Штајнмајер: Злите духови од минатото се враќаат! | Свет | DW | 29.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Штајнмајер: Злите духови од минатото се враќаат!

Злите духови на расизмот и антисемитизмот одново се појавуваат, предупредија претседателите на Германија и Израел во Берлин, на одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на Аушвиц.

Германците имаат обврска никогаш да не го заборават своето нацистичко минато и да го сопрат ширењето на омразата, рече претседателот Франк-Валтер Штајнмајер на седницата на Бундестагот посветена на 75-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц.

„Злите духови на минатото одново се појавуваат под нова маска“, рече Штајнмајер.

„Дополнително, тие ги претставуваат своите етнонационални, авторитарни размислувања како визии, како подобар одговор на проблемите на нашето време“.

Израелскиот претседател Реувен Ривлин ги повтори овие грижи во неговиот говор, предупредувајќи дека во посета на континентот доаѓаат „духови од минатото“.

„Грд и екстремен антисемитизам лебди над цела Европа“, рече Ривлин пред германските пратеници.

Меѓу присутните во германскиот парламент беа и пратениците на деснорадикалната АфД, која отворено ја отфрла културата на сеќавање во Германија и извинувањата за злосторствата сторени за време на нацистичкиот режим.

Гледај видео 02:51

Како внукот на командантот на Аушвиц се справува со тешкото минато?

Ривлин е вториот израелски претседател кој се обраќа пред германскиот парламент, по Шимон Перес во 2010.

Перес тогаш го искористи говорот за да повика на изведување пред правдата на преостанатите нацистички злосторници.

Сега фокусот се префрла на обидот да не се заборават ужасите на Холокаустот.

„Сега ги имаме четвртата, петтата и шестата генерација по Холокаустот и Втората светска војна“, рече Ривлин денеска пред учениците на еврејска гимназија во Берлин.

„Сега мора да најдеме начин да ви објасниме вам, и на вашите деца што се случи, и да спречиме тоа да се повтори“.

Штајнмајер ги повика учениците да го дополнат своето знаење од историските читанки со посети на Аушвиц и Израел.

Германскиот претседател говореше и за негативното влијание на социјалните мрежи. Тој спомена дека неговиот минатонеделен говор во кој ги повика Германците да се соочат со своето минато, привлекол „неверојатен“ број на негативни реакции на Фејсбук.

Темата за антисемитизмот во Германија се врати високо на политичката агенда откако еден неонацист во октомври минатата година се обиде да влезе во синагога во градот Хале и да изврши масакр врз присутните верници.

 

DW.COM

Реклама