1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДКСК: Предметите за Мерко „загубени“ во судски лавиринти

ДТЗ
23 јуни 2023

Постојат спреги што не дозволуваат институциите да функционираат како што треба, вели претседателката на ДКСК, Ивановска. ДКСК уште во 2019 година алармирала за неправилности околу работењето на Мерко.

https://p.dw.com/p/4SzFs
Билјана Ивановска
Постојат спреги што не дозволуваат институциите да функционираат како што треба, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) уште во 2019 година алармирала за неправилности околу работењето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, но предметите изминативе години се „загубиле“ во судските лавиринти. Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска вели дека не е потребно некој од надвор да дојде до ваквите наоди, бидејќи комисијата сработила многу, но институциите се тие кои не постапуваат по нивните укажувања. 

„Постојат спреги коишто не дозволуваат институциите да функционираат како што треба. Дали да тргнеме од негативна селекција, избор на раководна структура, вработувања…На секој можен начин, во секоја пора се обидува да се влијае. А, на тоа ако се додаде и недостигот на интегритет кај поединци коишто се поставени на несоодветен начин на одредени позиции, коишто имаат за враќање таму од каде што ги поставиле, многу јасно е дека ќе се функционира на ваков начин“, вели Ивановска.

Изгубена претставка

ДКСК денеска на прес-конференција информираше за сите активностите што биле преземени од нивна страна за да се укаже на неправилностите во постапувањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој неделава се најде на црната листа на САД.  Комисијата по сопствена иницијатива има отворено предмет за Мерко уште во мај 2019 година, по бројните реакции во јавноста. 

До Судскиот совет во 2019 година било пријавено и дека Мерко влијаел во Основниот суд Струга да му се зголемува минимумот за јавни набавки во услови на блокирана сметка на општината. Струшкиот суд со зголемување на минимумот во 2017 година му овозможил на градоначалникот да купи луксузно службено возило. Поради сомнеж за политичко влијание била поднесена претставка до Судскиот совет, но нема трага од предметот, тврдат антикорупционерите. 

Рамиз Мерко
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) уште во 2019 година алармирала за неправилности околу работењето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко,Фотографија: Petr Stojanovski

„Се сомневавме дека тоа е сторено поради политичко влијание врз судијата кој постапувал по барањата од должникот Општина Струга за зголемување на минимум средства за извршување на основната дејност на општината – бидејќи за две решенија со иста фактичка состојба и две образложени причини, донесени се различни одлуки“, вели Ивановска

Поради непостапување предметите застаруваат

Поради непостапување, предметите против Мерко во меѓувреме застареле, но антикорупционерите во своите папки ги чуваат сите иницијативи коишто ги поднеле до институциите во кои посочиле на злоупотребите. 

Тие алармирале до обвинителството за низа злоупотреби кои се поврзувале со работењето на струшкиот градоначалник, но епилог нема. „Констатиравме дека градоначалникот свесно и намерно ја злоупотребил службената положба и овластување и нанел штета на буџетот на општината и државата и прибавил противзаконска корист за себе и друг“, вели Ивановска. Наводите биле поткрепени и со извештаи од Државниот завод за ревизија. Но, детали од Обвинителство до каде е постапката нема. 

Јавното обвинителство во четвртокот во соопштение информираше дека за градоначалникот на Струга се водат шест предмети во обвинителствата, а некои од нив се заглавени поради вештачење. 

Во последните четири години Антикорупциската комисија изработила голем број предмети, а заклучно со 2022 година, има дадено повеќе од 100 иницијативи и препораки. Ивановска вели дека се трудат да ја подобрат соработката со Обвинителството и сите предмети кои ги поднесуваат да одат по побрза лента.

„Ние во овие четири и пол години постоиме. Сме изработиле многу и не треба 8.000 километри за некој да дојде до наодите“, вели Ивановска.