1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 500 пријави за корупција и судир на интереси до ДКСК

31 март 2026

ДКСК изминатиот период примила 455 пријави за корупција и судир на интереси, презеде неколку иницијативи до ОЈО и се соочи со две оставки во своите редови

https://p.dw.com/p/5BRMD
Симболична слика за корупција - лупа
Над 500 пријави за корупција и судир на интереси до ДКСКФотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Begsteiger

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во 2025 година работеше под силен притисок и во услови на турбуленции, проследени со две оставки – прво на претседателката Татјана Димитровска, а потоа и на членката Цвета Ристовска. И покрај организациските потреси, Комисијата разгледувала 612 пријави, од кои најголемиот дел се однесуваат на корупција и судир на интереси. 

Најмногу пријави за корупција – 455 случаи во 2025 година

Според годишниот извештај за работата на ДКСК, во 2025 година биле примени 455 пријави за сомнежи за корупција и коруптивно однесување на службени лица, како и 85 пријави за судир на интереси. Комисијата, по сопствена иницијатива, поднела уште седум пријави за корупциа и 14 пријави за судир на интереси. Најголем дел од пријавите се однесуваат на локалната самоуправа, извршната власт, правосудството, регулаторните тела, образованието, урбанизмот и здравството. 

Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, информира дека се решени 387 предмети, а се донесени 359 одлуки, бидејќи дел од предметите биле споени. „И покрај сите предизвици, сметам дека Комисијата постигна значајни резултати“, вели Чучуљ.

Иницијативи до ОЈО и конкретни мерки во 11 предмети

По разгледување на пријавите, ДКСК презела конкретни мерки во 11 предмети, од кои: 8 иницијативи се поднесени до Основното јавно обвинителство, а кои се однесуваат на незаконско именување в.д. директори, сомнежи за незаконитости во јавни набавки и незаконито располагање со буџетски средства.  Дополнително, поднесени се 3 иницијативи до други институции за утврдување одговорност кај раководни и службени лица.

Отфрлени се 79 пријави поради нејасни или веќе решени случаи, како и пријави поврзани со незадоволство од работата на судии.

Претседател на ДКСК, Адем Чучуљ, 04.12.2025
„И покрај сите предизвици, сметам дека Комисијата постигна значајни резултати“, вели Чучуљ.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Судир на интереси: 116 барања, шест потенцијални случаи

Во 2025 година до ДКСК пристигнале 116 барања за мислење, од кои Комисијата издала 108 мислења. Во шест случаи утврден е потенцијален судир на интереси. ДКСК поднела три иницијативи за поведување постапка против службени лица кои го прекршиле Законот за спречување судир на интереси (ЗСКСИ).

Споредбени податоци: помал број предмети отколку во 2024 година

Податоците од годишните извештаи покажуваат намален број на случаи во однос на 2024 година. Тогаш вкупно биле оформени 767 предмети, од кои 689 по пријави, а 78 по сопствена иницијатива. Од нив 496 се однесуваат на пријави за корупција, а 89 за судир на интереси. 

Татјана Димитровска, поранешен претседател на ДКСК
Татјана Димитровска поднесе оставка лани во ДКСКФотографија: Staatliche Kommission zur Korruptionsprävention

Година на оставки и одговорност

Турбуленциите во Комисијата ја одбележаа минатата година. Антикорупционерката Цвета Ристовска поднесе неотповиклива оставка во февруари 2025, по отворање два предмети поврзани со непријавување фирми на нејзините деца и потенцијален судир на интереси.

Ристовска беше известител за предметот поврзан со дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски, во кој ДКСК не утврди неправилности.

Ова беше втора оставка во актуелниот состав на Комисијата, по оставката на претседателката Татјана Димитровска минатата година, против која Обвинителството подоцна поднесе обвинение во случајот „Адитив“.