1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Агелер најави проширување на црната листа за корупција

ДТЗ
21 јуни 2023

„Овој процес трае подолго, се врши ревизија на сите докази, има и листа со имиња која е во процес на ревизија и откако ќе се утврдат сите факти, ќе се донесе одлука“, вели американската амбасадорка Анџела Агелер.

https://p.dw.com/p/4SsZK
Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Северна Македонија
Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Северна МакедонијаФотографија: Reg. Nordmazedoniens

САД сериозно ги сфаќаат сите обвинувања и докази за корупција, порача денеска (21.06) од Штип американската амбасадорка Анџела Агелер, по одлуката на Стејт департментот да го прогласат за персона нон грата струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и неговото семејство. Таа најави дека на црната листа на САД може да се најдат и други имиња освен Мерко. 

Прогласувањето на струшкиот градоначалник за непожелна личност во САД од државниот секретар Антони Блинкен, е дел од американското право, кое бара државниот секретар да преземе мерки за санкционирање кога се презентирани докази за корупција.

„Со тоа на ова лице и на неговото семејство им е оневозможен влез во САД“, вели Агелер. Амбасадорката, која присуствуваше на настан во касарната во Штип, рече дека за ваквите прогласувања за непожелни личности во САД е потребно време и дека тие се проследени со внимателен процес на ревизија, односно дека не се носат лесно и брзо. 

Истрагите продолжуваат

„Сигурна сум дека ќе има и други вакви назначувања, но кога ќе има, не можам да кажам. Тој процес се води многу внимателно. САД ова го сфаќа многу сериозно, како и обвинувањата и доказите за корупција. Народот на Северна Македонија, граѓаните на оваа држава имаат право да имаат избрани функционери на кои ќе може да им веруваат“, изјави Агелер.

Што ќе се случува отсега натаму во Северна Македонија, Агелер вели дека не сака да претпоставува, бидејќи таа е американски амбасадор и САД не може да кажат какви понатамошни активности ќе преземе владата или судството на земјата. „Но, се надевам дека ќе може да соработуваме со оние со добра волја и намери да се бориме против корупцијата“, децидна е амбасадорката.

Стејт департмент
САД подготвуваат и други листи со имиња на корумпирани функционери, коишто треба да бидат објавени во наредниот периодФотографија: Yasin Ozturk/AA/picture alliance

Стејт департментот во вторникот (20.06) го прогласи градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, за непожелна личност за САД, поради негова вмешаност во значајна корупција, се наведува во писмената изјава на Метју Милер, портпарол на Стејт департментот. За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудните и другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници“, беше наведено во соопштението. 

„Се надевам дека ова ѝ помага на владата во Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата“, изјави за Гласот на Америка заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Листа на која долго се чекаше

Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер пред неколку месеци ја најави црната листа на САД, на која, како што се велеше, треба да се најдат имиња на функционери вмешани во корупција. За таа цел во декември 2022 година во земјата престојуваше тим на американски истражители за санкции од Вашингтон.

САД всушност подготвуваат неколку листи со имиња на корумпирани функционери, коишто треба да бидат објавени во наредниот период. Санкциите треба да поттикнат подобро однесување и да ги натераат избраните функционери, наставниците и здравствените работници да постапуваат правилно, како и да си ја вршат работата со интегритет.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е првиот кој се најде на листата за санкции, која што се најавуваше подолго време. Нему и на неговото семејство им е забранет влез во САД. Во април 2022 година, Министерството за финансии на САД објави листа на санкционирани лица, на која се најдоа и  поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.