1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Путин во Украина си ја краде за себе „Големата победа“

Иван Преображенски
9 мај 2022

Војната против Украина е удар за сеќавањето на победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна. За Русија започнува иднина која не изгледа розово, вели рускиот политиколог Иван Преображенски во авторски текст за ДВ

https://p.dw.com/p/4B0O5
Зграда во пламен во украинскиот град Харков, по руско гранатирање
Зграда во пламен во украинскиот град Харков, по руско гранатирањеФотографија: Ukraine Emergency Ministry press service/AFP

Бомби паѓаат врз Киев, Харков и Одеса - подмолен напад без објавување војна. Кога порано ќе слушневме такви зборови, ни беше јасно дека станува збор за напад на нацистичка Германија врз Советскиот Сојуз, за „Големата татковинска војна“, како што се нарекува Втората светска војна во Русија.

Таа војна го подели времето на „пред“ и „после“, и со децении ништо не требаше дополнително да се објаснува. Кога се велеше „по војната“, сите знаеја дека тоа значи по 1945 година. Но, од февруари 2022 година, друга војна го одвои минатото од сегашноста. Во оваа војна, меѓутоа, Русија е агресор.

Недостасува последното „сврзно ткиво“.

До февруари 2022 година, сеќавањето на победата во Втората светска војна беше основа на рускиот идентитет. Сите анкети и истражувања од доцните 1990-ти покажуваат колку е важна оваа победа за јавната свест во Русија. Не случајно режимот на Путин го препозна споменот на таа победа како главно „сврзно ткиво“ на руското општество. Таа стана еден вид граѓанска религија која беше прифатена од повеќето Руси.

Рускиот претседател Владимир Путин во обраќање на воеената парада во Москва по повод „Денот на победата“
Рускиот претседател Владимир Путин во обраќање на воеената парада во Москва по повод „Денот на победата“Фотографија: Alexander Zemlianichenko/AP Photo/picture alliance/dpa

На пример, споменот на жртвите од Втората светска војна се одбележува со акцијата „Бесмртен полк“. Идејата за ова потекна од општеството, како алтернатива на државничкиот победнички патос и паролите како „Можеме да го повториме тоа“, но оваа општествена иницијатива брзо беше присвоена од страна на државната пропаганда. Денес таа е главниот руски симбол на сеќавањето на победата над нацистичка Германија. И тука руското општество ја следеше пропагандата на Кремљ. Но, во февруари 2022 година Путин го уништи и тој столб на рускиот идентитет.

Повеќе: Во пресрет на Денот на победата: Опасност од раздор меѓу Русите во Германија

Руските трупи во Украина сега не само што ги гранатираат Харков и Одеса, туку јуришаат и на Миколајив и го држат Керсон под опсада. Фрлаат бомби во близина на споменикот на Холокаустот во Бабин Јар, во Киев. Од страв пукаат врз тенковите кои се уште стојат на постаменти во украинските градови во спомен на Втората светска војна. На нишан не им  е само „Големата победа“. Тоа е тенковски напад не само врз споменот на ветераните од Втората светска војна, туку и врз неколкуте сè уште живи сведоци на војната, кои не можат да ги напуштат своите домови за време на руското гранатирање.

Нова сметање на времето

Каков и да е исходот од агресорската војна што ја започна Владимир Путин (ако не заврши со нуклеарен напад), Украинците и оние Руси кои се противат на агресијата сега имаат своја војна, „Големата украинска татковинска војна“, како што сега ја нарекуваат . Сега таа ќе ги подели животите на цели генерации на „пред“ и „после“.

Москва: воена парада за Денот на победата над фашизмот

Таа војна, а не кој било друг конфликт, како војната против Грузија во 2008 година или анексијата на Крим во 2014 година, ќе го означи крајот на „постсоветскиот историски период“, но и на самиот „постсоветски простор“. Сега тука се „Руската империја“ и оние кои успеаја да се ослободат од неа. Меѓутоа, Русија, која благодарение на победата против државниот удар во Москва во 1991 година успеа да ја зачува илузијата на „најважната демократија“ на постсоветскиот простор, сега конечно станува „Зандана за народите“, како што некогаш се велеше во СССР.

Но нема сите веднаш да ги почувствуваат актуелните промени. „Новата ера“  во Украина започна во февруари 2022 година, а многу Руси продолжуваат да ги ставаат главите во песок како ноеви.

Но и тие се на прагот на „новата ера“ , која неизбежно тешко ќе ги погоди: поради западните санкции и руските контра-санкции, поради неизбежносто поскапување на храната, поради поради сеидбите во јужна Русија и Украина кои ќе изостанат, поради недостигот на стоки и вртоглавата инфлација, како последица на изолацијата. Ако сето тоа не им се допадне на Русите и ако излезат на улица да протестираат, ќе наидат на подготвена руска полиција и Национална гарда.

Една друга Русија

Русите сега конечно ја добија својата „нова Русија на иднината“, но таа иднина не изгледа розова. Како што сега се покажува, Владимир Путин има јасна визија за иднината на земјата, само што не ја откриваше во текот на сите овие години, бидејќи на повеќето луѓе дефинитивно не би им се допаднала таа опција и би можеле да протестираат против неа.

Повеќето од нив сега се наоѓаат во една сосема друга земја, која не е ни слична на поранешната - со воена цензура и отсечена од остатокот од светот. Основата на рускиот национален идентитет, победата над фашизмот, беше уништена со ракетите истрелани кон украински Харков. Русија е на пат кон општествен судир, а Путин ја урна и последната брана.

Сега или ќе има масовни чистки на оние кои мислат поинаку, или конфликтот во општеството ќе се претвори во граѓанска војна, ако противниците на војната и пацифистите воопшто можат да пружат отпор. Во Украина ситуацијата е поинаква. Таа никогаш не била толку обединета како од почетокот на „новата татковинска  војна“. Без разлика каков би бил нејзиниот исход.