на некоја начин и аеродромите се во фунција. Приоритет ни се тие 20- тина граѓани од загрозените делови да стигнат во Скопје, а работиме да го евакуираме и брачниот пар од Појасот Газа. Другите ги контактираме и ги носиме во Тел Авив“, вели Османи.

Изминатите денови 40 македонски граѓани преку различни канали беа евакуирани во земјата. 

Османи не ја исклучува можноста дека има други македонски граѓани коишто не се детектирани дека се во Израел. „Некои можеби се во брачен однос со жител на Израел, па не сакаат да бидат евакуирани. Контактирани се 150 лица, некои од нив велеле дека се безбедни и не сакаат да се вратат“, вели шефот на македонската дипломатија.