Шоу на Путин и Ердоган за гасовод со неизвесна иднина | Свет | DW | 20.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Шоу на Путин и Ердоган за гасовод со неизвесна иднина

Ердоган и Путин помпезно слават завршување на делница од гасоводот Турски тек, иако е неизвесна продажбата гас на ЕУ и Балкан и дали таа ќе се исплати, смета Андреј Гурков.

Политичарите во многу земји поседуваат мајсторска вештина помпезно да претставуваат завршување на инфраструктурни проекти, кои всушност не се воопшто довршени. Русија во тоа има искуство уште од советски времиња, а ни на Турција „занаетот“ не ѝ е туѓ. Неодамна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со фанфари го отвори новиот аеродром во Истанбул, иако тој дури во јануари ќе биде спремен да биде во комплетна употреба.

Сега  Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин  поставија нов рекорд во оваа дисциплина. Вчера (19.11.2018) во Истанбул учествуваа на свечена церемонија посветена на завршувањето на поставување подморска делница на гасоводот  Турски тек.

Според планот, тој гасовод треба да проработи кон крајот на 2019. година, значи по една година! Зашто, на турското копно уште недостига комплетна инфраструктура за транспортирање на гас од Црно Море па натаму.

Двајцата претседатели во потрага по успешна приказна

На германски тоа се вика Richtfest, обичај да се прослави грубо завршување на работите на куќа или зграда, додека уште се гледаат немалтарисани цигли, а нема ни покрив. Свеченоста во Истанбул беше токму тоа: двајца инаку многу зафатени кормилари на своите држави најдоа време да слават поставување ражен додека зајакот уште е во шумата.

Очигледни се нивните мотиви да предизвикаат медиумска бура: Ердогановиот експанзивен економски модел се ниша од темели, турската лира е во слободен пад, инфлацијата со 25 проценти води кон катастрофа. На турскиот претседател затоа му е добредојден секој економски и надворешнополитички успех.

Тоа важи и за рускиот претседател, посебно затоа што Турски тек, покрај гасоводот Северен тек 2 низ Балтичко Море, се вбројува во омилените проекти на Путин. Двата гасоводи следат една цел: да го окончаат или макар драстично намалат транзитот на гас низ бунтовната Украина и тоа до крајот на 2019. година. Токму тогаш истекува актуелниот транзитен договор меѓу Москва и Киев.

Gurkov Andrey Kommentarbild App

Андреј Гурков

Преполовен Јужен тек со сомнителна рентабилност

Полудржавниот руски Газпром не жали пари за остварување на својата цел. Така, на руска територија се поставени двојно повеќе цевки отколку што е практично потребно, зашто првично беше планиран сосема друг гасовод низ Црно Море - Јужен тек, со четири крака и годишен капацитет од 63 милијарди кубни метри гас. 

Јужен тек требаше да пренесува гас директно кон Бугарија, а оттаму до останатите земји на ЕУ. Но, проектот не беше во склад со правилата на европскиот енергетски пазар и имаше влијателни противници во САД. Наместо да преговара и да најде компромис, Путин во 2014. година едноставно ги откажа работите и, по состанок со Ердоган, нареди четирите крака да се пренасочат кон Турција.

Во еден момент на турскиот претседател сепак му беше премногу од руски гас - дали се плашеше од преголема зависност од Москва?- па гасоводот беше сведен на два крака.  Итриот Ердоган  покрај тоа доби и попуст на цената на гасот. Така и онака баснословно скапиот потфат на Газпром стана проект кој едвај да може да биде исплатлив.

И тука меѓутоа не им е крај на дупките во руската сметка. Зашто, од два проектирани крака само еден со капацитет од 15,75 милијарди кубици годишно има дефинитивен купувач - турскиот државен концерн Ботас, кој со тој гас ќе го снабдува европскиот дел од земјата. Многу години тој регион беше снабдуван по долгиот пат преку Украина, Молдавија, Романија и Бугарија, а сега новите цевки ќе доведуваат гас директно од производителот. Без ризици и такси за транзит.

Со тоа Турција, гледано од економски аспект, е добитник во овој проект и Ердоган ги има сите причини во Истанбул да се удира во гради. За разлика од Владимир Путин. Зашто, другиот крак кој треба да транспортира гас во ЕУ и макар малку да ја подигне рентабилноста на гасоводот, би можел да се испостави како ќорсокак. 

ЕУ има посилни адути

Имено, уште не е јасно како гасот од брегот на Црно Море ќе дојде до ЕУ. Газпром на крајот на 2014. и почетокот на 2015. година речиси во вид на ултиматум бараше европските партнери сами да изградат приклучоци низ Грција па сѐ до Италија. А од тоа засега нема ништо.

Единствена алтернатива која му останува на Газпром и на неговиот патрон Путин е гасот да се доведува во Бугарија, а потоа низ постоечките или некои нови гасоводи натаму во правец на Романија, Унгарија, Австрија или Србија и Западен Балкан.

Со други зборови, Москва сега, по четири години и многу милјарди, мора да почне токму таму каде што застана со Јужен тек. Затоа меѓународните медиуми не би требало да дозволат да ги заслепи ПР-фештата во Истанбул и некритички да јавуваат дека „гасот низ Турски тек уште следната година ќе стигне во ЕУ.“

Уште ништо не е готово. На земјите од југот на Европа секако добро би им дошле и рускиот гас и транзитните такси. Но со Москва допрва треба да се испреговара под кои услови и по кои рути да се спроведе гасот. Нема сомнеж дека во тие преговори ЕУ има послни карти.

 

DW.COM

Реклама