Љубовта на австриските десничари кон Кремљ | Свет | DW | 22.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Љубовта на австриските десничари кон Кремљ

Австриската десничарска влада доживува пад поради наводна внука на руски олигарх. За десничарската Слободарска партија на Австрија стана кобна блискоста со Кремљ.

Вила на Ибица, огромно количество водка и „Ред бул“, наводна богата наследничка од Русија и непристојна понуда – на двајца политичари сака да им помогне да стигнат на власт. Звучи како крими, но ова го доживеаја австриските десничарски популисти во текот на летувањето, Хајнц-Кристијан Штрахе и Јохан Гуденус во 2017 година. Тоа всушност била замка поставена од засега непознати лица, а објавена е минатиот петок.

Последиците се познати, неколку членови од владата се минато, а во ек е вистинска државна криза. Шефот на Слободарската партија на Австрија (ФПО) Хајнц-Кристијан Штрахе и неговиот политички син се фатија на мамката, зашто сценариото одговара, објаснува Андреас Јоели, дописник на австриската телевизија ОРФ од Берлин. „Наводна внука на руски олигарх, режијата едноставно добро се вклопува, зашто врски меѓу ФПО и Путин, односно меѓу ФПО и ‘Единствена Русија' навистина постојат.

ФПО и Русија тесно поврзани од 2007 година

Австриските десничари веќе со години негуваат тесни врски со Кремљ, што ги започна шефот на партијата, Хајнц-Кристијан Штрахе. Всушност, оваа партија од своето основање во 1950 година беше позиционирана силно антисоветски, а така остана и по 1990 година.

Österreich Aussenministerin Kneissl tanzt mit Putin auf ihrer Hochzeit in Gamlitz (Reuters/R. Schlager)

Владимир Путин на свадбата на австриската министерка за надворешни работи, Кнајсл

Но, во 2007 година одеднаш доаѓаат поинакви сигнали: редовни честитки за изборните победи на партијата на Путин, „Единствена Русија“, вербална поддршка кај руските воени интервенции, како на пример во 2008 година кога Путиновите трупи вмаршираа во Грузија. Потоа уследија покани од Кремљ, спорни посети на политичари од ФПО на Чеченија. Во 2016 година ФПО склопи договор за соработка со „Единствена Русија“. Контактите стануваа сѐ поинтензивни колку што Русија стануваше меѓународно сѐ поизолирана, вели Антон Шеховцов, чија специјалност е влијанието на Москва врз европските десничари. 

„Десничарско-екстремистичките организации и партии спаѓаат во малкуте политички сили во Европа кои уште соработуваат со Кремљ. На Москва ѝ се потребни сојузници на Запад“, вели овој украински научник кој живее во Виена. „Една од причините е дејството врз народот во Русија, да се покаже дека Русија не е изолирана.“

Систем на земање и давање

Притоа за ФПО и за другите десничарски популистички партии во Европа се обезбедуваат настапи во руските медиуми - добивање внимание, што за политичарите е цврста валута. Системот пак е така креиран за двете страни да профитираат, објаснува Шеховцов. „Кога еден политичар од ФПО на т. н. референдум на Крим ќе се појави како посматрач на изборите, тогаш следи покана на конференција во Москва. А таму ќе разговара  со медиумите.“ Целосно е сеедно дали деснопопулистичките политичари во минатото давале десничарско- екстремистички изјави. „Сосема е неважно дали се бивши или активни неонацисти. Единствено е важно да имаат мандат“.

За Русија не е битно само со тоа да добие легитимитет за сопствената политика, туку и да се ублажат последиците на меѓународната изолација. Шеховцов вели дека десничарските популисти од ФПО и други европски земји треба на руската влада да ѝ прават контакти со странски фирми, такви кои би сакале да инвестираат на окупираниот Донбас или анектираниот Крим. И тоа без оглед на меѓународните санкции против Русија.

Russland FPÖ und Einiges Russland unterzeichnen Vereinbarung über Zusammenwirken und Kooperation (picture Alliance/dpa/FPÖ Linz)

ФПО и „Единствена Русија“ во 2016 година потпишаа договор за соработка

Тоа е значи систем „давање-земање“, кој на политичарите Штрахе и Гуденус им е одлично познат кога во летото 2017 година ја запознале наводната внука на руски олигарх. Овој скандал секако ќе ја чини гласови ФПО на претстојните избори за Европскиот парламент, уверен е новинарот Андреас Јоели. Патем, некритичката близина кон Кремљ не се гледа како проблем.

Повеќе:

Австрија - видео со драматични последици

Австриските десничари го покажаа вистинското лице

Во меѓувреме со Јохан Гуденус ФПО го загуби главниот контакт со Москва, но тоа не значи дека ќе дојде до промена на курсот, смета Јоели.

„ФПО и натаму ќе негува врски со Русија, тие далеку го надминуваат главното лице за контакт - Гуденус, зашто одат уште понатаму, до новиот шеф на партијата Роберт Хофер.“ Хофер неодамна потпиша договор за соработка со „Единствена Русија“.

Од Москва пак деновиве малку нешто се чу. Само еден демант: никој не ја познава внуката на рускиот олигарх. А самиот олигарх изјави дека нема внука.

DW.COM

Реклама